Пишува: Валентина ВУРМО
Нема да ме чуди доколку таткото и ќерката од Кратово, кои со години го запоседнале и присвоиле геолошкиот уникатен локалитет „Куклица“, како да е нивата на дедо им, добиле пари за иновација од државата, отколку да им се суди за узурпација. Заклучокот го вадам од фактот што од 2022 година и двајцата „бизнис-иноватори“ свират како што сакаат, а надлежните се наредиле на оро, како небаре тие да се камените кукли и играат.
Ама, пак, кој ни е крив на нас другите, кога тие први се сетиле да стават ограда на општински имот, да набават кучиња чувари и да им наплаќаат за влез на посетителите?! Среќа на човештвото што не се качија на Месечината, па и таму да си маркираат своја територија!
Крајно уникатен и инспиративен бизнис-план, кој тешко дека некому би му паднал на ум, без добра логистичка поддршка. Тоа, пак, што нè резили и надвор од границите на Македонија е друга болка.
Страв, не страв, сепак од Музејот на Кратово се охрабриле, па поднеле тужба против таткото, ќерката и здружението „Извор“, со кои склучиле договор за деловна и техничка соработка, ама по само шест месеци сфатиле колку е часот и еднострано го раскинале. Ама на терен ова ништо не сменило. Шерифите си останале шерифи, од кои очигледно се плашеле и локалните полицајци, ама можеби и од кучињата, не е познато, па затоа не отишле „на сила“ да им го одземат од владение земјиштето на кое се наоѓа природното богатство.
Но, она што ја зачинува неверојатната кратовска приказна е што си го присвоиле и објектот што бил изграден со донација на ЕУ. Лично, амбасадорот Самуел Жбогар го отворил информативниот центар, изграден со 65.000 евра, пари на ЕУ. Во него, посетителите требало да добијат повеќе информации за овој природен феномен, да си купат сувенири и да се одржуваат и научни и други јавни настани, но наместо тоа, „шерифите“ се вдомиле и си живееле таму, овојпат како тоа да е куќата на дедо им. На едно од видеата се забележува шпорет во заднина, па сигурно е дека, наместо сувенири, се сервирала храна.
Амбасадорот Жбогар, очигледно уште во 2019 година, знаел со кога си има работа, па на свеченоста им порачал на властите дека, освен што треба да се горди на ваква убавина, треба да бидат и одговорни.
Времето, за жал, покажа дека одговорноста во нашата држава е мисловна именка. Самовластието на самопрогласени локални шерифи е погласно од законите. А баш во Кривичниот законик има еден убав член, како напишан за оваа ситуација, со наслов „узурпација на недвижности“.
„Тој што со намера за владение ќе заземе туѓа недвижност што со пропис е прогласена за имот во општа употреба, добро под привремена заштита или културно наследство, природна реткост или друго природно богатство, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.
И сега не ми е јасно што тука не е јасно?
Исто така, простата математика покажува дека уште еден интересен агол од уникатниот бизнис. Претпоставките на локалните власти се дека годишно, овој локалитет го посетуваат околу 30.000 посетители. Ако за влез им било наплаќано по 10 евра, тоа се чисти 300.000 евра! Ако, пак, помножиме со неколку години, колку што траела узурпацијата, ќе дојдеме и до милионска сума во евра! До душа не се чисти, туку валкани, ама доколку не морализираме, чисти се мисли кога ќарот ти останува во целост, бидејќи немаш трошоци. Освен, се разбира, ако се одбие храната за кучињата чувари.
Ама ова што навидум изгледа проста математика, ако се копа уште подлабоко, може да ја усложни. Зад овој уникатен бизнис-план на татко и ќерка, можеби се крие и цело злосторничко здружување, од локални, па можеби и државни шерифи. Затоа, како што порача некогашниот амбасадор на ЕУ, време е да покажеме одговорност! Ќе се „скаменат“ одговорните или ќе добијат признание за инвентивност. Трето нема!