Архива: Груевски допрва ќе види што е ноќна мора

by Фокус

Текстов е објавен во неделникот Фокус на петти ноември 2010-та година, непосредно по заминувањето на Ване Цветанов од директорската позиција во Агенцијата за спречување на перење на пари, настан кој беше кулминација на несогласувањето помеѓу него и премиерот Груевски.  

Разговарала: Јадранка КОСТОВА

Ване Цветанов се смета за вмровец откако памети за себе, а потекнува од кочанското село Чифлик, за кое нагласува дека било комунистички бастон. Дипломската тема во 2001-та му била за политичкиот маркетинг, но, токму кога неговите се на власт, не може да најде работа. Во расколот потоа, е меѓу малцинството од УМС на ВМРО кое застанува зад Груевски наспроти Георгиевски. Верувал дека има искрени намери и дека е реформатор. Денес, се извинува што своите роднини и пријатели ги довел во заблуда да гласаат за Груевски. Го смета за нарачателот на неговата егзекуција, додека Маневски бил само извршител. Во екслузивното интервју за Фокус, Цветанов раскажува за ,сценаријата, според кои функционира партијата; за 50-те моќници што владеат со Македонија без оглед кој е на власт; како ,детето од село, ги збеснало банкарите кога и Груевски барал да ја спушти топката …
Во секој случај, дециден е дека неговиот случај и оној на Владо Димов се мешање баби и жаби, а впечатокот после разговорот е дека борбата против организираниот криминал е обичен фингерај. Како и наводниот анимозитет на Груевци кон Бранко.

ФОКУС: Интересно е дека како и во случајот со портпаролот на ФЗО, Гацов, и за вас не знаеме дали сте си поднеле оставка или ве разрешиле. Еве, денеска најпрвин преку отворено писмо објавивте дека поднесувате оставка, не поради антикорупциската туку поради лицемерната политика на Груевски, но, набргу потоа стигна абер од Владата дека на денешната седница ве разрешиле од директор на Управата против перење пари, на иницијатива на антикорупциска. Знаевте дека ќе ве сменат, па побрзавте да ги претркате? Или, ова е стара шема на владата?

ЦВЕТАНОВ: Морам најпрвин да разјаснам дека после моите јавни расправии со Селами сто пати барав точката да се стави на Влада, машки да ја разгледаат и доколку најдат еден грам вина нека ме разрешат слободно. Но, бидејќи знаев дека е монтиран процес, дека нема факти и аргументи- ветер и магла е работата, верував дека Владата нема да најдат никаков основ за мое разрешување.

ФОКУС: Кој е режисерот на монтажата?

ЦВЕТАНОВ: За тоа после. Сакам прво да ги разјаснам овие работи. Иако барав владата да се произнесе, тоа не се случуваше. Но, преку портпаролот Мартин Мартиновски ми забележаа дека многу сум бил многу остар дури и радикален со моите изјави. Му објаснив дека мојот став е кој е прав се бори, кој е крив се крие. И тука нема што да изгубам! Конкретно ми префрли дека сум претерал со станувањето од ТВ дуелот со Селами на емисијата КОД на Канал 5, сум направил непотребно шоу. Напротив, му реков дека многумина ми честитаа за тоа, дека поентирав со тој потег. Потоа дојде циркусот. Добивам покана за промоцијата на едношалтерскиот систем во Централен регистар. Пред почетокот на настанот, Александар од протоколот на премиерот, кој што порано беше кај Љубчо Георгиевски, ме тргна настрана со препорака дека ќе има многу новинари, ќе имаат незгодни прашања за премиерот за болното прашање, демек, за мојот случај, па, ме замоли да си одам!

ВМРОВСКИ РАЗГОВОРИ ПРЕКУ СМС ПОРАКИ

ФОКУС: Ова да си одите по директива?!

ЦВЕТАНОВ: Се интересирав дали прашал некого за оваа наредба?! Дечкото пушти некаква смс порака, не ми покажа ништо, но, за 5 минути ми потврдува дека треба да го напуштам настанот. И јас заминав. После неколку дена ми се јавува Билјана Секуловска да бидам гостин на А1, ама бидејќи бев во Струмица се договоривме да се вклучам телефонски во разговорот, а во студиото требал да биде Илми Селами. Но, после неколку часа добивам смс порака од Мартин Мартиновски. Ја слушнале најавата за емисијата од А1, па ми препорачува: Не ти е потребно, не им се јавувај, само штета си правиш и на себе и на владата. Ти кажав дека премиерот беше лут за последната изјава, со тоа што ќе дадеш изјава само да ја држиш темата отворена …

ФОКУС: За која изјава бил лут Груевски?

ЦВЕТАНОВ: Бил лут кога имавме промоција на прирачник со Холандската амбасада , а повторно имав наредба да не давам изјави за медиумите. Требаше да излезам од задниот влез на саемот, но новинарите влетаа во салата со камери и дадов коректна изјава, со која никого не нападнав. Но, ете, според кажувањата на Мартин, премиерот бил многу лут што се појавувам на телевизија.

ФОКУС: Но, беше и кај Миленко Неделковски на Канал 5?

ЦВЕТАНОВ: Никој не ми приговори за тоа. Јас во секој случај, не се вклучив во емисијата на А1. Арно ама, вечерта кога ја гледав репризата, видов дека Селами ме прави мајмун, иако не кажа конкретно каде точно сум згрешил во постапките. Округло, па на ќоше! И тогаш му пратив порака на Мартин. Му кажав дека молчењето е погрешна тактика, ќе направи штета и на владата. Затоа барав да се стави темата на дневен ред на владата, ако најдат факти, нека ме разрешат, но, вака не можам да дозволам да ме платкаат цело време. Уште еднаш му нагласив дека мојот случај е сосема чист и нема зошто да се молчи.

ФОКУС: Доби ли одговор од Мартин Мартиновски?

ЦВЕТАНОВ: Немаше одговор. Ова се случува предминатиот викенд, петокот. И во саботата му праќам порака на премиерот: Ниту сум криминалец, ниту ќе бидам. Чист сум целосно и се бранев достоинствено! Ете, го напуштив како што баравте и настанот во Централен регистар, и настапот за А2, но колку повеќе молчам толку повеќе ќе ја вртат темата. Ако е тактиката да ме оцрнат, тогаш- ОК. Но, ја оцрнуваат така и Владата. Не ми одговоривте на ниту една смс порака …

ФОКУС: А сте праќале за случајот и претходно пораки до Груевски?

ЦВЕТАНОВ: Можеби сто сум испратил! Му напишав: Чист сум а се однесувате со мене како криминалец. Каде згрешив? И тогаш конечно добив смс одговор: Си згрешил во процедурата, за која говори Антикорупциска. Јас возвраќам дека тоа не е точно, дека имам грешки во процедурата помалку и помали од многу други институции. Работата е што за мојот случај се работеше со посебен специјален аршин. Можам и да го тужам Селами за злоупотреба на службена должност бидејќи има направено кривично дело во постапката со мене. Но, прашањето ми беше дали воопшто можам да се бранам или треба да продолжам да молчам и да ме дискредитираат секој ден без да сметам на било каква заштита и подршка.

ФОКУС: Дали Груевски ви испрати смс одговор?

ЦВЕТАНОВ: Да, во смисла дека не можел на ваков начин да комуницира за ова. Ќе сме имаме прилика да искомуницираме. А, фактот што и други институции грешеле, не можеле да и го презентираат на јавноста како оправдување за мене. Демек, јас криминалецот! И јас му возвраќам: Претседателе, ќе бидам преблагодарен доколку најдете 10-тина минути следната недела. Му побарав едноставно шанса за да му го објаснам целиот случај. Се извинив што го вознемирувам и тука заврши нашата комуникација.
МИХАЈЛО Е ИЗВРШИТЕЛОТ, ГРУЕВСКИ Е НАРАЧАТЕЛОТ

ФОКУС: Ве викна ли барем на 10 минути, или смс системот продолжи?

ЦВЕТАНОВ: Не ме викна! Но, во петокот, на 16 јули имаат Извршен комитет (ИК), разговараат за лицата со двојни функции, и некој по режија станува наеднаш со прашањето: А претседателе, што правиме со Ване Цветанов? И Груевски одговара: Па, јас мислам дека има направено грешка. Потоа ги прашува Ставревски и Јанкуловска што мислат тие, и од обајцата добива ист одговор, во смисла дека има пропуст, дека не е чиста работата. Другите штама. Излегува само Влатко Ѓорчев и им кажува дека Мирјана Димовска ги нуди сите факти од антикорупциска дека Ване е чист. Но, претседателот Груевски му вели: Остави ја Мирјана!.

ФОКУС: Мирјана Димовска е на твоја страна?

ЦВЕТАНОВ: Мирјана се јавуваше и кај Ставревски и кај Јанкуловска да им објасни со факти дека сум чист и дека нема грам криминал таму. Како човек од внатре, од антикорупциската комисија им тврдеше дека целиот случај е местенка. И дека Михајло Маневски ја форсираше цело време таа месетнка.

ФОКУС: Михајло Маневски е главниот режисер?

ЦВЕТАНОВ: Не, Михајло е извршител. Нарачателот е премиерот Груевски. Но, да продолжам уште за партиските шеми. Во неделата, на 18 јули, пред седницата на ЦК, ми се јавува дома еден виден член на партијата. Имал една добра и лоша вест за мене. Лошата била да си дадам оставка. Така решил Извршниот комитет. И да кажам дека ја поднесувам оставката од морални причини. Му велам, зошто да дадам оставка, кога не сум виновен. Ме замоли да дојдам на седницата на ЦК. Сум требал да се видам на две минути во ходник со Ставревски и Груевски да ми кажеле што да правам. Ми се згади! Не сум курва па на две минути по ходници да расправам. Но, колегава од партијата ми препорача само да сум му кажал на премиерот: Претседателе, ќе направам се што Вие ќе кажете, но знајте дека прав сум. Дајте ми шанса да објаснам, но ќе постапам според Вашата волја,! Ме замоли да одам на седницата, демек, само да ме видат, дека не бојкотирам. Ми рече дека бил на моја страна, само да ја дадам фино и мирно оставката и во септември ќе сум добиел подобра и повисока функција.

ФОКУС: Како што сторија министрите Перо Стојановски и Ацо Спасеновски. Си дадоа послушно оставка, а по неколку месеци станаа амбасадори.

ЦВЕТАНОВ: Па, така некако, изгледа. Но, на оваа непристојна понуда му објаснив дека не сум влегол, ниту сум во ВМРО за функција. За мене ВМРО е идеологија. Но, тој ми вели: Зарем не сфати дека во политиката нема идеологија. Во понеделник, на 19 јули испраќам уште една, последна смс порака до Груевски: Веќе стана јасно дека Ваша желба е да бидам уништен. Браво за одлуката на ИК! И во времето на УДБА не суделе на обвинетите без да дадат шанса да се произнесат. Ќе поднесам оставка, но нема да биде пријатна. Бев спремен да загинам за Вас, ама ме принудивте на лошо. Јас сум човек имам достоинство и чувство. Очигледно дека антикорупциска не е проблем, туку друго нешто. Срце ме боли што завршува вака, но морам да се бранам и не сакам да бидам дел од спин игра.
ПРЕМИЕРОТ МЕ ИСКАРА ДЕКА СУМ ПРЕТЕРАЛ СО БАНКАРИТЕ

ФОКУС: Немаше подрша од Груевски за реформи на Агенцијата?

ЦВЕТАНОВ: Имав на почетокот. Но, кога станав директор, наидов на екипа од само 7 вработени, кои делеа неколку канцеларии со Финансиската полиција. На рејтинг листите бевме веднаш по Азербеџан горе на листата, а сега ситуацијата е драстично понаква. Имаме супер оценки за борбата против перењето на пари. Но, за овие резултати беше потребно да се напарави голема реформа. Во 2007 март, кога давав извештај на Влада за состојбата со перење пари, побарав за да ги оправиме работите да ми дозволат да вработам уште луѓе. Таа година го подготвивме и новиот законот против перење пари, беше усвоен во Собрание јануари 2008 година. Таму вметнав одредба секоја банка да има оддел за анализа на ризици од перење пари. Предвидовме и инспекциски надзор за ова. Кој не соработува, ќе следуваат санкции. Тука мислам дека ги фатив сите на спиење. Е тој шок, додека сите се свестија што направило ,детето од село, која моќ ја доби, тука веќе збесна банкарското лоби, се скршија суети на многу директори.

ФОКУС: Сакате да кажете дека од овој миг, 2009-та кога збеснува банкарското лоби почнуваат вашите проблеми и притисоци?

ЦВЕТАНОВ: Да, важно за мојот случај е да објаснам дека во 2008-та пред изборите направив нова систематизација за 48 луѓе, која што министерот за финансии Трајко Славески ја потпишува. Избрав квалитетен тим. Затекнав кога дојдов во Дирекцијата само 7 вработени, веќе во 2007 дотуркав, или успеав да измолам да вработам 5 нови луѓе, па имавме 12 вработени. Потоа стигнавме до 18 вработени, а пред изборите 2008 стануваме 48, или плус нови 30 лица.


ФОКУС: Како ги вработувате овие 30 луѓе? Со договор на дело?

ЦВЕТАНОВ: Не, со договор за вработување на определено време. Сите со согласност од Минситерот за финансии, Трајко Славевски, согласно законот. И тоа бараше макотрпна работа, да ги обучиш, тие луѓе да ги ставиш во колосек. Во организациона структура со 7 луѓе немаш менаџмент. А за да ги ставиш во функција 50 луѓе, работев по 15 саата на ден. Подготвивме процедури, правилници, подзаконски акти, но и одделение за инспекциски надзор, согласно новиот закон, а се по меѓународни стандарди. И кога влеговме во една банка и најдовме еден куп неправилности, добија санкции. И тогаш веќе банките сватија што се случи со законот. Лани летото направиме уште една блиц контрола во неколку поголеми банки. Ние по закон имаме право да им ги земеме менаџерските договори на сите директори, да ги ставиме во сеф, и доколку видиме дека на нивните лични сметки се вртат поголеми суми од оние наведени во менаџерските договори, тогаш можеме да отвориме случај.

ФОКУС: И тоа им ја погоди суетата?

ЦВЕТАНОВ: Па, демек, кој е сељакот да ни ги бара менаџерските договори. И тука пукна филмот. Ми се јави премиерот и вели: Си претерал со банките, симни ја топката. Во меѓувреме зајакнуваа и одделите за перење пари и за аналитика. Но, и ИТ капацитетите на Управата се зајакнаа до тој степен што можат да ни завидуваат еден куп институции. Ние сме првата институција што веќе три години има активен ,Документ менаџмент систем,. Владата три години зборува дека ќе го имплементира, а кај нас е веќе во функција.

 

ПРЕДМЕТИТЕ БЕА ЗА ЛУЃЕ БЛИСКИ ДО МОЌНИЦИТЕ

ФОКУС: Кој го изработи овој систем?

ЦВЕТАНОВ: Јас начекав готов тендер од КАРДС програмата од 2003 година. Некој Индијец дошол, проектирал, купиле опрема, но сдмовците ја заборавиле во магацин две години. Јас направив се што можев ова да се стави во функција. Значи, ставив Документ менаџмент систем, потоа ИЦМ софтвер- Инвестигејт кејс менаџмент софтвер -за истраги, и И2. Ние сме првата институција во свет што од јануари годинава, кога ќе побарам на пример податоци за вас, сите ваши лични сметки и на вашата фирма, ќе добијам се во електронска обработена форма. И ако ги внесам на пример ваквите податоци за неколку лица, тогаш ќе ги добијам сите трансакции меѓу тие лица.

ФОКУС: Ова веќе изгледа распаметило многумина. Да не ви се јавил повторно тогаш Груевски?

ЦВЕТАНОВ: Не, она со банкарите лани летото беше последно негово јавување врзано за Управата. Потоа јас уште еднаш го барав кога лани Ставрески ми избрка 20 луѓе од работа. Ми рекоа дека нема средства, ќе треба секаде да кратат, но, само кај мене скратија. Претходно Славески ми скрати половина од буџетот што го проектирав и барав. Но, го сменија Славески, па, дојде Ставрески на негово место. Сите овие 29 што ми беа ангажирани со договор за дело, немаа примено плата два месеци, а одат на работа. Два месеци го барам Ставрески, не ми одговара ниту на пораки. Праќам пораки и на премиерот, ми одговара дека изгледа не сум доволно упорен.

ФОКУС: Вие во ВМРО-ДПМНЕ изгледа функционирате само со СМС пораки?

ЦВЕТАНОВ: Конечно кон крајот на август Ставрески ме прима на фамозната средба. Ме праша дали ако имав приватна фирма ќе примев толку многу луѓе за работава. Му возвратив дека би ангажирал двојно повеќе. Ако сакаме искрено да се бориме против организираниот криминал и перењето пари. Јас почнав безмалку од нула, и направив тим за НБА лига. Но, пресече дека тоа било многу. Ќе ми оставел 10 луѓе, а 20 треба да си одат.

ФОКУС: Добро, дали и во другите институции беа отфикарени толкав број луѓе?

ЦВЕТАНОВ: Ми рече дека заради кризата ќе мора и кај другите да се крати, но, не постапи така. И таму каде што беше скратен буџетот за вработувањата, и тоа за само за 5 отсто, после два месеци тие беа вратени на работа. А кај мене ниту еден не врати.

ФОКУС: Значи, постои тенденција да се скратат крилјата на Управата против перење пари?Дека е подобро да имаме декор во системот со 5-6 вработени, отколку ефикасна и добро екипирана Управа?!

ЦВЕТАНОВ: Да, изгледа беше грешка што премногу работиме. Паралелно со оваа моја битка за вработените со Ставрески, јас летото праќам повеќе предмети до институциите. Ги поделивме на две категории. Извештај- каде што мораат да постапат по направената финансиско- разузнавачка анализа, и Информација-известување што треба да им послужи за првично информирање, а доколку сметаат дека треба да се доработи или продолжи, ние ќе тераме понатаму. Значи, Информацијата не е облигаторна, за разлика од Извештајот. Е, им праќаме 20-тина Извештаји и 50-тина Известувања.

ФОКУС: Има ли во овие ваши дописи крупни ѕверки?

ЦВЕТАНОВ: Има секакви! Проблемот е во тоа што оние за кои се однесуваат Ивештаите се блиски до некој од моќниците во Македонија.

КОЈ И ДА ДОЈДЕ НА ВЛАСТ, ЌЕ ГО СТАВАТ ВО СКУТ!

ФОКУС: А кои се моќниците во Македонија? Каде се лоцирани?

ЦВЕТАНОВ: Ќе ви одговорам сега со една мудрост, што пред десетина дена ми ја кажа еден пријател. Вели, да сум премиер, би ги собрал сите апаши на стадионот Филип Втори, никој нема да знае кај се, и не ги пуштам, три дена ни леб ни вода нема да им дадам додека не ги вратат сите пари што ги украле на државата. Му одговорив: Од кај знаеш. Можеби кај нас и се прави тоа. Само што кај нас ги собираат поинаку!

ФОКУС: Ама ги плаќаат парите на друга сметка, не на државата?!

ЦВЕТАНОВ: Првата година ќе покажат декларативно нешто, ќе збркаат неколку, а потоа со другите можеби се договарат поинаку.

ФОКУС: Рекет? Податоците за криминалот служат за рекетирање?!

ЦВЕТАНОВ: Да се вратам на она со стадионот. Во државава се 50 вакви моќници што ги држат сите структури и ги влечат сите конци, кој и да дојде на власт, наоѓаат начин да го стават во скут и да ја тераат работата.

ФОКУС: Ама за тоа треба да ги ,подмачкаат, тие на власт?

ЦВЕТАНОВ: Не навлегувам во тоа. Работата е што ние како институција, зајакнувајќи ги нашите капацитети, почнувме да чепкаме по одредени предмети …

ФОКУС: Брцнавте во осилото на овие 50 моќници?! Кои се тие луѓе? Во кои области се лоцирани? Во кои бизниси? Ги има ли во судство, банкарство …

ЦВЕТАНОВ: Како што велев и во 2006 година, неопходна е реформа на обвинителството и судството за борба против криминалот. Уште стојам на тоа.

ФОКУС: Значи, обвинителството и судството сметате дека не се реформирани, иако власта се фали токму за вакви дострели?

ЦВЕТАНОВ: Обвинителството ни е катастрофа, за жалење. Му честитав на Шврговски што реагираше дека му скратиле од буџетот …

ФОКУС: Но, имаше забелешки дека и Управата што вие ја раководите нема резултати?! Немаме процесуирани случаи на перење пари?

ЦВЕТАНОВ: Во, мај 2009 година, на една средба кај премиерот, последната средба, беа сите од МВР врвот, Јанкуловска, Мијалков, Тодоровски, потоа Михајло Маневски, Горан Трајковски од УЈП. Тогаш им извадив повеќе предмети. Е каде е предметот, велам во МВР. Другиот е заглавен во УЈП … И така 7-8 предмети ги објаснив. Од тогаш не ме викнаа, и од тогаш почнаа проблемите. Потоа, вториот момент беше летото она со банкарите.
vane za sneze
ФОКУС: Како заврши средбата? Што ви кажа Груевски на овие ваши конкретни наводи за конкретни случаи, кои сепак се заглавени на други адреси?

ЦВЕТАНОВ: Коментарот беше во стилот, во ред е, добро, ќе провериме. Ми се заблагодарија на присуство, и, ми рекоа дека можам да си одам. А тие останаа.

ФОКУС: Какво обвинителство треба да имаме за да е ефикасна борбата против оргинизиран криминал?

ЦВЕТАНОВ: Во одделот за организиран криминал кај Јове Илиевски, на пример, треба тие 12 обвинители да добијат минимум по тројица помошници и асистенти. Не може обвинителот во организиран криминал да има иста плата со обвинителот во Берово. Обвинителот е платен за својите интелектуални способности и знаење, а не да биде дактилографка. Таму има два, три обвинители кои се одлични, кои седат ноќе и чукаат сами. Затоа што еден обвинител има 3-4 предмети во постапка пред основни судови, 2-3 пред аплација, 3 пред Врховен суд, а има уште 10 кривични пријави што му стигнуваат.

ФОКУС: Значи, државата свесно не создава услови да се зајакнат капацитети на овие институции, кадровски и материјално, со што ги блокира да работат ефикасно. Ама затоа, на градби не штеди. Но, еве Шврговски два три пати дигна глас: за законот за електронски комуникации, за случајот со турскиот државјанин …

ЦВЕТАНОВ: Го поздравувам Шврговски, има интегритет. Во околностите во кои се наоѓа и работи, барем знае да каже чат пат нешто. За разлика од некои други, кои постојано молчат.

ЈАС НЕ ВЕРУВАМ ДЕКА ГО МРАЗАТ БРАНКО

ФОКУС: Ги доставивме до вас пред три години материјалите за случајот швајцарски сметки Дали воопшто работевте по овој предмет, или не најдовте ништо?

ЦВЕТАНОВ: Јас со најголема серизност ги сфатив тие материјали, и барав решение како да ги провериме тие податоци. Од моја страна најдов начин како да стапам во контакт со одредни лица, сериозна приватна фирма од сериозна странска држава, која работела за серизни држави.Тие дојдоа кај нас, изразија желба да соработуваат со Владата на Никола Груевски која декларира желба да се бори против организираниот криминал. Понудија дека имаат можности да дојдат до податоци за сметките на секој Македонец во странство, а што било сторено во спротивност со законот за девизно работење. И дека нормално, тоа чини пари. За ова го информирав владиниот врв.

ФОКУС: Колкав процент бараа?

ЦВЕТАНОВ: Не се сеќавам точно, но процентот беше под 10 отсто. За почеток побараа скромни 20.000 евра за трошоци, за првиот случај што ќе им го дадеме. Тврдеа дека ќе му ги најдат сметките на било која точка од земјината топка да му се наоѓаат.

ФОКУС: Добро, а што ако парите тоа лице ги става надвор на друго име?

ЦВЕТАНОВ: И тоа тврдеа дека можат да го средат. Ако парите на лицето, да речеме Мики Маус се надвор ставени на име на Пајо Паторот, на пример, можат да докажат, и тоа како, преку кои трансфери стигнале до таму и на тоа име, на Пајо Паторот. Можат да докажат дека иако тие пари се водат на сметка на Пајо Паторот всушност се парите на Мики Маус. Со сите докази. А потоа велат, вие со вашите законски можности справувајте се понатаму со криминалот.

ФОКУС: И владиниот врв како реагираше на оваа понуда што им ја презентиравте? Сте ги исплашиле, налет Бранко и швајцарски сметки, ова можело да се дознаат за сите и сечии трансакции!

ЦВЕТАНОВ: Бев сфатен како вонземјанин. Како човек што зборува некакви апстрактни работи. Потоа ми беше овозможено да се сретнам и со некои луѓе од обвинителството, нема да ги кажам нивните имиња, од експертски аспект, Дали во РМ има законски можности за една таква голема операција. И на крајот, се се сведе на тоа дека законите и Уствот не го дозволуваат тоа.

ФОКУС: Значи, државата нејќеше да ризикува 20.000 евра, што е 2,6 пати помалку од тоа што Младенов го плати на државата за казна и на чесните Костов и Црвенковски заедно за претрпените душевни болки за статијата за швајцарските сметки? Иако, наводно ВМРО-овци ги мрзат до зла Бога Бранко и Хари.

ЦВЕТАНОВ: Па, јас не врувам дека ги мразат, зошто ако ги мразат можеа да испитаат. Еве еден пример за Струмица кај што сме сега. Кога беше случајот Глобал во жижа, тогаш Миле Јанакиевски беше од партијата координатор за Струмица, И кога дојде овде, се виде со нашите партиски луѓе, а потоа отиде во центар да пие кафе со првите луѓе на СДСМ, бидејќи синот на Цветанка Иванова му бил цимер додека студирал во Солун.

ФОКУС: Зарем и кривичната пријава против Заев е некаква партиска игра?

ЦВЕТАНОВ: Таму беа најдени доста докази. Ако не беше така, тогаш ќе одеа и ќе докажеа на суд дека обвинението не држи вода. Затоа и уследи аболицијата.

ФОКУС: Чекај, сега, целта на ВМРО-вците била токму да го предизвикаат Бранко да потпише аболиција? Што е смислата ако се дава кривична со притвор, а Миле пие кафе со СДСМовци во Струмица?

ЦВЕТАНОВ: Слушнав еден партиски коментар дека Заев бил потребен зошто доколку не бил Заев, Бранко ќе бил многу моќен. Јас го донесов во Македонија најголемиот експерт во светски рамки за борба против перење пари, Васил Киров од Бугарија. Тој го виде предметот за Заев, и беше дециден дека ниту аболиција не ги спасува, зашто кривичното дело перење пари може да биде активирано и да се отвори постапка за потекло на имот и конфискација. Зад ова стои тој и сите европски судови ако сме сакале да го истераме овој случај. Тврдеше дека државата може да ја отвори постапката за делото- перењето пари. Предикативното дело ако е аболирано, перењето пари не е аболицирано. Истото ми го потврдија и тројица Шпански експерти и Англичани и сите дадоа виза да се тера случајот.

ФОКУС: И зошто владата се повлече?

ЦВЕТАНОВ: Јас ги информирав сите релевантни институции, а обвинителката дури ми рече дека ова држи вода. Но одеднаж спласна ентузијазмот. Дигна рачна?

ФОКУС: Кој и влијаел? Бранко Црвенковски?

ЦВЕТАНОВ: Не, претпоставувам дека беше од ВМРО ДПМНЕ

ФОКУС: Значи они играа игра цело време.

ЦВЕТАНОВ: Па, уживаат во спиновите на Мартин Протогер и играњето со живи луѓе и души како заморчиња.

7.000 ЕВРА ЗА ИЗВЕШТАЈОТ ОД РЕВИЗИЈА?!

ФОКУС: Значи, оставката ја даваш, партијата реагира два пати веќе прв ден. Поточно Бичиклиски исчита тоа што му го напишал, претпоставувам Мартин Протогер?

ЦВЕТАНОВ: Токму така. Го почитувам Александар Бичиклиски, добар другар ми е, но жалам, што за толку години не успеа да се избори во партијата за посоодветно место, и да има повеќе интегритет а не само да чита она што ќе му го срочат Протогер и Илија Димовски.

ФОКУС: Што сега после оставката?

ЦВЕТАНОВ: Партијата прво кажа дека оној што направил криминал нема простување, безкомпромисни се против криминалот. Ама едно заборавија да кажат: каде е криминалот на Ване Цветанов.

ФОКУС: Ве споредуваа со Владо Димов. И тој доби кривична заради незаконски вработувања.

ЦВЕТАНОВ: Како прво случајот на Владо Димов е сосема различен од ова што се обидуваат да го импутираат кај мене. Тој работел по Закон за договор за дело, кај мене е по закон за Агенции за времени вработувања. Тоа се две различни работи, вода и земја. По закон за договор за дело, на луѓето не им се плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување, а со законот за Агенции за привремени вработувања, институцијата склучува договор со Агенцијата и изнајмува кадри на времено вработување, но, тие кадри имаат ист статус со вработените на неопределено време, исти права и исти обврски. Сепак, тие се само времено вработени, најчесто на 3 месеци. Ако не сте задоволни, по три месеци го враќате на Агенцијата и барате нов човек. И уште една разлика, со законот за Агенциите за времени вработувања не можете да внесете човек во државната агенција за вработување ако немате потпис од министерот за финансии. Тука е глупоста на новинарката која стави равенство меѓу случајот Димов и мојот случај. За разлика од Димов кој немал параф од министерот за финансии, јас имам таква дозвола и потпис. Пробаа да измешаат баби и жаби. Јас го жалам Селами?

ФОКУС: Зошто?

ЦВЕТАНОВ: Го ценам ентузијазмот на Селами. Антикорупциска во мај месец отвара случај против мене, врз основа на извештајот на Државен завод за ревизија, за кој извештај инаку, нашите ме излажаа да не пишувам жалба.

ФОКУС: Кои се тоа ,нашите,?

ЦВЕТАНОВ: Мој вработен, Петар, чиј што брат е амбасадор во Стразбур, Владимир Ристовски. Тој ме советуваше: Немој да пишуваш жалба, директоре, ревизорот ми е другар од детство, нашиот извештај е супер во однос на другите институции, да не губиме време, имаме купишта работа, да тераме натаму. Не е страшно. Реално, извештајот беше ,лајт, во однос на другите, иако имаше прекршоци, но реков ајде не губиме време и енергија со жалбата. Во меѓувреме, за претседател на антикорупциската е избран Селами. И како прв случај го фаќа токму овој за Управата што јас ја раководам, а кој му е даден на рака.

ФОКУС: Сепак вашиот случај беше во јавноста и пред Селами?

ЦВЕТАНОВ: Антикорупциска го има отворено случајот во јануари, кога на некои медиуми беше третиран овој случај како нешто скандалозно. Така барем беше пласиран. И во ред, отворија предмет во антикорупциска. Побараа мислење од Државниот завод за ревизија. Добиваат одговор, но, предметот не се отвара додека не дојде Селами. А тој од толку предмети прво се зафаќа со овој.

ФОКУС: Ама предметот го почнува Мирјана Димовска. Ако таа, како што кажа, ти тврдела дека си чист, зошто не го затворила случајот, штом имала и одговор од ДЗР? Зошто се држи случајот отворен?

ЦВЕТАНОВ: Добро, предметот е отворен и антикорупциска се обраќа и до нас официјално. Пак се погодува истиот човек, Петар, кој ми вели дека сме постапиле по сите препораки од ДЗР. Од антикорупциска тогаш ми реагираат дека работата не ми е розова, дека не е работата дали сме постапиле по препораките, туку за суштината на извештајот што е напишан. Отидов таму, се видов со Селами и тој ми кажа дека не ни е добра работата, и дека треба да дадеме мислење за наодите констатирани од ДЗР. Штом е таква работата, побарав време, до следниот ден за да дадеме наш коментар и докази за секој наод од ДЗР. Патем, дознав дека некој платил и за тој извештај. И се зарамив кога ја разбрав сумата дека тоа чинело 7.000 евра.

ФОКУС: Кој платил?

ЦВЕТАНОВ: Не можам ова да го потврдам, па не би одел со имиња! Важно Селами од 200 предмети што ги наследува, прво се фаќа за овој. И веднаш вели Ване е крив. Но, реков дека доставивме за секој наод коментар и докази. Мислев дека после ова ќе се смири работата. Ако некој не напишал жалба до ревизорот, не е за бесење. Особено што извештајот за нашата Управа беше многу подобар од оној за Владата. Дотука односите со Селами беа коректни.

ДВА ПАТИ ИМ ДАДОВ ГОЛ СО ПЕТА

ФОКУС: Кога се сврте работата? Кога ја заоштривте?

ЦВЕТАНОВ: Пред приближно две недели, кога Антикорупциската има некаков собир во Клуб на пратеници, а таму беа и наши луѓе од Управата. Ми кажаа дека Селами скоро половина час разговарал надвор со новинарот на ТВ Алфа. И вечерта Алфа излегува со бомбастичен наслов, дека по барање на антикорупциската директорот на Управата против перење пари ќе биде разрешен, бидејќи направил исто кривично дело како Владо Димов. И тогаш веќе официјално почна спинот.

ФОКУС: А газдата на Алфа, Штерјо Наков, дали е меѓу тие 50 моќници?

ЦВЕТАНОВ: Не знам, веројатно! Следниот ден отидов на прославата по повод Денот на полицијата. На новинарско прашање за мојот случај, одговорив дека нема да коментирам ништо додека антикорупциската не се произнесе. Е мојот случај го ставаат на дневен ред дури во недела сабајле. Според моите сознанија Селами веднаш се изјаснил ,Ване е крив и барам негово разрешување,. Тогаш некој се спротивставил, дека состојбата не е таква бидејќи сите членови имаа копија од материјалот што им го доставивме.

ФОКУС: Само еден се спротивстваил?

ЦВЕТАНОВ: Составот на комисијата е ваков: Од ВМРО-ДПМНЕ има тројица членови, 1 од ДПА, 1 од НСДП, 1 од СДСМ, а Селами не знам од која партија е. ВМРО прво ме бранат. Но Селами се изненадува кога претставникот од СДСМ бара за случајот да се произнесе ДЗР. Тогаш Селами почнува да му вика: Како можеше да ме предадеш, како можеше ова да го направиш.

ФОКУС: Ова се случува пред сите членови на Комисијата?

ЦВЕТАНОВ: Да! Доаѓаат луѓетоод ДЗР и им велат дека доколку ги имавме сите овие докази од Управата, извештајот немаше да биде ваков. Директорот не направил ниту едно кривично дело ниту прекршок. Но, Селами реагирал во смисла, дека не го интересира што вели сега ревизорот, туку првичниот извештај. Некој дава предлог да побараат мислење и од Министерството за финансии, но, за Селами и тоа било ирелевантно. И сега гласаат против мене Селами, членот од ДПА, судијката Лилјана Маркова од ВМРО-ДПМНЕ. А за мене гласаат: СДСМ, НСДП, Мирјана Димовска и Зоки. И втор пат победувам, им давам гол со пета. Резултатот е 4:3 за мене.

ФОКУС: На крај завршивте како Амди Бајрам познатиот голгетер со пета.Во секој случај, веќе еден член од ВМРО го сменил ставот против вас при второто гласање?

ЦВЕТАНОВ: Спинот на Мартин Протогер беше следниов: Извини, во антикорупциска немаме влијание, не надгласуваат. Они имаа поинаква математика направено. Не сонуваа дека човекот од СДСМ ќе има сосвест и ќе гласа за мене. И на крајот, веќе на третото гласање обезбедија мнозинство. НСДП го прави прсвртот, против мене, а од СДСМ веќе е виоздржан.

ФОКУС: Што сега? Ќе тужиш? Или ќе те видиме како Гацев на митинг на Бранко?

ЦВЕТАНОВ: Тоа во никој случај. Јас сум ВМРО и ВМРО-овец многу години пред Груевски. Си останувам десно ориентиран, но, не го сакам ВМРО на Груевски. Немам намера да влегувам во секојдневни политички гнасотилаци.

ФОКУС: Добро, но говореше дека за тебе е многу важно да си го сочуваш образот. Како ќе го браниш?

ЦВЕТАНОВ: Во зависност од реакцијата на противникот, ќе влечам потези.

ФОКУС: Да не слушнеме наскоро дека ти нашле дрога во двор, или калашњикови во подрум, па, да му правиш друштво на Душко во притвор?

ЦВЕТАНОВ: Па, имајќи ја предвид политиката што денес се води, нема да ме изненади дури и едно вакво сценарио од сталинов шаблон. Меѓутоа, ако Бранко Црвенковски му порача на Груевски дека ќе му биде кошмар од СДСМ, сакам да нагласам дека јас ќе му бидам ВМРО-вски кошмар секој ден.

МАРТИН ПРОТУЃЕР Е СПИН МАЈСТОРОТ

ФОКУС: Постојано велите дека ова е спин играта?! Кој е мајсторот за спинување?

ЦВЕТАНОВ: Пред било која седница на ИК, на ЦК се прави сценарио. За било што да е. А по сценаријата е експерт Мартин Протоѓер.

ФОКУС: Е по чије сценарио ве назначија за прв човек на Агенцијата за спречување на перење пари?

ЦВЕТАНОВ: Навистина не знам, имав дадено до кадровската комисија податоци и биографија. Но, сега сум убеден дека тогаш си мислеле ова дете од село е идеално за оваа функција. Ќе тера две-три години, а кога ќе дојдат негативните оценки од Стразбур, ќе му удриме клоцата, и, оп, дај друго дете.

КОЈ И ДА ДОЈДЕ НА ВЛАСТ, ИСТИТЕ 50 МОЌНИЦИ ВЛАДЕАТ

ФОКУС: Ќе одговориш ли каде се распослани оние 50 моќници што ги влечат сите конци во Македонија?

ЦВЕТАНОВ: Структурите што останале од бивша Југославија се уште функционираат. Таа мрежа уште функционира. И јас сум жртва на таа мрежа.

ФОКУС: Но, дали се тоа, на пример, олигарсите на Бранко или некои нови тајкуни создадени во Вмровскиот период на владеење?

ЦВЕТАНОВ: Истите луѓе се! И трета партија да дојде на власт, истите ќе бидат.

Поврзани новости