Поранешниот вицепремиер Артан Груби, откако утринава беше приведен на граничниот премин „Блаце“, при одбид за влез во државата, од страна на припадниците на МВР бил однесен во истражниот затвор „Скопје“. Како што налага тамошниот ред, Груби бил однесен на разговор и преглед кај затворскиот доктор, по што бил смесетен во ќелија.
-Лицето за кое прашувате во 9.20 часот беше спроведено од припадници на МВР. По прегледот кај докторот е смесетен во притворското одделение, во ќелија со уште едно лице, изјави за „Фокус“ директорот на истражниот затвор „Скопје“, Бобан Утковски.
Тој додава дека Груби не се изјаснил директно за тоа дали се чувствува загрозен, но без оглед на тоа, вели дека ќе се внимава на неговата безбедност, како што впрочем се практикува и за останатите притвореници.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби, по една година и два месеци во бегство, реши своеволно да се врати во државата, при што беше уапсен при обидот за влез на граничниот премин Блаце. Засега не се познати мотивите на Груби за негoвото враќање, бидејќи јасно му било дека штом ќе стапне во државата ќе му бидат ставени лисици на рацете.
Поранешниот прв вицепремиер од владата на СДСМ и ДУИ, се гони за проневера во служба“ во Државна лотарија, каде заедно со Перпарим Бајрами се осомничени за сторен криминал од 8 милиони евра преку нарачка на ВЛТ апарати.
Груби како раководител на владината седница го одобрил барањето за ВЛТ апаратите иако знаел дека јавната набавка е незаконска и дека лотарија нема право самостојно да организира електронски игри на среќа.
Валентина Вурмо