„Доста беше мрак, време е Скопје повторно да пулсира“. Со оваа порака градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, официјално ја најави програмата за дочекот на Новата 2026 година на плоштадот „Македонија“.
По подолга пауза, главниот град се враќа на картата на големите новогодишни прослави на отворено, и тоа со концепт кој целосно се потпира на домашни музички ѕвезди.
Програмата е конципирана да ги задоволи сите вкусови и генерации, од љубителите на боемска музика, преку поп-рок фановите, па сè до најмладата публика која ги следи трендовите. Забавата започнува во 19:45 часот, а редоследот е следен: Миле Кузмановски, Огнен Здравковски
Дина Јашари, Куку Леле, Тамара Тодевска, Пајак, Лара и Два Бона Каролина Гочева.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата објава потенцираше дека целта е да се врати празничната магија и заедништвото меѓу скопјани.
„Почитувани скопјани, доста беше мрак. Време е за заедништво и за радост. Време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави, знае да обединува и знае да биде лидер во културните настани. Ова е наш подарок за градот убав – за повторно да живее, да пулсира и да сонува“, порача Ѓорѓиевски.
Градот упати отворена покана до сите граѓани и гости да бидат дел од оваа „новогодишна приказна“ и заеднички да ја пречекаат 2026 година.