Амбасадата на Македонија во Абу Даби упати итно предупредување до македонските државјани кои престојуваат во Саудиска Арабија, особено во Ријад, поради влошената безбедносна состојба и серијата ракетни напади и напади со беспилотни летала.
Во објавата, Амбасадата ги повика граѓаните да бидат крајно внимателни и доследно да ги почитуваат официјалните упатства на саудиската Дирекција за цивилна заштита и Министерството за внатрешни работи.
При активирање на безбедносна тревога или сирена, граѓаните треба веднаш да влезат во затворен простор и да се оддалечат од прозорците и стаклените површини. Се препорачува да избегнуваат јавни собири, воени објекти и пограничниот појас со Јемен.
Амбасадата предупреди и дека фотографирањето, снимањето и споделувањето видеа од нападите е строго забрането според законите во Саудиска Арабија, а за ваквите објави на социјалните мрежи се предвидени казни. Граѓаните се повикуваат да ги одржуваат телефоните наполнети и да пријавуваат сомнителни предмети или паднати остатоци преку саудиската апликација Tawakkalna.
Во однос на авиосообраќајот, иако летовите повторно се воспоставуваат, можни се вонредни одложувања и откажувања. Затоа, надлежните препорачуваат патниците задолжително да ја контактираат својата авиокомпанија и да го проверат статусот на летот пред да тргнат кон меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад.
За итна помош и асистенција, македонските државјани можат да се јават на дежурниот телефон на Амбасадата во Абу Даби: +971 56 441 7532.
Од Амбасадата апелираат информацијата да се сподели со останатите македонски државјани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија.