Кој ќе има најмногу среќа од новиот Закон за игри на среќа?

Додека индустријата тврди дека законското решение е дискриминаторско, неуставно и штетно, бидејќи, според нив, ќе резултира со диви играчници по подруми, дел од опозицијата реагираше во сосема обратна насока, истакнувајќи дека ваков закон нема да ја смени реалноста дека земјата почна да наликува на Лас Вегас, туку само би им одел во прилог на компаниите што се занимаваат со оваа дејност.

by vlatko 20:37
20:37

Текстот е објавен на 21 мај 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.958.

Многу години наназад, политичките партии ја експлоатираат темата за дорегулација на секторот за игри на среќа, со цел да рефлектираат кон сензитивноста на јавноста и граѓаните кон ова прашање. Но, и покрај бројните најави, нов закон за игри на среќа до ден денес не стапил во сила. Имено, поранешното парламентарно мнозинство на СДСМ и ДУИ, во 2024 година изгласа законско решение, кое, меѓу другото, забрануваше објекти за игри на среќа во радиус од 500 метри од училиштата, меѓутоа тогашниот претседател Стево Пендаровски не го потпиша указот, а истиот закон не доби поддршка во втор обид. По политичките промени, пак, новата власт на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН најави слично законско решение во пресрет на ланските локални избори. Речиси една година подоцна, актуелната влада повторно почна да најавува оти предлог-закон, кој ограничува отворање обејкти за игри на среќа и забранува рекламирање, наскоро ќе биде доставен до Собранието. Всушност, во меѓувреме тоа се случи, односно новото законско решение деновиве ја доби потребната поддршка во прво читање и оди во понатамошна процедура. Сепак, тоа предизивика разни реакции – додека индустријата тврди дека законското решение е дискриминаторско, неуставно и штетно, бидејќи, според нив, ќе резултира со диви играчници по подруми, дел од опозицијата реагираше во сосема обратна насока, истакнувајќи дека ваков закон само би им одел во прилог на компаниите што се занимаваат со оваа дејност.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

По којзнае којпат, во јавноста се реактуализираа најавите за нов закон за игри на среќа и забавни игри, со кој главно треба да се ограничи можноста за отворање објекти за игри на среќа во близина на образовните установи, како и да се забрани рекламирањето на играњето на игри на среќа.

Иако од предлог до предлог низ годините имаше одредени модификации на правилата во секторот на игри на среќа, сепак, од индустријата сметаат дека сите досега предложени верзии, вклучително и последната усвоена во владата, е исклучително рестриктивна, предупредувајќи дека, доколку таа биде помине и во Собранието, може да ги доведе до колапс.

Имено, актуелната влада деновиве најави дека новото законско решение ќе забранува отворање објекти за игри на среќа, односно на казина, автомат-клубови и објекти со електронски игри на среќа во радиус од 500 метри од училиштата, додека воедно се предвидуваат низа забрани во делот на рекламирање.

Односно, треба да се забрани рекламирање надвор од деловните простории, ако има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во коцкање, да се забранат пораки што го претставуваат коцкањето како пат до финансиски успех и кои ветуваат подобар живот или решение за лични и социјални проблеми, да се забрани користење познати личности во реклами итн.

Имаме чувство дека државата полека, но сигурно наликуваше на Лас Вегас. Буквално, на секој чекор гледавме дуќани во кои со силни светлечки реклами се рекламира овој тип на среќа, пред сè, мислам на казината и коцкањето и некако како правило до нив веднаш имате канцеларија за брзи кредити, па веднаш до нив имате заложувалница.

Тоа е некако еден систем, кој мора да го регулираме и претставува систем, кој, за жал, е причина за многу семејни и човечки несреќи. Со овој закон се регулира оваа дејност. Повеќе нема да има таков тип на реклами што привлекуваат внимание. Во некои места дури цели маала имаше по неколку казина – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Додека Мицкоски и владата велат дека овој предлог-закон се носи „ултратранспарентно“ и има цел да го заштити интересот на државата и на граѓаните преку ставање на ред и дисциплина во игрите на среќа, од организациите што ги обединуваат операторите на игри на среќа, пак, го тврдат токму спротивното. Какви се нивните аргументи?

АЛБАНСКОТО ИСКУСТВО

Па така, од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) реагираат дека и меѓу нивните врвни приоритети е заштитата на младината од евентуална зависност од игри на среќа, меѓутоа, како што велат, предложените забрани се дискриминаторски, спорни од уставен аспект и тие нема да ги постигнат посакуваните ефекти.

„Дистанцата од 500 метри е законска одредба, која ќе ги затвори легалните објекти за игри на среќа. Дистанцата не може да се спроведе во пракса со опстојување на легалните објекти за игри на среќа. Дистанцата, не само што не е решение, туку тоа ќе создаде хаос во општеството.

Затворањето на легалните објекти за игри на среќа, како што се случи и во Албанија, ќе предизвика отворање објекти на црно по подруми каде што младината ќе биде лесна цел. Државата ќе изгуби најмалку 350 милиони евра годишен прилив во Буџетот, што во моментов е најмалку 6 проценти од проектираните приходи“, велат од АПИС.

Воедно, реагираа и од Асоцијација на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), од каде што, исто така, побараа предлог-законот за игрите на среќа да се стопира, бидејќи, според нив, неговото донесување ќе биде „обид за затворање на легалните приредувачи на игри на среќа, монополизација на оваа гранка од страна на власта и поединци, кои од тоа имаат голема корист и отворање на нелегалното обложување по примерот на Албанија“.

„Со овој предлог-закон се затвораат над 10.000 директни работни места и повеќе од 50.000 индиректни во индустрии поврзани со игрите на среќа, а државниот буџет ќе изгуби повеќе од 280 милиони евра годишно. Овој закон значи уништување на целата легална индустрија. Со уривањето на легалната индустрија, владата свесно ја отвора вратата за нелегалното обложување.

Затворањето на регулираните објекти нема да ја намали желбата за игра, туку само ќе ја префрли во темните подруми и на нелегалните онлајн-платформи, кои се надвор од секаква институционална контрола. Наместо заштита, граѓаните ќе бидат турнати во рацете на криминалното подземје. Дали е ова една од скриените цели?“, прашуваат од АСОМ.

Всушност, и од двете организации го споменуваат искуството со Албанија, каде што, како што објаснуваат, за кратко време се отвориле многу нелегални објекти за игри на среќа. Затоа, истакнуваат од таму, албанските власти ја прекинале 4-годишната забрана на легалните игри на среќа, со образложение дека почнале да никнуваат диви играчници како печурки, а нивниот буџет изгубил значителни приходи.

СТРОГ ИЛИ МЕК ЗАКОН?

Ако индустријата за игри на среќа ја критикува владата дека со ригиден закон ќе направи директна штета врз приредувачите на игри на среќа, што автоматски ќе резултира со поголем број невработени, намалени буџетски приливи и сл., владата истовремено трпи критики за овој закон, кои одат во целосно друга крајност, т.е. дека овој предлог-закон е само форма без суштина.

Во таа насока, опозициската Левица на Димитар Апасиев реагираше дека, наместо суштинска реформа, власта нуди „шминкерски закон“, кој, според нив, единствено му удоволува на коцкарскиот бизнис и создава лажен впечаток за наводна регулација. Со вакви половични мерки, од опозициската партија оценуваат дека нема да се намали зависноста од коцкање, ниту ќе се заштитат младите.

„Доколку власта навистина сака да ги ограничи игрите на среќа, тогаш треба да го прифати предлогот на Левица – казината и обложувалниците да бидат дозволени исклучиво во погранични реони и туристички ресорти, надвор од урбаните средини и секојдневниот живот на граѓаните и младите. Сѐ друго е само политички маркетинг и заштита на профитите на коцкарската индустрија“, порачаа од Левица.

Притоа, партискиот портпарол и пратеник Амар Мециновиќ појасни дека Левица ќе поднесе предлог-закон за речиси целосна забрана на коцкањето и ограничување на рекламирањето на игрите на среќа, со што, најави тој, се воведуваат суштински ограничувања на дејноста за коцкање. Според него, институциите мора да покажат дека човечкото достоинство, семејната стабилност и иднината на младите се поважни од секој вид приватен профит.

Денес дојде ден да се зборува за коцкањето, затоа што предолго се случува како еден феномен, кој има дегенеративна основа, а во Собранието веќе долго време не се зборува затоа што политичарите и властите тоа одбиваат да го направат. Прашањето е дали ќе дозволиме цели населби да бидат преплавени со индустрија што заработува од надежта, стравот и економската несигурност на граѓаните – рече Мециновиќ.

Патем, тој и неговата партија посочуваат дека актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН сега го предлага истиот закон за игри на среќа што своевремено го предлагаше владата предводена од СДСМ и ДУИ, кога сегашните властодршци, тогаш во улога на опозиционери, оценуваа дека ова законско решение, т.е. одредбите во него што содржат забрани и ограничувања се смешни и недоволни.

„Денес, истите тие политички партии, не само што се откажаа од сопствените ветувања, туку очигледно целосно ретерираат пред коцкарскиот лоби-бизнис. Разликата е само што, наместо СДСМ и ДУИ, сега ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се новите политички покровители на шемата со игрите на среќа. Особено лицемерно е што власта зборува за борба против коцкањето, а притоа не ја укинува онлајн-платформата „Мегавин“, велат од опозициската партија.

НЕУСПЕШНА ОПЕРАЦИЈА

Колку за потсетување, во изминатите години, многупати, во време на различни влади, се најавуваше нов построг закон за игри на среќа, но сето тоа остана само на ниво на најави, бидејќи ново законско решение никогаш не беше донесено, односно никогаш не стапи во сила. Како се одвиваа и како завршија овие процеси?

Во време на двете влади на СДСМ, предводени од Зоран Заев и од Димитар Ковачевски, албанскиот партнер во владата – ДУИ на Али Ахмети постојано јавно застапуваше позиција дека потребна е посилна регулација на секторот со игри на среќа, залагајќи се за затворање на голем број од ваквите објекти, на линија на определбата на големото мнозинство граѓани.

По многу години декларативни заложби, конкретни чекори на овој план беа преземени дури во 2024 година, кога тогашното парламентарно мнозинство на СДСМ и ДУИ изгласа нов закон за игри на среќа, кој предвидуваше дислокација на објектите ако се во радиус од 500 метри од училишта, но и зголемување на висината на лиценците за нивно отворање од 105 на 200 илјади евра.

„Оддалечувањето на казината и обложувачниците, како и демонополизацијата на индустријата се дел од политиката и програмата на ДУИ, но и на владата“, соопштија од ДУИ по усвојувањето на законот, кога оваа партија официјално промовираше поконзервативен поглед и пристап кон игрите на среќа, додека СДСМ изгледаше малку порезервирано.

Арно ама, овој закон никогаш не почна да се имплементира, од причина што тогашниот претседател Стево Пендаровски не го потпиша указот за негово прогласување, образложувајќи дека, меѓу другото, законот бил донесен во скратена постапка преку злоупотреба на европското знаменце, што било забележено и во извештаите на ЕК за напредок на земјава. Во неговото писмено оразложение, покрај другото, стоеше:

„Претседателот Пендаровски смета дека измените и дополнувањата на законот се донесени преку несоодветна употреба на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на ЕУ, популарно позната како процедура со европско знаменце, во ситуација на отсуство на суштинско АКИ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано ЕУ АКИ што може да биде релевантно…“.

Поради важноста за „сеопфатно регулирање на оваа област“, тој истовремено го повика Собранието без одложување одново да почне дебата и постапка за ова прашање, но, како што нагласи, во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, „онака како што ѝ доликува на една зрела парламентарна демократија“

НАЈАВИ БЕЗ ЗАВРШНИЦА

Веднаш потоа, СДСМ и ДУИ направија уште еден обид да го донесат законот, но тоа не се случи, бидејќи „за“ гласаа само 51 пратеник, што беше значително помалку од неопходните 61. Бездруго, ваквиот развој на настаните јави сомнеж дека тогашната власт воопшто немала искрена волја да го истурка овој закон до крај, туку само режирала операција со планиран неуспех, колку само да се придобијат симпатии на граѓаните.

Во секој случај, набргу дојдоа парламентарните избори, така што проектот за поригидна регулација на игрите на среќа чекаше нови времиња, кои донесоа и поинаква констелација на политичката сцена. Како што е познато, власта ја презедоа ВМРО-ДПМНЕ и партиите, кои деновиве се обединија во новата партија ВЛЕН, од каде што ја реафирмираа оваа тема непосредно пред локалните избори што се одржаа кон крајот на ланската 2025 година.

Од над 7.000 ВЛТ апарати, со првиот удар ќе се отстранат 4.000. Го забрануваме рекламирањето на коцкањето. Казина повеќе ќе нема низ населени места, градови и села, како што е случај денес. Ги отстрануваме коцкарските клубови и обложувалниците, кои организираат коцкање и сите други форми на коцкарски објекти најмалку 500 метри од училиштата, а ги зголемуваме даноците и давачките за да се отежне постапката за отварање обложувалници.

Казино-индустријата, која подолго време беше претворена во главно бизнис-претпријатие во нашата земја, сега доживува сериозен удар. Наследивме општество во кое коцкањето беше во подем. Казината и обложувалниците беа отворени на секој агол. Денес, на територијата на целата држава функционираат најмалку 1.500 центри за коцкање, обложувалници и апарати за коцкање – рече тогашниот прв вицепремиер Изет Меџити, кој во меѓувреме стана градоначалник на Чаир.

Но, ваков закон пак не беше донесен. Многу бргу по оваа најава на Меџити во јули дојдоа локалните избори (октомври-ноември), поради кои безмалку се заборави дека само неколку месеци претходно, на големо се најавуваше нов закон за игри на среќа од страна на власта, што вообичаено предизвика реакции од индустријата дека законот е штетен, но и реакции од опозицијата дека законот е благ.

Впрочем, од првичните навестувања на актуелната владејачка структура дека ќе се донесе нова регулатива за игри на среќа досега мина безмалку цела година, така што последно се најавува дека законското решение наскоро ќе биде доставено до пратениците. Времето ќе покаже дали ваков закон навистина ќе се донесе, или, пак, повторно се ќе заврши само на ниво на најави, со цел политички поени или можеби поради други задни цели и намери.

Инаку, досега беа затворени 358 нелегални странски онлајн-платформи, кои функционирале без лиценца, без контрола и без никаква заштита за граѓаните. Во тој контекст, анализата на Институтот за јавно здравје, објавена во лани во декември, покажа дека 25 отсто од учениците се коцкале во последните 12 месеци, при што онлајн-коцкањето е застапено кај 15 отсто од учениците.

Слични вести