ИНТЕРВЈУ со Сашко Митовски: Очекувам притисоците од власта да растат после мојата победа во Крива Паланка

by irena 13:12
13:12

Актуелниот градоначалник на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски кој доаѓа од редовите на СДСМ повторно ја бара довербата на граѓаните на изборите н 19 октомври. Пред четири години тој ја однесе победата уште во првиот круг кога довербата му ја дадоа над 60 отсто од избирачите што излегле на гласање.  Лидерот на СДСМ, Венко Филипче не штедеше пофални зборови за Митовски образложувајќи дека поради видливата трансформација на Крива Паланка тој заслужува уште еден мандат од граѓаните.

Во интервју за „Фокус“, Сашко Митовски зборува за промените кои и се случиле на Крива Паланка, за релизацијата на проектите, за притисоците кои ги има од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и очекувањата од локалните избори.

Разговараше: Орце КОСТОВ

ФОКУС: Кои се вашите главни цели за Крива Паланка, што прво ќе промените ако ја добиете шансата да го водите градот во следните 4 години?

МИТОВСКИ: Целта која ја имав и во овој мандат останува иста: Крива Паланка да стане град во кој младите ќе сакаат да останат и ќе ја гледаат својата иднина тука, а повозрасните ќе ги поминат своите најубави години во достоинство.

Најголем успех за мене нема да бидат само реализираните проекти, туку ако успееме да ги задржиме младите во Крива Паланка. Да им овозможиме хумани услови за живот, да се чувствуваат безбедно, да гледаат јасна перспектива дека тука можат да формираат семејство, да живеат пристоен живот во чиста, уредена и функционална средина.

Таква е мојата визија и за следните четири години: да продолжиме со капиталните проекти кои веќе ги започнавме, бидејќи за големите промени не е доволен само еден мандат. Овие процеси бараат континуитет и одговорност.

Искрено, се плашам дека ако дојде нова општинска администрација, тие проекти ќе бидат стопирани не поради рационални причини, туку од чист политички инает. Видовме како функционираат досега и градоначалници и централната власт од ВМРО-ДПМНЕ, за жал често спротивно на интересот на граѓаните, само затоа што не е по нивно. Тоа не смееме да го дозволиме.

Мојата цел е јасна, поткрепена со искуство, и импозантна богата изборна програма од мерки за домување, финансиска помош за новороденчиња, мерки и поддршка на младите со кои директно се поддржуваат младите, се до мерки за ослободување од комунални такси за прво домување и многу други значајни сетови од мерки за младината. Јас сум цврсто убеден дека граѓаните сето тоа го препознаваат. Затоа што Крива Паланка треба да биде град на можности, не на иселување. Со доверба на граѓаните, ќе го довршиме започнатото и ќе изградиме достоинствен живот за сите.

ФОКУС: Колку високо е зелената агенда во вашата програма?

МИТОВСКИ: Секако, зелената агенда останува еден од моите врвни приоритети како што беше и во претходниот мандат. Зошто? Затоа што Крива Паланка има едно од најголемите природни богатства во државата. Бог кога давал, навистина не штедел во Крива Паланка.

Нашиот град и околината изобилува со прекрасна недопрена природа која имаме должност по секоја цена да ја заштитиме. Имаме чиста природа, реки, шуми… и тоа не е нешто што треба само да го фалиме, туку да го чуваме. За тоа колку високо е зелената агенда во нашата програма, зборува континуитетот во изминатите 4 години во заложбите за обезбедување чист, зелен и урбан град претпознатлив насекаде. За тоа зборува и признанието “Втор најчист и најеколошки град во државата“, признание доделено од Швајцарската амбасада, “Балкан еко институт и “Пакомак“. Крива Паланка надалеку е претпознатлива како “зелена артерија“. Над 2.800 посадени садници во само еден мандат, цветни леи, беспрекорно уредени и подигнати нови зелени површини, уредени и изградени нови пешачки патеки и паркови со зелени површини. Нашата визија и определба се јасно претпознатливи и придонесуваат кон создавање на нов, модерен и урбан лик на градот.

И токму зелената агенда има и централна позиција во мојата изборна програма затоа што зелената транзиција не е избор туку неопходност за иднината на нашите деца и нашата заедница. Нашата визија да создадеме еколошка општина се заснова на три столба.

Првиот столб е изградбата на пречистителна станица на Крива Река која ќе го заштити најголемото водно богатство кое го има Крива Паланка. Вториот столб е поставување на фотоволтаици со цел поголема достапност на граѓаните и институциите до зелената енергија како и општинска помош за граѓаните со цел енергетска ефикасност на нивните домови, но и енергетска ефикасност на институциите на локалната самоуправа. Третиот столб се однесува на звучни огради кои ќе го заштитат градот од несаканите ефекти на звучното загадување и она што е најважно, а тоа е зголемување на зелените површини ширум градот. Верувам дека со овие проекти, ќе направиме вистински чекор напред кон една поодржлива, поздрава и почиста Крива Паланка.

ФОКУС: Бевте обвинет дека се ставате во функција на државен инспектор за животна средина откако го повикавте ДИЖС да си ја работи работата. Како ќе се борите за животната средина во Крива Паланка во евентуален втор мандат ако немате соработка со државните институции?

МИТОВСКИ: Иако формално правно јас како градоначалник немав ингеренции во случајот со еколошката катастрофа која ја предизвика рудникот Булмак кога техничка вода се излеа во Тораничка Река, а потоа и во Крива Река моја должност пред граѓаните е да го заштитам нивниот интерес.

Свесен за можните последици јас не можев и не смеев да ја премолчам оваа еколошка катастрофа која ја премолчија институциите на централната власт кои имаат директна надлежност од свои себе познати причини. Од таа причина најмив приватна компанија која ќе го испита квалитетот на водата во Крива Река која се користи за наводнување на огромен број на земјоделски површини. За жал резултатите ги потврдија нашите стравови и водата на Крива Река во тие моменти не смееше да се употребува за ништо поради огромното количество на загадување.

Не се каам за начинот на кој постапив во тие моменти. Напротив кога нешто не е како што треба, кога институциите не си ја вршат работата, не можам да молчам. Мене градот и граѓаните секогаш ми се на прво место. Свесен сум дека тоа носи последици, и за мене и за моето семејство, но верувам дека молчењето во такви ситуации е уште поскапо.

Јас отсекогаш сум бил отворен за соработка со сите државни институции, но знаете соработката е двонасочна улица, проблемот не е во градоначалникот на Крива Паланка, ниту во градската администрација, туку во централната власт која ја злоупотребува својата позиција за да води дневна политика на сметка на кривопаланчани.

Како во претходниот така и во наредниот мандат јас сум подготвен да соработувам со сите институции и верувам дека после локалните избори кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се увери дека со саботажи и блокади на штета на граѓаните не може да ги придобие кривопаланчани и дека тоа не е патот на успехот на избори во Крива Паланка. Мојата и победата на советничката листа на локалните избори ќе биде доволно јасен сигнал дека централната власт ќе мора да ја промени политиката кон нашиот град и да престане да се однесува на начин како до сега.

ФОКУС: Крива Паланка е една од ретките општини која донесе нов ГУП. Што ќе значи ова за граѓаните, нови приватни објекти и згради или паркови и спортски терени?

МИТОВСКИ: По 50 години чекање, донесувањето на новиот функционален генерален урбанистички план е важен бенефит и исчекор за нашата општина. Во нашиот генерален урбанистички план предвидени се општи намени на просторот кој потоа во деталните планови ќе бидат детално разработени. Што значи ова? Доколку имаме инвеститори кои бараат да инвестираат во изградба на колективни станбени згради, новиот ГУП нуди зголемена флексибилност при изборот на соодветна локацијата за оваа намена. Исто така, знаеме колку е скапа изработката на деталните урбанистички планови, така што нашиот ГУП дава слобода во дефинирање на помали опфати за разработка на ДУП. Што се однесува конкретно на вашето прашање, во нашиот ГУП се опфатени сите намени, а тоа дали ќе се градат повеќе приватни објекти, згради или паркови и спортски терени ќе се дефинира во самата изработка на деталните планови. Ние секогаш се стремиме за повеќе зеленило, повеќе паркови, спортски терени, а доказ за тоа се големиот број на изградени спортски терени, зелени површини, паркови, детски катчиња, уредени патеки во последните 4 години. Нашиот ГУП нуди хуман, урбан и зелен развој на градот. Затоа и не случајно сме наградени со втора награда на Меѓународниот Салон за урбанизам во Бијелина, Србија.

ФОКУС: Како ќе се борите со урбаните градежни моќници, со оглед на тоа немало досега локална власт која не им била наклонета?

МИТОВСКИ: Не се согласувам со вашата забелешка дека локалната власт била наклонената кон локалните моќници, општина Крива Паланка во изминатите четири години единствено беше наклонета кон граѓаните и јавниот интерес.

Дел од граѓаните поседуваат и бизниси кои во Крива Паланка се од типот на мали претпријатија со помалку од десетина вработени и тие се главниот двигател на локалната економија. Ако мислите дали го помагаме локалниот бизнис во целиот овој изминат период тоа би можел да го потврдам.

Знаете дека некаде на почетокот од мојот мандат се соочивме со последиците од корона кризата и инфлацијата која го стави под знак прашање функционирањето на голем дел мали компании во Крива Паланка, но тогаш јас и мојот тим заедно со поддршка од централната власт предводена од СДСМ сторивме сè за да ги спасиме малите бизниси и работните места на граѓаните. Поголем дел од студиите и истражувањата токму тоа и го покажаа, а и самите сопственици се директни сведоци, дека со помошта и ефикасната политика на СДСМ и финансиските сет мерки насочени директно кон малите и средни претпријатија беше можност за нивно продолжување со работа, спасување на голем број работни места како и на целокупната економија. Секогаш мојата помош и соработка е отворена и насочена кон добробит на моите сограѓани.

Оној кој што имал потреба знае дека мојот кабинет бил отворен за сите граѓани без разлика од која политичка партија се или каков е нивниот имотен статус, така било и така и ќе остане.

ФОКУС: ВМРО-ДПМНЕ преку советничка во Советот ве потсети дека изборите во 2021 ги добивте со ветување дека нема да земате плата и ќе ја укинете репрезентацијата и дневниците. Што од ова исполнивте?

МИТОВСКИ: Најголемиот благослов за мене е укажаната доверба да му служам на народот во овој период. Тоа е исклучителна чест, но и голема обврска што ја извршував со љубов, посветеност и лична жртва.

Со гордост и одговорност можам да истакнам дека во изминатите четири години: не сум користел службен телефон, за време на мојот мандат не се исплатени ниту една дневница ниту хонорар, не сум искористил ниту еден слободен работен ден, не е потрошен ниту еден денар за лична репрезентација. Напротив, значителен дел од општинските прослави, новогодишни настани и активности беа реализирани со моја лична финансиска поддршка.

Што се однесува до платата, таа беше целосно донирана во текот на целиот мандат, за што постојат сите соодветни трансакциски записи и докази. Не го истакнувам сето ова за лична промоција, туку од чувство на должност пред граѓаните, тие имаат право да знаат дека зад секој новогодишен базар, украсување или културен настан стои моја лична логистика и финансиска поддршка. Мојата определба била и останува иста: Да му служам на народот чесно, одговорно и со личен пример.

ФОКУС: Во каква финансиска состојба е општината и зошто имате висок процент на поништени тендерски постапки?

МИТОВСКИ: Ако ги земеме во предвид последните неколку години за споредба на буџетот, ќе забележиме дека  финансискиот капацитет на општината во собирање на приходите се подобрува, а со тоа секоја година се зголемува и буџетот. Последниот усвоен буџет од околу 718 милиони денари, а од тие средства, околу 203 милиони денари се предвидени конкретно за капитални инвестиции тоа се главно проекти поврзани со инфраструктура, јавни објекти и услуги што директно ги засегаат граѓаните. Добар дел од тие проекти се поддржани и преку државни дотации, ИПА фондови, чиј финансиски средства играат значајна улога во реализација на капитални проекти во градот, па дури и преку поволни заеми, што ни дава простор да планираме и реализираме и поголеми зафати.

Во однос на тендерските постапки да, се случува некоја да се поништи, ама тоа не е необично. Причините обично се технички или административни, како на пример ако има недоволен број понуди, некоја документација не е комплетна или ако во меѓувреме се направат измени во буџетските приоритети, како и доколку добавувачите имаат нереални високи цени. Секој тендер кај нас се спроведува според Законот за јавни набавки, а тоа ни е обврска, но и гаранција дека постапката е фер и транспарентна. Кога ќе се поништи некоја постапка, не значи дека проектот пропаѓа, туку ја прегледуваме документацијата, ги корегираме условите ако треба, и повторно ја објавуваме набавката. Сè со цел средствата да се искористат најефикасно и проектот да се реализира онака како што е планирано. Сè со цел до навремена и одговорна реализација на јавните средства во интерес на граѓаните.

ФОКУС: Имате кривична пријава од МВР за злоупотреба на службена должност и овластување затоа што наводно сте дозволиле доизградба на објект без важечко одобрение. Добивте ли покана од Јавното обвинителство и дали по евентуална победа очекувате да се зголемат притисоците од централната власт?

МИТОВСКИ: Јас сум доволно долго во политиката да знам како и на кој начин функционира ВМРО-ДПМНЕ кога има апсолутна власт, знаете власта корумпира, апсолутната власт корумпира апсолутно. Се сеќаваме како ВМРО-ДПМНЕ владееше до 2017-та година со страв, омраза и политички прогон кон своите неистомисленици, денес ништо од ова не е променето.

Доколку навистина имаа цврсти докази против мене за сторено било какво кривично дело, оваа власт досега кој знае колку пати ќе ме осудеше.

На кривичната пријава кон мене не гледам на ниту еден друг начин туку како на директен политички притисок со цел да бидам заплашен и да не се кандидирам за уште еден мандат за градоначалник на Крива Паланка имајќи во предвид дека мојата победа е извесна. Очекувам како изминува кампањата и расте мојата предност пред мојот противкандидат од власта притисокот пропорционало да расте, не исклучувам и други веќе видени методи од страна на ВМРО-ДПМНЕ за нарушување на изборниот процес со цел спречување на фер и демократски избори на кои јас и мојот тим од советници би биле сигурни победници.

Што се однесува на прашањето дали по мојата победа очекувам притисоците да растат накратко ќе одговорам да, но ќе потенцирам дека не се плашам, ако се плашев немаше воопшто да се кандидирам за уште еден мандат. Знаете мене во животот не ме води стравот туку она кое што сакам да го постигнам, а тоа е целосна трансформација на Крива Паланка во европски град во кои младите ќе основаат семејства и ќе ја гледаат својата иднина. Затоа ќе истраеме, и ќе победиме како што доликува со фер, чесна работа и поддршка од граѓаните.

ФОКУС: Очекувате ли кривична пријава и за одговорните од рудникот Тораница за загадувањето кое го предизвикаа во март 2025?

МИТОВСКИ: Одговорност за еколошката катастрофа што и се случи на Крива Паланка и целиот регион мора да има, знаете јас лично бев тој кој поднесе кривична пријава против одговорните лица за катастрофата, но еве после неколку месеци се уште нема никаков епилог од пријавата која лично ја поднесов.

Знаете дека директорот на рудникот Булмак кој е најодговорен за еколошката кастрофа која и се случи на Крива Паланка e кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Пробиштип на престојните локални избори, еве јавно го прашувам ВМРО-ДПМНЕ особено мојот противкандидат и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Крива Паланка која е пораката која се испраќа до кривопаланчани со овој потег, но и до жителите на Ранковце и сите околни населени места кои ќе живеат со последиците од оваа еколошка катастрофа.

Ова ми дава за право да мислам дека додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт одговорност за тоа што и се случи на Крива Паланка нема да има.

ФОКУС: Ја оправда ли Крива Паланка довербата како град на културата и каков е нејзиниот туристички потенцијал?

МИТОВСКИ: Крива Паланка изминатите четири години доживеа вистинска културна трансформација и стана регионален центар во кој настапуваа огромен број на домашни, но и странски музички ѕвезди. Паланка беше домаќин на илјдници домашни и странски туристи поради богатата културна програма која ја нудеше нашиот град. Благодарение на туристите, илјадници евра се влеаа во буџетот на општинската каса, но и на локалните мали бизниси, пред сè сместувачки капацитети и угостителски објекти кои покажаа дека можат да се носат со квалитетот и услугата со својата конкуренција во Македонија и пошироко.

Имајќи го предвид туристичкиот потенцијал на Крива Паланка и фактот дека покажавме дека знаеме да бидеме добри домаќини, во новата програма посебен фокус продолжуваме да ставаме на развојот на туризмот. Крива Паланка веќе е препознатлива како најубаво украсен град за новогодишните празници, што придонесе за зголемен број на туристи и незаборавни прослави.

Во новиот мандат ќе формираме туристичко биро, ќе спроведеме туристичко брендирање и ќе поддржиме мали бизниси за зголемување на сместувачките и угостителските капацитети, вклучително и обуки за заинтересираните инвеститори.

Централен проект е урбанизацијата на Калин Камен нашиот туристички бисер и досега неискористен потенцијал. Во изминатиот мандат: донесена е урбанистичка документација за изградба на хотели, со две издадени одобренија за градба, започната е изградба на прв адреналински парк.

Изградени се 4 км нов асфалтен пат (БС-Кошари), со инвестиција над 25 милиони денари Започнати се активности за реконструкција на постојниот пат, вредни над еден милион евра. Обезбедена е проектна и техничка документација за нова водоводна линија. Во финална фаза се плановите за скијачки патеки и викенд населба. Сето ова е реализирано во само еден мандат, со конкретни резултати наместо празни ветувања.

Посебна стратегија ќе се развие и за угостителскиот туризам, како значаен извор на гости и приходи. Туризмот и културата, како заедничка понуда, се јасна насока за иднината на Крива Паланка.

Слични вести