Градоначалникот Ѓорѓиевски гарантира за квалитетот: Кумашини и партиски донатори ќе ги водат јавните претпријатија во Скопје

by irena 09:55
09:55

Изборот на 117 в.д. членови на Управните и на Надзорните одбори на јавните претпријатија во Скопје предизвика големи контроверзии.  Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, од советничката говорница рече дека тој ги познава лично кандидатите и дека тој гарантира за квалитетот за сите кандидати. Меѓу овие избрани членови има истакнати партиски функционери и роднини, а околу 20 имиња се поранешни членови на јавни претпријатија, кои не покажале добри резултати во своето работење.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

На средината од минатиот декември, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави на социјалните мрежи дека се намалува висината на надоместокот за членовите на управните и надзорните одбори и ќе следува кратење на бројот на членови, со што би се направила исправка на неправилностите што со години се повторувале.

Ја намалуваме висината на надоместокот за членовите на управните и надзорни одбори, го кратиме и бројот на членови. Јавното управување мора да биде одговорно, рационално и насочено кон интересот на граѓаните.

Затоа, на денешната седница на Советот на Град Скопје, која продолжува и во вечерните часови, донесовме важна одлука со која ја намалуваме висината на надоместокот за членовите на управните и надзорни одбори и го кратиме нивниот број. Оваа промена е исправка на неправилностите што со години се повторувале.

Во минатото се исплаќале месечни надоместоци, дури и во услови кога седници воопшто немало. Тоа создаваше непродуктивни трошоци, кои граѓаните ги плаќаа. Со новата одлука, надоместок ќе се исплаќа само тогаш кога навистина ќе се одржи седница.

Исто така, ги намалуваме и износите, па наместо 12.000 денари за претседател и 10.000 денари за член, новите лимити изнесуваат 10.000 и 8.000 денари. Паралелно, го редуцираме и бројот на членови во управните одбори. Таму каде што некогаш имало и по 14 членови, бројката се ограничува на седум.

Ова е уште еден од чекорите со кои ги кратиме непродуктивните трошоци и воспоставуваме ред во работењето на Град Скопје. Времето на „како досега“ завршува. Почнуваме нова практика, со транспарентно, ефикасно и домаќинско управување, какво што скопјани одамна заслужуваат“, објави тој.

Советот на Град Скопје, пред десетина дена изгласа нови 117 в.д. членови во Управните и Надзорните одбори, како и во јавните установи од културата.

Објаснувањето на мнозинството и на градоначалникот беше дека избирањето вршители на должноста било неопходно за да се спречи блокада во работењето, со оглед на тоа дека мандатите на нивните претходници беа завршени.

И покрај намалувањето на месечниот надоместок, сепак, овие 117 членови се голем финансиски товар врз претпријатијата формирани од Советот на Град Скопје, затоа што со години работат со загуби и новата градска власт вети домаќинско работење кај сите фирми.

Надоместоците за членови на одборите се една од ставките, кои редовно мора да ги исплаќаат сите јавни претпријатија, кои, пак, имаат големи долгови, дотраена опрема и малку средства за основни набавки на стоки и услуги.

СОМНИТЕЛЕН ИЗБОР

Изборот на членовите на Управните и на Надзорните одбори предизвика големи контроверзии на седницата на Советот на Град Скопје.

Градоначалникот на Скопје тврдеше дека сè е според законските процедури при изборот на членовите на управните одбори, но опозицијата ги оспори предлозите на 117 в.д. членови затоа што никој не им ги видел биографиите.

Советничката на Левица, Дарја Мустафоглу, за „Фокус“ вели дека, наместо да се назначуваат в.д. членови, можело да се распишат огласи за нови членови.

Градоначалникот Ѓорѓиевски, од советничката говорница рече дека тој ги познава лично кандидатите и дека тој гарантира за квалитетот за сите 117 кандидати.

Левица нема свој претставник во Комисијата за мандатно-имунитетни прашања и немала увид во биографиите на кандидатите што се избрани.

Околу 20 имиња од в.д. членовите на управните одбори се поранешни членови на јавни претпријатија, претпријатија кои не покажале добри резултати во своето работење.

Од Левица немаме член во верификационата комисија (каде што наводно им ги разгледале документациите) и на седницата им побаравме да ни ги достават дополнително. Не знам што им беше целта, ама во двата случаи е лошо.

Можно е да си истераат и 4 години мандат како вршители на должноста наместо да се почитува законскиот рок од 6 месеци зашто им се може. А, градоначалникот Ѓорѓиевски, во една пригода кажа наводно дека откако ќе им истече мандатот од 6 месеци ќе распишел јавен повик.

Еве и да немал време претходно (иако не е оправдување, уште веднаш можело да се распише повик откако е избран) може уште веднаш сега да распише повик и да им се скрати тој максимален рок од 6 месеци и да се изберат компетентни кандидати во сите претпријатија и установи како што се музеј, зоолошка, КИЦ…. А може и да си ротираат и да назначуваме в.д. на секои шест месеци“, вели Мустафоглу за „Фокус“.

Скопскиот градоначалникот Ѓорѓиевски, пак, за Телма изјави дека законот, процедурите и воспоставената пракса при изборот се запазени и тврди дека опозицијата имала увид во биографиите на, сега веќе избраните, в.д. членови на управните одбори.

Одлуката да не се пролонгира точката е поради тоа што беше неминовно во брз рок да се донесат овие предлози, да се донесат овие состави на управни и надзорни одбори затоа што имаат програми за усвојување, планови за усвојување коишто понатаму значат реализација на проекти.

Во следните шест месеци ќе биде спроведен оглас на кој ќе може да конкурира секој што е заинтересиран за тоа и кој што смета дека може да биде додадена вредност“, рече тој.

ПАРТИСКИ ДОНАТОРИ

Изборот на новите членови во управните тела на 22 јавни претпријатија и установи Градот Скопје само со гласовите на владејачкото мнозинство во Градот Скопје, ги скара власта и опозицијата, која обвини дека продолжува праксата на поставување партиски луѓе во управните и надзорните одбори, без да се знаат нивните биографии и компетенции.

Советничката Кети Штерјова од СДСМ обвини дека меѓу предложените кандидати има партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ, донатори на партијата, како и лица со семејни врски со високи партиски функционери.

„Кандидати за советници, партиски членови, донатори, фамилијарни врски и цели партиски фамилии вдомени во државни институции – дали овие лица се поставени за јавните претпријатија да служат за партиската агенда, а не за интересите на граѓаните?“, праша Штерјова, оценувајќи дека станува збор за оддолжување кон партиските штабови, а не за кадровски решенија водени од јавниот интерес.

Од друга страна, градоначалникот ги отфрли обвинувањата за партизација, тврдејќи дека при носењето на одлуките никогаш не се води од партиски интереси.

„Јас никогаш партијата не ја ставам пред интересите на граѓаните. Сите кандидати имаат професионално и стручно искуство и уверен сум дека ќе придонесат во решавањето на проблемите во јавните претпријатија“, изјави Ѓорѓиевски.

Според имињата на новите членови на управните и надзорните одбори, може да се заклучи дека тврдењата на опозициските советници, дека се работи главно за партиски членови кои имаат богатата партиска биографија, се точни.

Повеќе од 20-тина од новите членови веќе членувале во некој од одборите во другите јавни претпријатија и оттука се поставува прашањето, зошто повторно се избрани овие кандидати ако Советот веќе решил да ги промени составите на Управните и Надзорните одбори за да се обезбеди подобро функционирање на претпријатијата во однос на времето на Данела Арсовска.

За вршители на должноста, членови на управниот одбор на ЈП Комунална хигиена-Скопје, се именуваат: Антонио Конески, Арсим Мамути, Христина Јованоска, Сашо Ѓуроски, Соња Ѓелевска-Шетловска, Александар Илиќ и Марија Рошковска.

Соња Ѓелевска-Шетловска е вработена како советник за сметководствени работи во Министерството за финансии и е партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ, која пред победата на парламентарните избори во 2024 донирала 40.000 денари за кампањата на својата партија.

За вршители на должноста членови на управниот одбор на ЈП Водовод и канализација-Скопје се именувани: Милена Крстева, Сабедин Ибраими, Антон Петков, Јован Карчовски, Валентина Кузевска, Гоце Цветковски и Стефани Митревска.

Милена Крстева е адвокатка во ЈП Водовод и канализација од 2014 година. Нејзиното име се појави и во Министерството за одбрана каде што е ангажирана како адвокат од декември 2024.

Членот на Управниот одбор, Јован Карчовски е дел од Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е еден од поголемите донатори на партијата. На 11 март 2024 година пред парламентарните избори Карчовски донирал 180.000 денари или 3.000 евра.

КУМАШИНИ И РОДНИНИ

Нови в.д. членови на управниот одбор на ЈП Паркови и зеленило – Скопје се Александар Шулев, Игор Алаџајков, Пане Антовски, Цветанка Игнева-Миќев, Александар Тишовски, Омер Ибраими и Весна Божиновска.

Името на Александар Шулев може да се најде на списоците на партиски донатори кои ВМРО-ДПМНЕ ги има објавено на својата официјална страница. Тој е сопруг на поранешната заменик-претседателка на ДКСК, Билјана Каракашова.

Членот на УО, Пане Антовски, бил кандидат за советничката листа на 31 место, но не влегол во Советот на Град Скопје и сега е награден со управувачко место во ЈП Паркови и зеленило-Скопје. Тој претходно беше координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Аеродром.

Одлуки во ЈП Паркови и зеленило ќе носи и кумашинката на премиерот Христијан Мицкоски, Цветанка Игнева-Миќев. Таа е еден од донаторите во ВМРО-ДПМНЕ. Во 2019 година донирала 29.000 денари, а во 2021 дала 50.000 денари.

Медиумите пишуваа за скандалот со нејзиниот сопруг, Игор Миќев, во мај 2025 година кога тој бил унапреден на позицијата Државен советник за организација и кординација на подрачни единици во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство. По интерниот оглас кој го распиша МЗШВ, најпогоден кандидат бил Миќев.

„Раководна позиција во истото Министерство си доби и неговата сопруга, Цветанка Игнева Миќев, која ќе биде помошник раководител на секторот за одобрување на проекти, но во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој“, објави струмичката ТВ ВИС.

И в.д. членот на УО на ЈП Паркови и зеленило, Александар Тишовски е регистриран како донатор на ВМРО-ДПМНЕ за кампањата во 2016 година кога издвоил 26.000 денари.

За вршители на должноста во Јавното претпријатие Улици и патишта се избрани : Александар Георгиевски, Бобан Стојаноски, Милан Андоновски, Оливер Стојановски, Антонио Тошев, Мевљун Азиси и Драгољуб Ристовски.

Од овие членови најпознато е името на Милан Андоновски кој сега е претседател на Управниот одбор на Улици и Патишта. Тој работи во Директоратот за правни работи во Министерството за одбрана, а во 2013 година бил претседател на Советот на Општина Гази Баба.

Членот на УО, Антонио Тошев, бил дел од Управниот одбор на Градски паркинг во 2024 година.

Место во УО доби и Драгољуб Ристовски од Социјалистичката партија на Македонија. Тој неодамна беше повторно избран за претседател на општинската организација Ѓорче Петров.

Драгољуб е симбол на искуство, мудрост и енергија која го движи Ѓорче напред! Со јасна стратегија, посветеност на терен и силна желба за споделување на знаењето со новите генерации-продолжуваме кон ново, модерно и посилно Скопје“, напишаа од СПМ на социјалните мрежи.

Нови в.д. членови на Управниот одбор на ЈСП Скопје се: Јадранка Тодорова, Садат Ќазими, Кире Јаневски, Златко Јанковски, Горан Антовски и Сања Симоновска Богоројческа.

Златко Јанковски е бивш советник на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и вработен во министерството за евроинтеграции, а бил и портпарол на министерството за култура.

Со Јавното претпријатие Градски паркинг-Скопје како в.д. ќе раководат Марјан Спасески, Ивана Петковска Џинговска, Нико Николоски, Ридван Мемеди, Боби Наумовски, Зоран Стојановски и Дејан Стојановиќ.

Марјан Спасески е поранешен директор на Агенцијата за млади и спорт, сега Министерство за спорт, а Ивана Петковска Џинговска е советник на министерот за земјоделство во одделението Кабинет на министерот – Сектор за координација и техничка помош.

Членот на УО, Дејан Стојановиќ е претседател на општинската организација на СПМ во Аеродром.

Во Управниот одбор на ЈП Лајка – Скопје за вршители на должноста се избрани Јулијана Златкоска, Љубомир Андреевски, Јусуф Муртезани, Игор Кралевски, Виктор Груев, Стојанче Донев и Емилија Ѓореска.

Јулијана Златкоска била претседател на Управниот одбор на ЈП Паркови и зеленило, а Игор Кралевски, бившиот фудбалски репрезентативец е активен во Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

За вршители на должноста членови на управниот одбор на ЈП Депонија Дрисла-Скопје се именуваат: Иван Цветановски,  Даниел Ковачев, Нехат Османовски, Татјана Гогоска, Маријана Ѓорѓиевска и Катерина Лазареска.

Катерина Лазареска беше кандидат за советник во општина Кисела Вода на Движење ЗНАМ. Во 2024 година беше кандидат за пратеник во ИЕ1. Работи како референт за аеродромска безбедност во секторот за управување со безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје.

НАДЗОРНИ ОДБОРИ

За вршители на должноста, членови на надзорниот одбор за контрола на мaтеријално- финансиското работење на ЈП Комунална хигиена-Скопје, се именуваат Марин Дуковски и Амра Џуџевиќ.

За вршители на должноста членови на надзорниот одбор за контрола на мaтеријално- финансиското работење на ЈП Водовод и канализација-Скопје, се именуваат Никола Нестеровски, Ленче Николовска Петровиќ и Александар Стојчев.

Несторовски претходно бил член на Надзорниот одбор на ЈП Водовод и канализација, а според официјалните податоци на 25.01.2024 година донирал 50.000 денари во својата партија ВМРО-ДПМНЕ.

За вршители на должноста членови на надзорниот одбор за контрола на мaтеријално- финансиското работење на JП Паркови и зеленило-Скопје, се именуваат: Нури Бакиу, Љупка  Пејковска-Мирчевска и Горјан Донев кој бил генерален секретар на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

За вршители на должноста членови на надзорниот одбор на ЈП Улици и патишта-Скопје, се именуваат: Кети Стојановска, Авни Јусуфов и Дејан Митровски.

За вршители на должноста членови на надзорниот одбор на ЈП JСП Скопје-Скопје кои ги именува и разрешува Советот на Град Скопје, се именуваат: Габриела Мицевска, Ангела Тарчуговска Латиновска и Насер Амети. Ангела Тарчуговска Латиновска претходно беше дел од Надзорниот одбор на ЈП Комунална хигиена Скопје.

За вршители на должноста членови на надзорниот одбор за контрола на мaтеријално-финансиското работење на ЈП Градски паркинг- Скопје, се именуваат: Бранко Лазаревски и Ваљон Ибраими.

За вршители на должноста членови на надзорниот одбор на ЈП Лајка – Скопје, се именуваат: Елдиса Зуковиќ, Анета Антевска Јордановска и Александар Стојчески.

За вршители на должноста членови на надзорниот одбор за контрола на мaтеријално- финансиското работење на ЈП Депонија Дрисла – Скопје, се именуваат: Слаѓана Апостолоска, Влатко Поповски и Лазар Банов.

Банов и претходно беше член на НО на ЈП Дрисла, а во 2024 година пред парламентарните избори донирал 35.000 денари на ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот е објавен на 12 февруари 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.584

Слични вести