Во германскиот град Келкхајм, во сојузната покраина Хесен, се случило страшно злосторство кога 60-годишен хрватски државјанин ја убил својата 58-годишна сопруга, исто така хрватска државјанка, на самата улица. По нападот, мажот бил уапсен, откако претходно бил совладан и задржан од случајни минувачи кои биле сведоци на злосторството, пишува Focus.de.
Истражниот судија на Општинскиот суд во Франкфурт ќе одлучува за притворот на осомничениот. Обвинителството во Франкфурт потврди дека станува збор за сопружници од Хрватска кои биле во брак од 1991 година.
„Во оваа рана фаза од истрагата, не можеме да дадеме дополнителни информации“, соопштија од обвинителството.
Според досегашните информации од полицијата и обвинителството, мажот ја убил сопругата синоќа на јавно место, во близина на пазарот во Келкхајм. Наводно, на злосторството му претходела расправија.
Убиството се случило пред многу минувачи, од кои некои успеале да го совладаат напаѓачот и да го задржат до пристигнувањето на полицијата. Притоа, осомничениот се здобил со полесни повреди. Мотивот за злосторството засега е непознат, а истрагата е во тек.
Еден од очевидците, кој се претставил како Петар, изјавил дека се наоѓал на само неколку метри од местото на нападот. Според него, мажот ја удрил жената во вратот со мачета.
„Сè беше полно со крв. Бегав за да си го спасам животот“, рекол тој.
Тој додал дека ја видел жената како трча во истата насока, но не го видел моментот кога таа паднала. Вели дека забележал само еден удар, по што нападот завршил.
Во официјалните соопштенија, полицијата досега навела само дека било употребено „ладно оружје“, без да ги потврди тврдењата на сведоците дека станувало збор за мачета. Жената им подлегнала на повредите на самото место.
Портпаролот на полицијата изјавил дека во моментот на нападот во тој дел од градот имало многу луѓе, бидејќи во близина има неколку ресторани.
На местото на злосторството пристигнале кризни психолози кои им помогнале на сведоците.