Во најголем број од општините под контрола на СДСМ, опозициската партија одлучи на претстојните локални избори да настапи со актуелните градоначалници.
Но, исклучок беше Општина Струмица, каде СДСМ на чело со Венко Филипче одлучи да не го кандидира актуелниот градоначалник Костадин Костадинов, туку да истрча со Марјан Даскаловски, претседател на Советот на Општина Струмица и прв човек на струмичкиот комитет на СДСМ.
Ваквата одлука предизвика револт кај Костадинов, кој најави дека ја замрзнува внатрепартиската активност и дека ќе започне со „креирање на ново интерпартиско делување“. Воедно, најави и можност да се кандидира како независен кандидат за градоначалник на Струмица, но подоцна се повлече од оваа идеја.
По ваквиот развој на настаните, се наметна прашањето зошто СДСМ повторно не го кандидираше Костадинов и со тоа предизвика опасност од ново раслојување на гласачкото тело?
Во таа насока, одредени аналитичари оценија дека на СДСМ во Струмица може да му повтори Куманово, каде, за потсетување, на претходните избори Максим Димитриевски победи самостојно откако не ја доби довербата од СДСМ тогаш на чело со Зоран Заев.
Сепак, од СДСМ не стравуваат дека она што се случи во Куманово може да се повтори во Струмица. Од таму тврдат дека за одлуката да не се кандидира Костадинов нема никаква заднинска игра или калкулација, туку таа единствено се базира на резултатите од анкетите и на расположението меѓу членството.
–Костадинов и Даскаловски на анкетите беа тука некаде, со тоа што во руралните средини Костадинов беше послаб. Но, главната причина е револтот кај членството. Огромен број на луѓе не го поддржуваат Костадинов за разлика од Даскаловски – ни изјави висок функционер на СДСМ, кој уверува дека претходниот лидер Заев не се мешал во ниту една одлука.
„Фокус“ стапи во контакт со Костадинов, кој тврди дека на анкетите кои не биле негови, туку добиени по партиски канали од СДСМ, неговото водство е недвосмислено од 3:1 во однос на сите останати, и тоа низ целата територија на Струмица, и во урбаниот и во руралниот дел.
–Не гледам „заднинска игра“ во смисла кандидат против кандидат. Гледам страв од позитивна и стратешка политичка промена. За жал, раководството на СДСМ, на централно ниво, во моментов нема изграден хоризонтален и вертикален рационален пристап.
Ова не го велам како критика на поединец, ова не е исклучива грешка на д-р Филипче. Ова е резултат на дефицит од искусни социјалдемократи со меморија, знаење и чувство што значи СДСМ, и уште поважно, како таа повторно да стане привлечна за граѓаните.
Ќе се согласите со мене, тоа во моментов недостига. Затоа, не верувам во теории на заговор, но и тоа како гледам страв кај некои луѓе од губење на партиски фотелји, особено кај тие што не знаат со што друго би се занимавале ако не се „во функција“.
Не е точно дека некој друг кандидат стои подобро од мене. Доказ за тоа се истите тие анкети, кои ако сака партијата нека ги објави. Јас нема да ги објавам, бидејќи не се мои, туку се нарачани од самата СДСМ и дел и од ВМРО-ДПМНЕ, и резултатите се идентични.
Денес, немам информација како е донесена конечната одлука, но и не гледам повеќе логика да ја имам, бидејќи веќе е донесена од страна на високото раководство. Од моја страна, со искрено срце посакувам СДСМ да победи барем во една, а ако може и во три општини.
Јас нема да бидам пречка за таа победа. Но нема ниту да молчам пред очигледни одлуки што не се базираат на реалност, туку на страв, несигурност и затвореност. Но, сериозно размислувам за независен пристап. За тоа ми треба време, истрајност и поддршка, а конечните одлуки ќе ги соопштам за неколку недели.
Тоа ќе бидат остри, одлучни и победнички одлуки – со сигурност уште во првиот круг, според бројките од анкетите. Зашто, да бидеме реални, ако навистина стоев слабо во руралните средини, како што некој тврди, зошто тогаш би се кревала паника дали ќе бидам кандидат? Тоа веќе станува комично. Особено за сериозна партија како СДСМ – вели Костадинов.
Влатко СТОЈАНОВСКИ