Народна банка одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4 проценти, по редовната седница на Извршниот одбор посветена на монетарната политика.
Одлуката е донесена во услови на зголемена глобална неизвесност и потреба од дополнителни податоци за ефектите врз домашната економија. Во исто време, централната банка посочува дека постојните мерки, како задолжителната резерва и макропрудентните инструменти, остануваат насочени кон зачувување на стабилноста на девизниот курс и контролата на инфлацијата. Сличен пристап задржа и Европската централна банка, која исто така не ги промени каматните стапки.
Глобалните ризици, особено поврзани со продолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток, влијаат врз цените на енергенсите, кои и понатаму се на високо ниво. Ова, според Народна банка, создава дополнителен притисок врз инфлацијата и ја зголемува неизвесноста во наредниот период.
Во првиот квартал од 2026 година, инфлацијата забави на 3,7 проценти, но сепак останува нешто над очекувањата. Зголемените увозни цени и новите проекции за раст на цените на енергијата и храната упатуваат на ризик од понатамошно зголемување на инфлацијата. Доколку ваквите притисоци продолжат, централната банка најавува можност за идно зголемување на каматната стапка.
Девизните резерви на крајот на март изнесуваат над 5,2 милијарди евра и бележат раст во однос на крајот на минатата година, делумно поради задолжувањето на државата на меѓународниот пазар. Народна банка продолжува да интервенира на девизниот пазар за да обезбеди доволна ликвидност.
Домашната економија го задржа растот од 3,8 проценти во последниот квартал од 2025 година, додека податоците за почетокот на 2026 укажуваат на умерено забавување. Ризиците за економскиот раст се главно поврзани со надворешното окружување, додека реализацијата на инфраструктурните проекти останува клучен фактор за идната економска динамика.
Во банкарскиот сектор продолжува растот на депозитите и кредитите, со динамика над очекувањата за почетокот на годината.