Дали се подготвува урбанистичка измама тешка 23,5 милиони евра во Гази Баба, дали шемите на градоначалникот Боби Стефковски ќе ги чинат граѓаните околу 20 милиони евра од буџетот на Општината и Градот Скопје, праша советникот на СДСМ во оваа скопска општина Александар Вељановски, обраќајќи се од локација зад трговскиот центар „Ист Гејт“, каде, како што рече тој, нацрт-верзијата за Деталниот урбанистички план ЦС 09 што се однесува на овој потег предвидува изградба на објекти со површина од над 140 илјади квадратни метри.
–Според овој Нацрт-ДУП, на вкупно 4 градежни парцели се предвидува изградба на објекти со намена Б5-или хотелски комплекси. Станува збор за огромна вкупна површина од близу 141.000 метри квадратни. Ако една просечна хотелска соба има околу 40 квадрати, ова значи дека таму се цртаат неверојатни 3000 -3.500 хотелски соби. Тука лежи главната дилема и сомнеж за корупција – дали преку оваа намена за хотели, всушност, се подготвува терен за класични станбени згради, со цел да се изигра законот и да се избегне плаќањето на реалните комуналии – рече Вељановски.
Притоа, тој посочи дека регуларниот надоместок за уредување на градежно земјиште за овој дел од Скопје изнесува околу 180 евра по метар квадратен, меѓутоа ако се градат станови за оваа површина, според него, во буџетот би требало да се слеат околу 25 милиони евра. Но, како што додаде, бидејќи инвеститорот добива маркица за „хотел“ намена Б5, тој законски би требало да плати само 5 проценти од овој износ, што, според него, значи дека наместо 25 милиони ќе се платат само нешто над 1,2 милиони евра.
–Дали со овој ДУП директно му се овозможува на инвеститорот да заштеди 23.500.000 евра, пари кои треба да завршат во буџетот на Гази Баба и Град Скопје, а објектите потоа повторно да ги продава како апартмани за живеење? Дали со ваквиот план му се прави дополнителна услуга на инвеститорот да заштеди пари преку изградба на помал број паркинг-места, согласно стандардите за хотели кои бараат помалку паркинзи отколку оние за станбени згради? Дали идните купувачи свесно ќе бидат доведени во правна замка? Дали тие луѓе ќе можат воопшто да извадат лична карта во МВР на таа адреса, со оглед на тоа што објектот ќе се води како хотел? – праша Вељановски.
Воедно, тој предупреди дека можно е да се повтори истиот случај како со веќе изградениот објект на соседната градежна парцела, каде, како што рече, луѓето веќе се вселени и живеат во станови, но не можат да ги пријават како свое место на живеење во МВР. Инаку, според податоците од Катастарот за недвижности, просторот зад трговскиот центар „Ист Гејт“ за кој говори Вељановски во најголем дел е во сопственост на Друштвото за управување со недвижен имот „Скопје Еаст Гате Сег“, во сопственост на 2 физички лица од семејството Папарнику и неколку приватни компании.
Во интервју за „Фокус“ во пресрет на локалните избори, градоначалникот Стефковски, во однос на темата за се позасилената урбанизација на Гази Баба, изјави: „Точно е дека во изминатите години се забележува засилена урбанизација и градежна активност и во нашата општина – нешто што порано беше поизразено во Центар, Карпош или Кисела Вода. Населбите како Автокоманда, Ченто, Хиподром и други сè почесто стануваат атрактивни за инвеститорите, а тоа ни носи нови предизвици. Јас не сум против развојот и градењето – напротив, тоа е дел од природниот урбан раст на секоја општина. Но, развојот мора да биде плански, одржлив и воден од интересот на граѓаните, а не само од интересот на пазарот“.
(ИНТЕРВЈУ) Бобан Стефковски: Не дозволувам урбаната мафија да царува низ Гази Баба!
Во врска со постапките за носење на Деталните урбанистички планови, пак, тој рече дека постапките се јасни и надвор од тоа како градоначалник иницирал граѓански дијалог со граѓани, месни и урбани заедници и невладини организации кои се занимаваат со екологијата и заштитата на животната средина. За секоја измена на ДУП, како што посочи, се организираат јавни расправи и се дебатира, граѓаните даваат забелешки, плановите се изменуваат согласно забелешките и повторно се враќаат на јавна расправа пред граѓаните.
-Завршено е времето во општината кога тајно и на сила се носеа Детални урбанистички планови. Денес за развојот на општината одлучуваат граѓаните, а не локалните моќници… На првиот ден од мандатот кажав дека нема да дозволам урбаната мафија да царува низ Гази Баба и од таа моја заложба не мислам да отстапам. Познато е на јавноста како заврши дивоградбата во Инџиково во септември 2023 година. Ја урнавме и на тоа место денес во завршна фаза е изградбата на нова детска градинка. Ми се закануваа, ме следеа, доаѓаа пред општината за да ме нападнат, но не ме поколебаа, напротив ме мотивираа. На Македонија и се потребни силни институции, а не моќни поединци – рече тој.
В.С.