На официјалната промоција за кандидат за градоначалник на Струга, пратеничката на Левица, Јована Мојсоска порача дека нејзината кандидатура ќе биде симбол против политичките договори зад затворени врати и поделбите што ги диктираат големите партии.
„Ние сме единствена партија која во својата платформа предвидува укинување на етничките партии, затоа што во едно современо општество, борбата треба да се води преку соочување на идеи и програми, а не преку борба на етнички гласови, која се докажа дека само го уназадува и сегрерира македонското општество“, вели во интервју за „Фокус“, Мојсоска, која е единствен кандидат за градоначалник на Струга од македонскиот блок.
Во интервјуто Мојсоска зборува за „сопките“ од големите партии, правните последици од забраната за рекламирање на Левица, за „аудито“ на Мерко, за борбата со градежните моќници и за главните цели за развој на Струга ако добие мандат да ја води општината.
Разговараше: Орце КОСТОВ

ФОКУС: Како ја води Левица својата кампања со оглед на забраната да се рекламирате и и да добиете простор во медиумите која произлезе од упатството на АВМУ?
МОЈСОСКА: Левица од самите почетоци на своето постоење се соочува со “сопки” од естаблишментските партии, затоа што нивниот модел на делување е единствено преку насилнички методи со кои се обидуваат да го задржат трулиот бипартизам врз кој егзистираат. Но, насилието на овие режимски партии дефинитивно ескалира на овие избори, каде десничарската гарнитура апсолутната власт ја користи само за да се угуши гласот на критиката, во услови на едно тотално неспособно управување. Но, нивната стратешка грешка е што немаат капацитет да увидат дека ваквото насилие само го расте нашиот ентузијазам за борба против нивните погубни политики, кои ја руинираа државата. Режимот не може да ни ја одземе улицата и непосредната комуникација со народот, каде Левица впрочем и израсна. Заглавени во една бледа кампања на истрошени политичари без визија и идеи, Левица е свежина на политичката сцена со нашата креативност и затоа нас можеби нема да не’ има на телевизиите, но социјалните мрежи како модерно гласило се просторот каде тие не можат да не победат.
ФОКУС: Колку тоа ќе придонесе за видливоста или невидливоста на кандидатите на Левица, што ќе произведе политички и правно оваа одлука на АВМУ?
МОЈСОСКА: Левица ги искористи сите домашни правни лекови против владино инструираната одлука на АВМУ, донесена од еден вечен директор кој со својот султански мандат е на чело на оваа институција уште од 2014 година. Впрочем, Зоран Трајчевски има поголем мандат и од самите премиери и тоа јасно укажува дека тој е само послушен инструмент за тоталитарните методи на секоја власт. Ние поднесовме иницијатива до Уставниот суд, предлог за изрекување привремена мерка до Основен граѓански суд Скопје, специјална тужба за заштита од дискриминација до Основен граѓански суд Скопје и Претставка за спречување дискриминација до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со што ги исцрпивме сите домашни правни лекови. После ова, ќе продолжиме да ја бараме правдата пред судот во Стразбур, а дополнително официјално ги информиравме и нашите левичарски партнери од Европската обединета Левица (The Left). И само да укажам до кој степен институциите во Македонија се заробени и инструментализирани од една налудничава власт – замислете, Уставниот суд по иницијативата на Левица за невидената цензура досега ќе одлучува само два дена пред настапувањето на предизборниот молк!
ФОКУС: Дали очекувате кампања со напади од големите партии?
МОЈСОСКА: Постојано сведочиме црна кампања, манипулации и закани од еден авторитарен десничарски режим. Впрочем кај нас владее премиер на влада, кој заглавен во својата суета и ароганција, цела година на пратенички прашања наместо да дава отчет пред највисокиот законодавен дом, Мицкоски говорницата ја користи за пресметка со своите политички опоненти. И тоа најдобро ја демонстрира безкапацитетноста на оваа владејачка гарнитура, која четири години во општините како власт нема реализирано ниту еден проект, па затоа во текот на целата кампања митинзите на ДПМНЕ се обременети со напади и спинови кон Левица, кога очигледно немааат да за промоција реализирани проекти и иницијативи од своите непособни градоначалници.
ФОКУС: Зошто одлучи Левица да има кандидат за градоначалник во Струга која секогаш важела за бастион на албанските партии?
МОЈСОСКА: А зошто да нема, нели ние сме парламентарна демократија во плурален партиски систем? Впрочем, ние сме единствена партија која во својата платформа предвидува укинување на етничките партии, затоа што во едно современо општество, борбата треба да се води преку соочување на идеи и програми, а не преку борба на етнички гласови, која се докажа дека само го уназадува и сегрерира македонското општество. Тоа што Левица има кандидати за градочалници во овие општини само го потврдува растот на Левица и докажува дека Левица повеќе не е мала партија – туку ние сме подеднакво подготвени да “трчаме и со големите играчи”.
ФОКУС: Кои се вашите главни цели за Струга, што прво ќе промените ако ја добиете шансата да го водите градот во следните 4 години?
МОЈСОСКА: Ревизија на договорите за концесија на струшките плажи и ослободување на просторот на плажите до 50% од јавниот простор, итна дислокација на дивата депонија, Стратегија за постапување со дивоградбите согласно УНЕСКО препораките, редуцирање на бројот на бездомни животни преку масовни акции за чипирање и стерилизација и транспарентност на општината (online пренос на седници + воведување алатка за брзо следење на јавните набавки на општината).

ФОКУС: Во првите три месеци од вашиот мандат велите ќе го продадете „аудито“ на мерко и ќе ги донирате парите. Ако го продадете „аудито“ на Мерко со што би патувале како идна градоначалничка?
МОЈСОСКА: Само да ве корегирам, парите нема да се донирани, туку ќе бидат пренаменети за изградба на центар за деца и лица со попреченост, што е сериозна потреба за мојот град. Јас и сега како пратеник не користам никакви привилегии, ниту патни трошоци и планирам така да продолжам доколку ја добијам довербата во мојот град. Ние мораме да го стопираме расипничкото владеење и аздисот на функционерите, во држава која има дури 7.000 службени возила и само 200 болнички возила! Оваа компарација јасно укажува колку се испомешани приоритетите на естаблишментот кој досега управувал со институциите, а преку нив – и со нашите животи. И морам да забележам дека и противкандидатот поддржан од ВРЕДИ ја прифати мојата иницијатива за продажба на “Аудито” на Мерко, што мене ми е драго дека нашите предлози и идеи продираат дури и во противничкиот табор.
ФОКУС: Владеењето на градоначалникот Мерко го одбележаа неколку скандали, расипничкото трошење на пари и недомаќинското работење. Како го оценувате неговото владеење?
МОЈСОСКА: Со постојан недостиг на вода за пиење, 7.000 дивоградби, диви депонии, незаконско поставување директори, иселено население од 20% од вкупната популација, бездомни животни на секој чекор, узурпирани јавни плажи – Мерко може да го заокружи неславно својот четврти мандат од управувањето со Струга. Рамиз Мерко може да го носи епитетот “Павле Трајанов” на локално ниво, затоа што додека се менуваа партиите на централно ниво (ДПМНЕ-СДСМ), тој маневрираше и успеваше да биде дел од секоја партија на власт и да го продолжи неговото криминално владеење.
ФОКУС: Мерко изгради приватна градинка во универзитет кој е оспоруван од МОН, а затвори една државна. Имате ли решение за проблемот на стружани со листите на чекање за градинка?
МОЈСОСКА: Приватната градинка на Мерко во Струга најдобро го покажува бизнис интересот на овие партии, каде политичари-бизнисмени свесно ја создаваат социјалната беда во која преживуваме – за потоа да профитираат од социјалните проблеми кои тие ги создале. За мене е скандалозно што ниту една надлежна институција го нема испитано работењето на оваа градинка, додека сомнежите се дека воопшто нема дозвола за работа (налик дивоградбата во Кочани). Повеќе од две децении ниту една владејачка гарнитура нема инвестирано во изградба на нова градинка во Струга, додека сите политички елити глумат загрижени за падот на наталитетот. Впрочем, тоа може најдобро да се заклучи од ужасната изјава на министерката Јаневска, која изјави дека размислувале празните училишни објекти да ги пренаменат во пензионерски домови?! Во мојата програма предвидувам не само изградба на нов објект за градинка, туку и конечно решавање на статусот на вработените во овие установи, затоа што истите со години се принудени да работат под договори за дело, со нерешен статус во неизвесност.
ФОКУС: Граѓаните преку мирни протести последниве две години им пратија јасна порака на политичарите дека животната средина е најважниот сегмент од секојдневното урбано живеење. А Струга ја демне дива депонија на само 1 километар од градот. Колку високо е зелената агенда во вашата програма?
МОЈСОСКА: Мојот активизам никогаш не бил исклучиво партиски, впрочем како поборник за заштита на животната средина сум била дел од едукативни проекти и кампањи за прогласување на Јабланица за национален парк. Дивата депонија е струшкиот Чернобил и ветувањето за нејзина дислокација веќе е излитена фраза која ја повторуваат сите власти досега. Само дислокација нема да го реши проблемот со создавање ѓубре во неговиот корен и затоа се залагам за зајакнување на капацитетите на јавното комунално претпријатие и имплементирање на современи практики за редуцирање и реупотреба на отпад. Компостари за биоотпад од затворен тип во секое маало што ќе бидат достапни за секое домаќинство (60% до 80% од вкупниот комунален отпад во Македонија е органски отпад и истиот може да биде реупотребен), изградба на капацитети за механичка обработка на градежниот шут во репроматеријал, селектирање на пластика и извоз надвор во земји кои ќе може да се справат со тој отпад на најбезболен начин.
ФОКУС: Како ќе се борите со урбаните градежни моќници, со оглед на тоа немало досега локална власт која не им била наклонета, а производот се еден куп дивоградби?
МОЈСОСКА: Левица не само што органски потекнува од активисти кои созреале на протести против урбаната мафија, туку ние сме единствена партија која во својата програма има забрана за продажба на државно и општинско земјиште. За разлика од останатите партии, ние не сме во тесна спрега со крупниот капитал и градежната мафија која профитира од уништувањето на квалитетот на јавниот живот и затоа имаме одврзани раце за делување. Во борбата против урбаната мафија, најпрво мора да се врати функцијата градски архитехт, односно не може деталните урбанистички планови да ги диктираат приватни фирми без никакво учество на јавноста. И секако, во Струга е потребна одлучна и бескомпромисна акција за итно отстранување на дивоградбите кои се наоѓаат во заштитена зона и кои се опасни по безбедноста.
ФОКУС: Струга е рекордер во иселувањето. Како ќе се спречи ова во град полн со корупција и партизирани институции?
МОЈСОСКА: Не можеме да се бориме против партизираноста на институциите додека постојано ја даваме довербата на истите партии на естаблишментот, кои ја партизираа секоја пора на општеството. Македонија е една рудиментирана демократија, каде три децении партиите својот легитимитет на избори го влечат единствено од државна администрација и предизборни вработувања. Нашата главна порака во оваа кампања е дека „ние сме нашите избори” и дека нашиот глас е политичка одговорност и одлука дали ќе продолжиме да тонеме во брутална партизација и корупција, која веќе не’ чини и системски трагедии.

ФОКУС: Меџити најави капитална инвестиција „Чиста вода за Струга“ за реконструкција на водоводната мрежа, но стружани и во септември немаа вода. Кои се причините за ова, како ќе се реши и ќе има ли одговорност за тоа што им е скратено правото на чиста вода на сите граѓани?
МОЈСОСКА: Речиси и да нема стручна и издржана анализа за проблемот со вода во Струга, транспарентноста на јавното претпријатие е на ужасно ниво и секогаш изговорот е дека се чекаат поволни метереолошки услови. Општина Струга се соочува и со ниска наплата за вода и со голем број диви приклучоци, поради големиот број дивоградби. Освен реконструкција на водоводната мрежа, мора да се направи ревизија на работењето на јавното претпријатие и да се утврди одговорност кој дозволувал диви приклучоци и не наплаќал фактури за вода, поради што претпријатието не е финансиско одржливо, ниту пак има капацитет за посериозни зафати за модернизација на водоводниот систем. Дополнително, мора да се испита и работењето на двете мали хидроцентрали во сопственост на познатиот Анѓушев, кои се лоцирани во самите извори на Струга и за кои во минатото имаше сомнежи за нивно нерационално работење.
ФОКУС: Многу ветувања за Струга да стане туристички гигант ама освен препукувања меѓу партиите не видовме ништо. Што би промениле вие, каков потенцијал има Струга во однос на туризмот, културата и спортот?
МОЈСОСКА: Ќе почнам од спортот, затоа што сметам дека е трагично што општинската спортска сала (која ја користат 1.300 ученици) е затворена повеќе од 5 месеци и истата е со конфузен имотно-правен статус. Односно, општина Струга е најверојатно единствена општина која во сопствено владение нема спортска сала и затоа итно решавање на имотниот статус и нејзина реконструкција е мојот приоритет.
Поддршка за реставрација на старите законски заштитени куќи (прогласени за бисери на старата струшка архитектура); отворање туристичко биро и мапирање на сите културни објекти, знаменитости и музеи; лансирање на туристички веб-портал и мобилна апликација („Струга град на две води”); развој на етно-туристички пакети се само дел од проектите преку кои Струга би станала препознатлив бисер во делот на туризмот и културата.