Дали во општина Карпош ќе се случат предвремени избори за градоначалник и дали тие би се поклопиле со евентуалните предвремени парламентарни избори за кои се погласно се шпекулира дека можно е да се одржат на почетокот на идната недела? Овие две прашања се наметнуваат по целодневната епизода со актуелниот прв човек на општината Сотир Лукровски кој назначил свој заменик од редот на советниците додека е отсутен од работа.
Најпрво се појави неофицијално сознание дека Лукровски имал намера да поднесе неотповиклива оставка, но ВМРО-ДПМНЕ, партија чиј кандидат е силно притиска тоа да не го направи. Потоа дојде информацијата дека советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен портпарол на град Скопје Неделчо Крстевски е назначен да го заменува Лукровски во случај на негова спреченост и отсуство од работа. Истовремено е овластен да ги потпишува сите сметки и финансиски документи што ќе произлезат од општината. Нешто потоа, со соопштение се јави Општина Карпош која ги демантираше, како што ги нарече, „наводитедека градоначалникот Сотир Лукровски си има поднесено оставка.

Тој во овој момент користи боледување и е привремено отсутен поради здравствени причини, за што замолуваме за разбирање“ соопштија попладнево од општина Карпош.
Од таму велат дека општината „продолжува да функционира непречено, со целосен капацитет и посветеност кон потребите на граѓаните“.
„Согласно законските процедури, надлежности привремено ќе ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски. Општина Карпош апелира до јавноста и медиумите за разбирање и почитување на приватноста на градоначалникот и неговото семејство во овој период“ се вели во соопштението испратено од Карпош. Или, кажано со други зборови, Лукровски ги предал сите свои ингеренции на неговиот назначен заменик, но според информацијата од Општината не поднел и оставка. „Фокус“ се обрати директно и до градоначалникот на Карпош Лукровски дали е точно дека има намера да си поднесе неотповиклива оставка, но до моментот на објавувањето на текстот, одговор не добивме.
Всушност, според неофицијални сознанија на „Фокус“ ваквата намера на Лукровски да си поднесе оставка не е прва. Од негова страна била најавувана уште најмалку два-три пати, откако во некои кругови посочил дека не се чувствува компетентен да одговори успешно на предизивикот што го носи функцијата и дека воопшто не бил свесен каква тежина, тензија и секојдневни притисоци носела таа.
Откако Лукровски ја презеде должноста, по победата на изборите, во општината речиси и да нема некоја активност, освен неколку посети на градилишта, заедно со министри или со премиерот, протоколарно, а незадоволството на граѓаните е во постојан пораст. Истовремено, не е познато која е дефинитивната причина што ја преполнила чашата, но она што е констатација и во неговата матична партија е дека Лукровски воопшто не се снашол со реализација на затекнатите проекти и процеси во општината и тоа го блокирало да се впушти и во нови.
Доброупатени извори од Карпош за „Фокус“ велат дека во игра се неколку сценарија. Првото е дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го одолговлечи процесот на оставката која, по се изгледа е на добар пат да се случи, за да може законски да се поклопат терминот за избор на градоналалник со можното предвремено гласање за пратеници. Притисокот е сосема разбирлив, ако се знае дека партијата направи вонредни и исклучителни напори да направи пресврт во вториот круг на локалните избори, и конечно да го освои Карпош на локални избори, но со очигледни лоши проценки за тоа што може да испорача нивниот кандидат Сотир Лукровски. Проценките говорат дека ако се оди со предвремени избори за Карпош порано и самостојно, кандидатот на владејачката партија би поминал многу тешко пред карпошани, особено доколку од спротивната страна како противкандидат се појави Стевчо Јакимовски.
Но, тоа го отвора патот за рекомпонирање на мнозинството во општинскиот совет, затоа што актуелното ќе има еден глас помалку со изборот на Крстевски за в.д. градоначалник, тој не може истовремено да ја обавува и советничката функција. Во, таков случај, велат изворите на „Фокус“ можно е опозицијата во Советот да се обиде да го преземе претседавачкото место доколку ги собере потенцијалните советнички гласови за таков чин и да избере нов претседавач од нивните редови.
За целиот случај денеска со подолга објава на социјалните мрежи се појави и споменатиот ексградоначалник Стевчо Јакимовски. Овластување дадено на друг човек не го ослободува градоначалникот од одговорност. Таа работа не оди така, смета поранешниот прв човек на Општината.„ Не може Карпошани да гласаат за еден човек, а ВМРО-ДПМНЕ потоа да им поставува друг да ја води општината. Не може избран градоначалник да се крие зад партиски заменик, зад адвокати, секретари, супервизори и партиски штабови, а одговорноста да исчезне како ништо да не било. Шест месеци Карпош живее во целосен застој“ пишува на Фејсбук Јакимовски по сите неофицијалните информации што се појавија денеска дека актуелниот градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски веќе ја напишал оставката од функцијата, но има притисок истата официјално да ја поднесе.
Јакимовски, уште вели дека „граѓаните се измачуваат, вработените се оставени во неизвесност, а општината што важеше за една од најфункционалните во државата — денес е парализирана. Приходите се сведени на минимум, нови проекти нема, а старите — дури и оние за кои нивната Влада одобрила средства — не се реализираат. Со еден збор: Застој“.
„Градоначалникот Сотир Лукровски, кој на 2 ноември 2025 година го доби мандатот да ја води Општина Карпош во наредните четири години, уште од самиот старт почна да лелека колку му било тешко. Еднаш му биле сложени процедурите. Другпат се плашел да потпишува. Третпат му било тешко да прима граѓани. Четврти пат не можел да ја сфати работата на општината. Па добро, за што се кандидираше човекот?“ прашува тој.
Потенцира и „карпошани гласаа за градоначалник, а добија човек кој ниту сака, ниту може да ја води општината. Уште од првиот ден, ВМРО-ДПМНЕ воведе колективно раководење во Карпош. Имаме наводен секретар без кој, како што велат, не може ни мува да помине. Имаме нови луѓе во урбанизмот. Имаме канцеларија за советничка која изиграва правник. Имаме надворешен супервизор со канцеларија. Имаме претседавач кој цел ден кисне во општината. И згора на сè — уште двајца адвокати кои до доцна во ноќта го проверуваат секој акт. Значи, Карпош не доби градоначалник. Карпош доби колективно претседателство како во пост титова Југославија“, дополни Стевчо Јакимовски.
З.Фиданоски