ИЗБОРНИ ТРОФЕИ: Каде ќе се водат најбитните битки на локалните избори?

Кичево, Куманово, Чаир, Центар, Карпош се меѓу општините каде се очекуваат особено интересни и важни натпревари на претстојните избори, бидејќи исходот од нив има исклучително политичко и симболично значење.

by vlatko 14:39
14:39

На претстојните локални избори се очекуваат особено интересни битки во неколку општини, кои важат за исклучително битни за политичките партии, бидејќи имаат големо политичко и симболично значење.

Во ситуација кога важи за голем фаворит во Скопје и во најголем дел од општините, владејачката ВМРО-ДПМНЕ си постави предизвик да го врати под контрола Кичево, кое по стапувањето на сила на новите територијални граници е управувано од ДУИ.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ и коалицискиот партнер ВЛЕН договорија заеднички настап и соработка во скоро сите доминантно албански општини, не и во Кичево, каде ќе водат и меѓусебна борба.

За градоначалничката фотелја ќе се натпреваруваат актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од ДУИ и министерот за труд Фатмир Лимани од ВЛЕН, но во оваа трка ќе влезе и ВМРО со докторот Александар Јовановски, кој треба да биде поддржан и од СДСМ.

На тој начин, Христијан Мицкоски ќе се обиде во оваа општина директно да го порази ДУИ наместо тоа да го стори посредно, односно преку поддршка на кандидатот на ВЛЕН.

Дали тоа ќе се случи, зависи од многу околности. Ако во втор круг влезат Дехари и Лимани, ВЛЕН има големи шанси за победа поради поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, која се изразува во повеќе илјади гласови.

Но, при евентуална трка меѓу Дехари и Јовановски ќе дојде до мобилизација на етничка основа како и на минатите избори, па тогаш во блага предност е кандидатот на ДУИ поради тоа што Албанците се мнозинство. Сепак, голем фактор ќе биде и гласањето на турското и ромското малцинство.

Доколку Кичево е најголемиот изборен трофеј што го лови ВМРО-ДПМНЕ, тогаш кои се посакуваните изборни трофеи на другите политички партии?

Што се однесува до СДСМ, тоа бездруго е Куманово, голема општина која многу години или поточно децении беше бастион на СДСМ.

Поточно, СДСМ за првпат ја изгуби оваа општина по внатрепартискиот конфликт со Максим Димитриевски, кој потоа се повлече од СДСМ и доби втор градоначалнички мандат со помош на ВМРО-ДПМНЕ.

Сега тој се бори за трет градоначалнички мандат повторно со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, со тоа што веќе политичките релации се многу почисти и појасни, па затоа СДСМ се надева дека ќе ја поврати оваа општина преку кандидатот Мартин Костовски.

Она што му оди во прилог на Костовски е тоа што важи за прифатлив за бројното албанско малцинство, кое има анимозитет кон Димитриевски поради неговите конфронтации со ДУИ, но и со владејачкиот партнер ВЛЕН на етнички теми и прашања.

Покрај тоа, социјалдемократите сметаат дека кумановци се заситени од Димитриевски, дека одредени „афери“ му наштетиле, како и дека многу вмровци нема да го поддржат од причина што не е изворен вмровец.

Како ќе испадне на крај, ќе покаже времето, но дефинитивно во Куманово се очекува интересна битка, чиј резултат или ќе го консолидира ЗНАМ или ќе биде важен изборен трофеј во витрината на Бихаќка и воедно голем успех за Венко Филипче.

Иако во албанскиот блок важни ќе бидат битките во сите поголеми општини, сепак, се чини дека најинтересна ќе биде онаа во Чаир.

Токму оваа општина, за најпосакуван трофеј веќе ја проектира ДУИ, која се обидува да ја освои преку партискиот потпретседател Бујар Османи, со цел да го детронизира и делегитимира долгогодишниот градоначалник кој лови уште еден мандат, Изет Меџити.

Додека се обидува да го сочува кредибилитетот со победа во Чаир, но и во Тетово – упориште на другиот партиски лидер Биљал Касами, ВЛЕН верува дека може да постигне и апсолутен успех со победа во Гостивар, каде што речиси една деценија неприкосновен е Арбен Таравари, кој неодамна се отклони од ВЛЕН и се приклучи кон ДУИ.

Сепак, факт е дека ВЛЕН влегува како голем аутсајдер во Гостивар, па многу пореално е да се очекува ДУИ да ја загуби оваа општина ако Таравари реши по изборите повторно ги напушти, отколку ако на избори победи кандидатот на ВЛЕН, Себаедин Даути.

Во рамки на Гостивар, Таравари очекува поддршка од СДСМ за неговиот кандидат за градоначалник Валбон Лимани. За таа цел, тој на средба со Филипче настапил со конкретна понуда, која подразбира СДСМ да ги добие сите позиции на локално ниво што моментално ги држи ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така, се очекува интересни битки да се водат и во некои скопски општини. Една од нив е Центар, каде уште еден мандат ќе бара актуелниот градоначалник од редовите на СДСМ Горан Герасимовски.

Иако на парламентарните избори ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи во Центар, сепак, одлучи да не кандидира свој кандидат, туку да поддржи кандидат на коалицискиот партнер ЗНАМ (Мирослав Лабудовиќ).

Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ исфрли кандидат за градоначалник на Карпош. Се работи за Сотир Лукровски, чиј противник од СДСМ ќе биде докторката Маја Мојсова.

Актуелниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски се уште тактизира дали ќе влезе во трка за уште еден мандат. Откако се разиде со ВМРО, тој очекуваше поддршка од СДСМ, но од таму одлучија да настапат со свој кандидат, бидејќи, меѓу другото, Јакимовски бил на „црна листа“ на САД.

Она што во овие две скопски општини може да им ги помати сметките на „големите“ партии се независните иницијативи и зелени граѓански движења, кои имаат свои кандидати за градоначалници на Центар (Билјана Ивановска) и Карпош (Невена Георгиевска), но и на Скопје (Горан Марковски).

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести