Ќе седне ли Мицкоски со Ахмети да договара т.н. голем Бадентер?

by jadranka 15:02
15:02

Власта ќе направи уште обид да обезбеди т.н. голем бадентер, поточно 20 пратеници од вкупно 39 од немнозинските заедници, неопходни за изборот на Омбудсман, како и за серијата законски решенија од реформаската агенда, кои не можат да се усвојат без двојно мнозинство.

Ова за „Фокус“ го потврдува висок владин извор кој очекува ваквата „политичка операција“ да стартува деновиве, а да финишира најдоцна до крајот на идниот месец со избор на нов Народен Правобранител, каде ситуацијата е повеќе од алармантна по неколкумесечната блокада на институцијата поради неизбор на наследникот на Насер Зибери што резултираше со неисплатени плати за вработените неколку месеци, долгови за кирии и други финансиски издатоци.

Владиниот извор не прецизира на кој начин ќе се успее со убедувањето меѓу пратениците од опозицијата кои во моментов се мнозинство „бадентерови“ гласови. Можно е да се настапи со поединечно лобирање, но не се исклучува и средба на лидерско ниво меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети на која евентиуално би се договорила потребната поддршка за серија закони и за Омбудсманот во законодавниот дом.  Ахмети пред некој ден од Мала Речица рече дека е подготвен да разговара за повеќе суштински прашања и чека да го побараат за разговори.

Ако дојде до средба, ова би било втор пат власта да побара помош од „интегративците“ за да се поминат предлози во Собранието за кои треба двојно мнозинство. Првиот пат беше на самиот почеток од мандатот на актуелниот парламентарен состав – кога се правеа измени во Законот за организација на државната управа со кои беше зголемен бројот на министерствата во актуелната влада.

Разговорите за обезбедување на гласовите, освен за Народниот правобранител, би ги опфатиле и измените на изборниот закон, како и законот за јавна администрација кои влегуваат во т.н. реформска агенда која Македонија се обврза дека ќе ја реализира.  Во моментов на  „конто“на владејачката коалиција се 14 сигурни гласови од немнозинските заедници. Ако на ова се додадат потенцијалните гласови од ДПА и ДПТ, се доаѓа до бројката од 16. Што значи дека е неопходно да се придобијат и неколку пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ и Ахмети.

З.Ф. 

Слични вести