Кога првпат слушнав за импакт фактор, веќе бев неколку недели на моите докторски студии на Универзитетот од Стафордшир во Стоук-он-Трент, во Обединетото Кралство. Повозрасен докторски кандидат, Англичанец, тогаш пред самиот крај на својот докторат, емпатично ми рече: „Импакт факторот подига и руши кариери.“ Во тој момент не му придадов особено значење. Наместо тоа, продолжив да се фокусирам на моето истражување – на неговиот квалитет, логика и научна релевантност.
Денес, речиси две децении подоцна, метрики како импакт факторот се чини дека ја доминираат мојата работа веројатно повеќе отколку што би сакал да признаам и, на некој начин, ме „анкерираат“ во академскиот поредок. Не поради тоа што го дефинираат она што го истражувам, туку поради тоа што го диктираат начинот на кој тоа истражување се вреднува.
Импакт факторот не е настанат како зло. Напротив. Во 1955 година, Јуџин Гарфилд го вовел како практична алатка за идентификација на влијателни научни списанија, врз основа на бројот на цитирања што ги добиваат трудовите објавени во нив. Претпоставката била едноставна и, за тоа време, сосем разумна: важните трудови се цитираат повеќе. Во преддигитална ера, кога немало алтернативни начини за следење на научната комуникација, ова бил корисен шорткат.
Проблемот не е во самата метрика. Проблемот е во тоа што со тек на време импакт факторот престана да биде алатка и се воздигна во самодоволна догма. Од мерка за споредба на списанија, се претвори во инструмент за оценување поединци, кариери, па дури и институции. А тоа е методолошка грешка од прв ред.
Можеби сте чуле за Индексот на Кардашијан: по аналогија со Кардашијанките во шоу-бизнисот, тој е мерка за тоа колку си познат како научник, а не колку си корисен. Ја мери славата, не придонесот – и тоа со прецизност што би ја ценеле и највештите инфлуенсери. Во оваа логика, трудот не е важен затоа што открил нешто ново, туку затоа што „експлодирал“: се цитира, се споделува, се лајкнува и се појавува на панели и во ток-шоуа. Кардашијан-индексот не прашува дали идејата е длабока, туку дали е доволно фотогенична за академски Твитер.
Во дигиталната ера, бројките лесно стануваат спектакл. Како што поп-пејач може да има повеќе следбеници од астрофизичар, така и труд може да има повеќе цитати без притоа да биде подлабок, посуштински или порелевантен за реалните проблеми.
Влијанието е само една димензија на вредноста. Не е единствена, ниту неопходно најважна.
Академијата е високо инцентивизиран систем. Публикациите се основа – а оние со импакт фактор стануваат поважна основа – за избор во звање, за лиценца за докторски ментор, за ова, за она; а МОН дури и ги наградува финансиски. Фино. Но, кога наградата е врзана за една метрика како импакт факторот, системот почнува тивко, но упорно, да се приспособува кон метриката.
Да ви прераскажам една стара анегдота од времето на британската колонијална управа во Индија. Загрижени поради големиот број кобри во Њу Делхи, властите вовеле награда за секоја убиена кобра. Но, луѓето почнале да одгледуваат кобри за да ги убиваат и да ја земаат наградата. Кога шемата за наградување била укината, одгледуваните кобри биле пуштени во природа – и проблемот станал поголем од претходно. Ова е познатиот „кобра ефект“: кога лошо дизајнираните мотиватори ја влошуваат состојбата што требало да ја разрешат.
Современата академија функционира токму така. Формално ја наградува научната извонредност, но во пракса ги наградува оние што најумешно се прилагодуваат на системот. И јас сум дел од тој систем, да немате дилема. Објавив над 50 труда во списанија со импакт фактор индексирани на Web of Science, од редот на Journal of Comparative Economics, во последните 10-15 години. Ама, со тек на време, сфатив дека желбата за откритие пополека ја заменуваме со стратегија за „објавливост“. Целиме кон списанија со повисок импакт фактор. Адресираме барања за ревизии од рецензенти со кои суштински не се согласуваме, само за да поминеме. Го шириме опфатот – повеќе земји, поголеми примероци – за да изгледа „по-поголемо“. Понекогаш ги обликуваме тврдењата да звучат повеличенствено отколку што реално се. Се позиционираме, демек, стратешки.
Следново не е анегдота. Во мај 2025 година, докторски студент по економија на американскиот МИТ, сметан за исклучително ветувачки, беше јавно дисквалификуван и дискредитиран откако универзитетот соопшти дека нема доверба во потеклото и веродостојноста на податоците во неговиот труд — веќе поднесен во Quarterly Journal of Economics, едно од најпрестижните списанија за економија. Ова не е личен неуспех, туку системски симптом. Притисокот од „метриките“ создава состојби на научен морален хазард: замаглување, мистификација, а понекогаш и фалсификат! Најранливи се младите истражувачи, за кои publish or perish не е метафора, туку сурова егзистенцијална реалност.
Застанувам, за момент, и се думам: каде е драјвот да се истражува и да се публикува за да се смени светот? Еве, да не целиме да го менуваме светот. Да смениме едно мало делче од нашето општествено живеење, од економијата – да бидам пристрасен кон мојата дисциплина. Каде е просторот за истражување што не е глобално или публикувачки „секси“, но е општествено неопходно?
Да бидам јасен: импакт факторот не треба да се занемари или, не дај Боже, напушти. Особено не во македонските околности. Тој има своја улога. Помага да се ориентираме во океанот од публикации. Дава сигнал за видливост. Дури, мене ако ме прашувате, во контекстот на предложениот Закон за високо образование, треба да биде исклучив критериум за избор во звања и менторско лиценцирање. Барем ќе ги елиминира сите т.н. paper-mill и conference-mill обиди за протнување низ мала врата. Ќе стави крај на инстаграмџиски обиди трудови објавени во маргинални зборници од конференции во Прилеп, Врање и Сливен да се претставуваат како врвен научен пробив.
Но, импакт факторот мора да се врати и сфати на своето место – како ограничена, контекстуална метрика, а не како врховен судија. Една метрика никогаш не може да одговара на сите дисциплини, фази од кариерата и истражувачки улоги. Настава, податоци, софтвер, јавен ангажман, соработка, мрежи – сето тоа е речиси невидливо во логиката на импакт факторот.
Прекумерната зависност од импакт фактори ја стеснува науката и ја потиснува иновацијата. Ја оддалечува од откритија. Во нашиот контекст, ја оддалечува од реалните општествени проблеми. Ако сакаме наука што менува – ако не свет, тогаш барем еден мал одломок од нашата економија и општество – мора да престанеме да ја мериме исклучиво со бројки што се лесни за табелирање, а тешки за оправдување.
Импакт факторот подига и руши кариери. Ја поддржувам таа намера на МОН. Но, не смее да ја подига и руши науката. Не смее да стане нашата кобра.
Универзитетски професор
Марјан Петрески