Иранската војска соопшти дека нејзиниот систем за противвоздушна одбрана погодил американски борбен авион Ф-16 над Персискиот Залив, по што леталото било принудено да ја прекине мисијата и принудно да слета на блиски аеродром.
Според соопштението на иранската војска, ракетата била истрелана вчера, а американскиот авион претрпел оштетувања во нападот.
Иранските државни медиуми ги пренесоа овие тврдења, објавувајќи и снимка за која наведуваат дека го прикажува инцидентот. Американската војска засега не ги потврди информациите од иранската страна.
Портпаролот на иранската војска истовремено изјави дека воените способности на Иран сега се поголеми од претходно, предупредувајќи дека секој напад ќе биде пречекан со „моментален, ефикасен и решителен одговор“.
Тој наведе и дека иранските сили го контролираат Ормускиот Теснец, оценувајќи дека САД нема да можат да преземат контрола врз овој стратешки важен морски премин со непријателски дејствија.
„САД немаат друг избор освен да ги прифатат нашите разумни и законски услови“, изјави портпаролот, пренесуваат медиумите.