Кога ќе пристигнат автобусите на струја? Над 100 милиони евра за автобуси на кредит од Орбан  

by irena 11:31
11:31

Со одлука на владата, Скопје ќе добие 100 нови автобуси на електричен погон, а другите општини 50 автобуси. Одлуката е дел од стратешкиот договор „Влада со влада“ помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исти услови како во случајот со кредитот од една милијарда: 15 години отплата со грејс-период од три години и каматна стапка од 3,25 на годишно ниво. Владата не открива колку ќе чини целата набавка, но, според јавно достапните информации, ќе чини помеѓу 100 и 170 милиони, во кои е вклучена и каматата од Орбан.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

„Во изминатиов период остваривме комуникација со многу производители, во завршна фаза сме и во подготовка на тендерска процедура за набавка на најмалку 100 електрични автобуси, но и за отворање фабрика во Скопје за производство на електрични автобуси“, сподели пред точно 4 години тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за организирањето на јавниот превоз во Скопје.

Изјавата дојде неколку месеци по изборот во октомври 2021 година, на независната градоначалничка Данела Арсовска, која дојде на власт со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.

И таа како градоначалник на Град Скопје тврдеше дека Градот преговарал со компании и со фондови од каде што би се обезбедиле грантови за набавка на екоавтобуси, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, „проактивно дејствувал за подобрување на состојбата во Скопје“.

Но, немаше објаснување со кого се преговара, кога ќе се распише и дали ќе се распише меѓународен тендер за набавка на електрични автобуси. Ова наиде на остри критики од тогашната опозиција, која праша како е можно Мицкоски од позиција на претседател на партија да преговара за набавки на автобуси за Градот Скопје.

Во меѓувреме, Арсовска го поништи тендерот за изведба на брзиот автобуски превоз БРТ, Мицкоски и Данела се искараа, таа остана без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, а набавката на нови електрични автобуси пропадна.

Четири години подоцна, Град Скопје има нов градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, кој помпезно најавува дека владата ќе му набави електрични автобуси, а и транспарентноста во процесот не е променета.

За решавање на хаосот со јавниот превоз, градоначалникот Ѓорѓиевски гледа решение во Брзиот автобуски превоз (БРТ), кој беше почнат во време на ексградоначалникот Петре Шилегов, но стопиран во мандатот на Арсовска и блокиран од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорѓиевски, во изборната кампања, а потоа и кога стапи на функција, рече дека годинава во буџетот ќе бидат предвидени средства за да се продолжи со реализации на проектот. За овој проект, владата во времето на СДСМ зеде кредит од Европската банка за обнова и развој од 70 милиони евра.

Инаку, Град Скопје, за последен пат набави нови автобуси пред 7 години, односно во 2019 година, кога беа купени 33 еколошки автобуси од германски „МАН“, кои возат на метан. Тие беа набавени на меѓународен тендер, на кој се постигна цена од 266.000 евра за еден единечен автобус, додека зглобните автобуси чинеа 334.000 евра.

УНГАРСКИ ПАРИ

Инаку, Министерството за транспорт и врски, во јуни 2025 распиша тендер за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 требаше да бидат за Скопје, а 40 да се распределат во другите градови. Но, тендерот пропадна затоа што единствената фирма што се пријавила не ги исполнувала потребните услови. Оттогаш поминаа седум месеци, а нов тендер не е распишан.

Хипотетички, ако се набават електрични автобуси, ЈСП ќе има модернизиран возен парк на помалку од половина од возилата што ги поседува или му требаат за редовно извршување на превозот. Тоа, пак, ќе значи дека ЈСП ќе добие возен парк што ќе сообраќа на дури три различни погони – дизел гориво по кое сообраќаат украинските и кинеските автобуси, метан по кој сообраќаат автобусите од МАН и струја на која ќе сообраќаат идните електрични автобуси.

Според дадената изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, во Скопје би се набавиле најмалку 100 електрични автобуси. Во скопскиот јавен превоз, секојдневно се вклучуваат во сообраќај меѓу 260 и 280 автобуси за одржување на градско-приградските линии.

–Ние, на владина седница донесовме одлука, во рамките на „Влада со влада“ договорот што го имаме со Унгарија. Дел ќе биде кредит, под оние исти услови што ги имавме и во претходниот случај, односно 3 години грејс-период, дополнителни 12 години отплата, значи 15 години со истата каматна стапка. Градот Скопје, во претходна анкета побара 250 вакви автобуси, за него ќе бидат отстапени 100, со 50 полначи, а останатите општини што имаат организиран градски превоз, побараа 89, а ќе добијат 50, со 25 полначи, рече Мицкоски во изјава за медиумите.

„Фокус“ побара одговор од владата на која владина седница е донесена одлуката да се задолжиме повторно во Унгарија и под кои услови ќе земе кредит за набавка на електрични автобуси.

–Ви посочуваме дека владата на седница донесе одлука за реализација на договорот во рамки на стратешкото партнерство со Унгарија. Целта на овој проект е модернизација на јавниот превоз во Македонија и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Постапката е почната, а средствата за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините со организиран јавен превоз се обезбедени. Финансирањето е најголем дел во рамки на договорот, а помал дел од буџетот.

Тоа претставува уште еден конкретен чекор со кој ја потврдуваме нашата заложба за еколошки и енергетски ефикасен јавен превоз, што ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето. Дел од проектот ќе биде финансиран преку кредит под истите услови, како и претходно: три години грејс-период, каматна стапка од 3,25 проценти за останатиот период од 15 години, отплатата е во рамки на стратешкото партнерство со унгарската влада, истакнаа од владата за „Фокус“.

Но, сепак, не открија од каде ќе се набават електричните автобуси и за колкав временски рок на испорака се работи, ниту, пак, колку ќе чини едно возило за градски превоз заедно со полначите за електрична енергија.

–Според последната анкета, Град Скопје побара 250 еколошки автобуси. За Градот Скопје ќе бидат обезбедени 100 автобуси со 50 полначи. Другите општини што имаат организиран градски превоз побараа 89 автобуси, а ќе добијат 50 автобуси со 25 полначи.

Во следниот период ќе следи процедурата за набавка и распределба на 150 електрични автобуси низ локалните самоуправи. За текот на процедурата, јавноста ќе биде навремено информирана, додадоа од кабинетот на премиерот Мицкоски.

Градоначалникот на Скопје, Ѓорѓиевски, во објава на социјалните мрежи сподели дека ветувањето што го дале ќе стане реалност, односно дека Скопје ќе добие 100 нови градски автобуси.

–Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани што го користат јавниот превоз, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.

Додава дека оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови без да спомене колку пари ќе се позајмиме од унгарската развојна банка.

–Проблемот што со години ве боли и што најчесто ми го посочувавте, проблемот со јавниот превоз, наскоро заминува во историјата. Свесен за тежината на предизвиците, ја прифатив оваа одговорност за да ги погледнеме проблемите во очи и заедно да ги решиме. И резултатите веќе се видливи. За неполни три месеци од преземањето на функцијата, почнавме процеси што долго биле закочени, до крајот на годинава пристигнуваат новите возила за Комунална хигиена, а набавката на нови автобуси ќе почне. Ве уверувам, пред нас се тектонски промени на подобро, порача градоначалникот во објавата и му се заблагодари на премиерот Мицкоски за, како што вели, безрезервната поддршка и за посветеноста кон граѓаните каква што одамна не била видена.

СКАПА ИНВЕСТИЦИЈА

Во времето на градоначалникот Петре Шилегов, Град Скопје се одлучи за набавка на автобуси што сообраќаат на метан откако претходно во 2018 година тестираше три автобуси што сообраќаат на гас и еден електричен автобус на линиите на ЈСП.

Тогаш тест-периодот ја отфрли можноста за користење на електричните автобуси, бидејќи требаше да се изведуваат електрични полначи за полнење на автобусите. Исто така, беше кажано дека ЈСП Скопје ќе треба да вработи дополнителен стручен кадар (електроинженери) за одржување на возниот парк на електричен погон, бидејќи јавниот превоз во Скопје досега немал искуство со употреба на тролејбуси или трамваи.

За време на тест-периодот во 2018 година, медиумите пишуваат дека електричниот автобус, кој сообраќаше низ Скопје чинел половина милион евра.

Општина Струмица, пред две години, додека градоначалник беше Костадин Костадинов од СДСМ, набави 10 автобуси на електричен погон, кои чинеа 7 милиони евра, односно по 700.000 евра за едно возило. Костадинов заработи кривична пријава за злоупотреба на службената должност поради набавката на овие автобуси. Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Костадинов дека заработил 2,5 милиони провизија од оваа зделка затоа што автобусите биле далеку поевтини за 250.000 евра.

Сепак, факт е дека електричните автобуси ќе чинат во просек од 150.000 до 200.000 евра поскапо од постојните германски автобуси „МАН“, кои возат на метан. Факт е дека и ЈСП ќе мора да инвестира во кадар, кој ќе биде обучен да ги сервисира тие автобуси, како и во кадар, кој ќе треба да ги сервисира полначите низ Скопје.

Последната голема набавка на автобуси и целосно обновување на возниот парк се случи во 2013 година, кога тогашната влада на Никола Груевски за сума од околу 25 милиони евра набави 80 нископодни автобуси од Украина и 200 двокатни автобуси со посебен дизајн од кинескиот производител „Јутонг“.

Токму оваа компанија ја земавме за пример во анализата на „Фокус“ колку пари ќе чинат 150 електрични автобуси, кои планира да ги набави владата оваа година.

Според информациите на интернет и на страниците на производителите, електричните автобуси варираат во цената во зависност од моделот, должината и конфигурацијата.

Класичен 12-метарски градски автобус чини меѓу 300.000 и 450.000 евра, но, сепак, тоа може да зависи од досегот на батеријата и периодот на гаранција на истата. Во тој случај, компанијата дава осумгодишна гаранција на батеријата и деловите од електричниот мотор.

Полнач за истиот модел на автобус би чинел помеѓу 41.000 и 50.000 долари за досег од 400 километри, а оперативните трошоци што ќе ги заштеди ЈСП би се движеле околу 80.000 евра годишно.

Споредуваме приближни цени за конретни модели на нови електрични автобуси од неколку компании специјализирани за такви возила од кои градовите најчесто набавуваат. Цените зависат од производителот, должината на автобусот, капацитетот на батеријата, дополнителни опции, увозни давачки и локацијата на испорака. Овие бројки служат само за ориентација и во нив не се вклучени трошоците за транспорт, ДДВ, шпедиција и специјална опрема.

Автобусите со должина од 12 метри на „Соларис Урбино Електрик“, кои се меѓу најчесто нарачуваните за градски флоти, чинат приближно 400.000 до 550.000 евра, во зависност од батеријата.

Цената за „Мерцедес Бенц еСитаро“ од Германија е релативно висока и често се движи над 500.000 евра за нови 12-метарски автобуси.

Лидерите во овој сегмент, „BYD“ и „Volvo“ имаат слични цени за 12-метарски модели од 300.000 до 600.000 евра, во зависност од батеријата и дополнителната опрема.

Цената на инфраструктурата за полнење често е значајна компонента и се додава на количеството за возила. Основните полначи во депо чинат од 50.000 до 100.000 евра по единица, а брзите полначи од 150 до 300 киловати, кои се користат на линиите каде што ќе се движат автобусите, чинат од 150.000 до 250.000 евра по локација.

На пример, ако се нарачаат 150 автобуси од „Јутонг“ по цена од 450.000 евра, на владата би ѝ биле потребни 67,5 милиони евра само за автобуси.

Цените за нов 12-метарски електричен градски автобус се движат од 450.000 до 700.000 евра, па на владата би ѝ биле потребни помеѓу 67,5 и 105 милиони евра само за набавка на автобусите.

Што се однесува до полначите, за 150 автобуси ќе бидат потребни помеѓу 50 и 100 точки на полнење, а ноќните депо полначи чинат од 20.000 до 50.000 евра по единица. За брзо полнење на крајните станици, полначи со моќност 150 до 250 киловати чинат околу 120.000 до 250.000 евра по локација. Депо со 80 до 100 полначи ќе чини помеѓу 1,6 милиони и три милиони евра, брзите полначи на 15 локации би чинеле 3,75 милиони евра. Заедно со мрежните трошоци во депо, за инфраструктура би требало да се издвојат помеѓу 4 и 9,5 милиони евра.

За проектот од 150 автобуси плус инфраструктура ќе биде потребно да се издвојат помеѓу 71 милион евра и 115 милиони евра, во зависност од тоа што владата ќе бара во тендерот и во зависноста од тоа која цена производителите ќе ја понудат на тендерот.

Врз цената влијаат и опремата на автобусите, квалитетот на батериите и нивниот дострел, типот на полнење и електромонтажните активности за приклучување на системот.

Со оглед на тоа дека ќе се позајмуваме во Унгарија под истите услови, како и првата милијарда на почетокот од 2025 година, автобусите ќе го чинат буџетот, односно граѓаните, многу повеќе.

Ако набавката е 70 милиони евра, ќе треба да вратиме нешто над 100 милиони, а ако набавката е 115 милиони евра, ќе треба да вратиме 170 милиони евра за 15 години.

ЕКОЛОШКИ ДИЗЕЛИ ЗА ПРИВАТНИЦИТЕ

Од 10 ноември, 55 автобуси од приватните превозници се вклучија во јавниот градски сообраќај во Скопје, а до јануари годинава беа вклучени уште 20 возила од обновениот возен парк на приватните компании.

Како што најави Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, имаат еколошки автобуси, а се надева дека ќе се смени возниот ред, за автобусите да пристигнуваат на време, како што пишува на таблите. Тој ветува еколошки, чисти и климатизирани автобуси.

Градоначалникот Ѓорѓиевски, на прес-конференција заедно со приватните превозници, рече дека покрај постојните, ќе се вклучат и нови автобуси на кои им се дадени лиценци за да се надомести недостигот од возила во јавниот превоз.

Новите автобуси беа паркирани на паркингот кај салата „Борис Трајковски“ и речиси половина од нив беа со странски регистарски таблички за извоз, односно увезени од Словенија и Австрија како користени возила што треба да поминат царина, хомологација, технички преглед и бојадисување во црвена боја пред да се поднесе барање за лиценца до Град Скопје.

Инаку, според податоците од Царинската управа за увоз на автобуси и минибуси, во септември 2025 година биле набавени 35 половни и три нови автобуси и минибуси што е највисока бројка на увоз на автобуси за 2025 година. Инаку, во 2025, за само 9 месеци биле набавени 221 половен и 6 нови автобуси. Во 2024 година се набавени 258 половни и 46 нови автобуси и минибуси.

Текстот е објавен на 5 февруари 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.583

Слични вести