И по речиси половина година некои општини се уште им должат пари на членовите на изборните тела

by jadranka 14:46
14:46

Речиси пет месеци по завршувањето на вториот круг од локалните избори, се уште има општини кои не ги подмириле своите обврски кон членовите на изборните тела – избирачките одбори и општинските изборни комисии. Станува збор за поголемиот дел од скопските општини и дел од општините од внатрешноста, кои не ги исплатиле членовите и замениците членови. Но, бројката од нив не е занемарлива , спротивно, станува збор за бројка од неколку илјади луѓе, бидејќи општините кои им должат се меѓу поголемите во државата. Особено скопските меѓу кои, според информациите на Фокус, се Кисела Вода, Ѓорче Петров, Чаир, Гази Баба и Аеродром кои имаат меѓу  53 и 93 избирачките места. А, ако се знае дека а секое изборно место во одборот треба да има по пет члена и исто толку заменици, тогаш бројката на вклучени лица во нив е десеткратно поголема од бројот на местата.

„Фокус“ веќе објави дека во општина Аеродром имало одлука надоместоците да им се исплатат намалени за 50 отсто, за што реагираа опозициските советници. Спротивно на Изборниот законик и Правилникот на Државната изборна комисија, Советот на општина Аеродром на вчерашната седница одлучи да ги намали за 50% надоместоците на членовите на избирачките одбори. Со оваа одлука 930 членови на избирачки одбори ќе добијат за 50% помали надоместоци од тоа што ги следува согласно Изборниот законик.

„Висината на овие надоместоци е експлицитно утврдена во Правилник на ДИК и се движи од минимум 12.000 денари за член и заменик на избирачки одбори кои имаат до 300 гласачи, се до 22.000 дена за претседателот на избирачките одбори кои имаат над 901 гласач. Советот на општина Аеродром нема право произволно да го менува овој износ“, велат советниците од СДСМ во Аеродром.

Слична одлука, според информации на „Фокус“ изгласал и советот на општина Гази Баба, додека во останатите општини кои се уште должат пари, нема информации кога тој долг ќе го анулираат. Образложението од мнозинството што ја донело одлуката е дека се чека својот дел од обврските да го подмири и градот Скопје.

„Фокус“ контактираше со новата градска администрација за да добие одговор на овие прашања. Оттаму велат дека градот ги подмирил своите обврски кон градската изборна комисија и нема законска ниту обврска, ниту можност, да подмири дел од обврските кон членовите на избирачките тела. Од градот уште велат забуната настанала поради правилата пропишани од ДИК за изборите од 2021 година кои тогаш велеа дека градот има обврска да партиципира со 30 отсто од трошоците. Но, според најновиот правилник таа обврска сега е 100 отсто на товар на општините.

„Фокус“ ја контактираше и Државната изборна комисија. Оттаму велат дека законските одредби се јасни – избирачките одбори и ОИК, поточно нивните членови целосно се плаќаат директно од општините. Освен оние општини кои имаат блокирани сметки, па тогаш ваквата обврска преку посебна наменска сметка за изборите место нив ја прави Министерството за финансии.

На оваа тема од општините што должат единствено во медиумите се појави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој најави дека до крајот на месецов ќе има целосна исплата на парите. Но, и искажа забелешка, дека не очекувал луѓето од изборните тела, учесници во организацијата на изборите, тоа да го прават исклучиво од финансиски интерес.  Засега нема најава од другите општини – должници кога ќе ги реализираат овие обврски.

З.Фиданоски

Слични вести