Кои политички лидери го зголемија личниот рејтинг, а кои целосно исчезнаа од анкетите?

Мицкоски, Ахмети, Апасиев и Димитриевски имаат повисок личен рејтинг од нивните партии – ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Левица и ЗНАМ, додека СДСМ има повисок рејтинг од оној на партискиот лидер Филипче, покажува најновата анкета на „Маркет Вижн“. Ако се направи споредба меѓу оваа и анкетите спроведени лани, може да се изведе заклучок дека рејтингот на Мицкоски останал безмалку ист, притоа се забележува пад кај Филипче и Ахмети, додека раст има кај Апасиев, Димитриевски и, пред се, кај Меџити од 1,8 отсто. Во меѓувреме, некои политичари целосно исчезнаа од радарот на испитаниците, меѓу кои е Таравари, чиј рејтинг лани надминуваше 3 отсто, а веќе го нема меѓу политичките лидери со најголема доверба.

by vlatko 18:48
18:48

Најновата анкета на „Маркет Вижн“, спроведена по телефонски пат во периодот од 2 до 18 март врз репрезентативен примерок од 1.200 испитаници, покажува дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски ја задржуваат стабилната предност во однос на ривалите, меѓутоа може да се забележат осцилации кај други политички партии и лидери во споредба со претходните анкети, пред се во, условно кажано, албанскиот блок.

Имено, во рамки на последната анкета, Мицкоски има рејтинг од 25,2 отсто, по што следуваат лидерот на ДУИ Али Ахмети со 5,6 отсто, лидерот на Левица Димитар Апасиев со 4,2 отсто, еден од фронтмените на ВЛЕН и градоначалник на Чаир Изет Меџити со 3,9 отсто, додека лидерот на СДСМ Венко Филипче е на 5-то место со рејтинг од 3,6 отсто.

Покрај нив, на оваа листа уште се наоѓаат лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски со 3 отсто, како и уште двајца лидери на коалицијата ВЛЕН која е во процес на трансформација во партија – Биљал Касами и Беким Сали, кои имаат рејтинг од 2 отсто, односно 0,4 отсто. Сепак, најголем број од испитаниците, или цели 41,3 отсто се изјасниле дека немаат доверба во ниту еден политичар, додека дополнителни скоро 10 отсто рекле дека не знаат за кого да се изјаснат, или, пак, одбиле да одговорат.

Што се однесува до рејтинзите на политичките партии, 24 отсто од испитаниците се изјасниле дека на следните избори ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, што значи дека индивидуалниот рејтинг на лидерот Мицкоски е повисок за над 1 процент во однос на партискиот рејтинг. По ВМРО-ДПМНЕ, според истата анкета, следува ВЛЕН со рејтинг од 5,1 отсто, СДСМ е на трето место со 4,9 отсто, додека ДУИ има 4,8 отсто. Овој список се заокружува со Левица (3,1 отсто) и ЗНАМ (2,1) отсто.

Оттука произлегува дека Ахмети има втор највисок личен рејтинг веднаш по Мицкоски, меѓутоа неговата ДУИ е 4-та партија според партиските рејтинзи и заостанува зад главниот опонент ВЛЕН, која е позиционирана на второ место помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Покрај тоа, вреди да се напомене дека Апасиев и Димитриевски имаат повисок рејтинг од нивните политички партии Левица и ЗНАМ за 1,1, односно 0,9 отсто, а обратна ситуација има кај СДСМ, со оглед дека во овој случај рејтингот на партијата е повисок за 1,3 отсто од оној на лидерот.

Инаку, „Фокус“ направи споредба меѓу оваа и претходната анкета на истата агенција во соработка со МКД, спроведена ланската 2025 година во периодот од 9 до 21 септември. Притоа, оваа компарација и мини-анализа покажува значителни промени кај одредени политички лидери, со тоа кај некој од нив има евидентно зголемување на рејтингот, додека други речиси исчезнале од радарот на испитаниците и граѓаните. За што поточно станува збор?

Ако рејтингот на Мицкоски е безмалку ист и на двете анкети (25,2 и 25,3 отсто), тогаш се забележува пад кај неговите главни противници од опозицијата. Па, така, рејтингот на Ахмети на претходната анкета бил 6,3 отсто, што значи дека претрпел пад од 0,7 отсто, имајќи во предвид на последната анкета тој изнесува 5,6 отсто. Уште поголем е падот кај Филипче, чиј рејтинг на претходната анкета лани бил 4,8 отсто, а на оваа изнесува 3,6 отсто, што претставува пад од 1,2 отсто.

Наспроти тоа, скок се забележува кај Апасиев, чиј рејтинг пораснал од 3,2 на 4,2 отсто или за еден процент. Воедно, иста тенденција се забележува и кај Димитриевски, чиј рејтинг пораснал за 0,8 отсто, односно од 2,2 на 3 отсто. Сепак, највисок раст е регистриран кај Меџити, кој на претходната анкета имал рејтинг од 2,1 отсто, а на последната има 3,9 отсто, што претставува пораст за 1,8 отсто. Исто така, во истиот период благо зголемување има и на рејтингот на Касами од 1,8 на 2 проценти.

Патем, вреди да се истакне дека некои политичари кои може да се сретнат на претходните анкети исчезнаа од последното испитување на јавното мислење. Еден од нив е претседателот на Собранието од редовите на ВЛЕН Африм Гаши, кој на последната анкета го нема, но на претходните 2 анкети на „Маркет Вижн“ објавени лани фигурираше со рејтинг од околу 1 отсто. Во меѓувреме, на анкетите почна да се појавува неговиот сопартиец од Алтернатива Сали, кој неодамна ја презеде лидерската палка во партијата.

Исто така, од анкетите целосно исчезна и лидерот на поделената Алијанса за Албанците Арбен Таравари, кој на последните парламентарни избори настапи како дел од ВЛЕН, но потоа излезе од ВЛЕН, ја напушти Владата и на локалните избори настапи во коалиција предводена од ДУИ. Барем според анкетите, тоа испадна лоша стратегија за Таравари, ако се земе во обѕир дека не така одамна имаше рејтинг од над 3 отсто, меѓутоа веќе воопшто го нема на листите со лични рејтинзи на политичките лидери.

Во таа насока, Таравари го нема на последната анкета на „Маркет Вижн“ објавена вчера. Но, на анкетата спроведена лани во септември, тој се појавува со рејтинг од 1,1 отсто. Сепак, уште повисок рејтинг има на анкетата спроведена од истата агенција од 20 јуни до 4 јули, кога доверба во него имале 3,2 отсто од испитаниците, врз основа на кој бил зад Мицкоски, Ахмети и Филипче, но пред Апасиев, Димтриевски, Меџити, Касами и Гаши.

Во период од септември лани до март годинава, кога се спроведени последните две анкети, а во меѓувреме се одржаа локалните избори, истите трендови генерално се рефлектираат и во партиските рејтинзи. Поточно, ако рејтингот на НАИ предводена од ДУИ лани изнесувал 7,9 отсто, сега рејтингот на ДУИ (од коалицијата во меѓувреме излезе крилото на Зијадин Села) изнесува 4,8 отсто. Истовремено, рејтингот на ВЛЕН пораснал од 4,6 на 5,1 отсто.

Влатко Стојановски

Слични вести