Казахстан отвори амбасада во Скопје

by vlatko 20:48
20:48

Во Скопје денеска официјално се отвори Амбасадата на Казахстан, со што се одбележа 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Амбасадорот Сатибалди Буршаков во своето обраќање истакна дека отворањето на Амбасадата претставува историски момент во односите меѓу Скопје и Астана.

-Сведочиме историски момент во развојот на односите меѓу Северна Македонија и Казахстан, како што одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Изминатата година беше исполнета со активности и можам да кажам дека постигнавме заеднички резултати. Овој настан претставува значаен чекор кон зајакнување на врските на нашите земји – изјави амбасадорот на Казахстан во земјава, Сатибалди Буршаков.

Тој посочи дека соработката се продлабочува во повеќе сектори, вклучително енергетиката, здравството и технологијата и порача дека со споделената историја меѓу двете земји, алудирајќи на осамостојувањето на државите во 1991 година, е поставена силна основа за партнерството кое се гради и денес.

-Уверени сме дека пред нас се отвораат нови хоризонти и дека заедничките иницијативи ќе продолжат да ги зајакнуваат нашите односи – додаде амбасадорот.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој беше присутен на настанот, ја поздрави одлуката на Казахстан да отвори амбасада во Скопје, оценувајќи го за пријателски и позитивен чекор.

Слични вести