Подобрување на транспортниот систем преку реализација на проектот „Градски воз“, набавка на нови еколошки автобуси и модернизација на инфраструктурата во Скопје биле во фокусот на денешната средба меѓу градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
Како што информираат од Град Скопје, на средбата било нагласено дека е неопходен нов и сеопфатен план за трансформација на сообраќајниот систем во главниот град, со цел да се постигне поголема ефикасност, економичност и подобар квалитет на живот за граѓаните.
„По започнувањето на изградбата на првата од трите линии на ‘Градскиот воз’, следен приоритет ќе биде подготовката на другите две линии – кон Ѓорче Петров и кон Миладиновци. Град Скопје е веќе во комуникација со Владата за набавка нови еко автобуси кои значително ќе го подигнат јавниот превоз на едно високо ниво“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.