Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје во гостување на тв Канал 5 истакна дека како што се вложувал изминатите четири години како градоначалник на Кисела Вода така ќе продолжи и понатаму, со визија за решавање на сите проблеми кои ги има градот Скопје како нефункционалноста на комуналната хигиена, депониите и се она со кое се соочуваат граѓаните, се со цел за едно поубаво и почисто, зелено Скопје.
„На градот Скопје најмногу од се му недостасува ред, она коешто е базично и коешто прво ќе се зафатам да го работам тоа е да направиме генералка на градот, Скопје никогаш не бил по нечист од тоа што е денес, она што најмногу ги тишти нашите сограѓани со години наназад е состојбата со нефункционалноста на комуналната хигиена, така да ако бидам утре градоначалник на Град Скопје а верувам во поддршката од сите мои сограѓаните, прбо нешто со кое ќе се зафатам е реорганизација на комуналната хигиена и една голема генералка на главниот град“, рече Ѓорѓиевски.
Истакна дека сето она што го сработил изминативе четири години како градоначалник, е доволен показател за сериозноста искрените и чесни намери кои ги има за Скопје, наведувајќи дел од проектите кои ги има остварено во Кисела Вода, истакнувајќи дека со иста мера ќе се вложува и ќе даде се од себе, за да се смени состојбата во градот.
„Јас дадов се од себе, заедно со мојот тим изминативе четири години за да ја сменам состојбата во мојата општина и мислам дека успеавме сериозно во напредокот којшто го обезбедивме, еве утринава имавме отворање на еден објект нов, градинка во општина Кисела Вода каде што листите од над 450 дечиња на чекање ги сведовме на 20-тина во моментов но во наредниот период ќе се отворат уште две градинки нови“, вели Ѓорѓиевски.
Тој потенцираше дека ќе понуди долгорочни решенија за проблемите со депониите и комуналната хигиена, притоа образложи модел кој е применет и се покажал како успешен во општина Кисела Вода, каде на местата на депониите се градат паркови и спортски комплекси, со што воедно се овозможува рекреација на граѓаните и почист воздух.
„Имав многу успешен модел во Кисела Вода на местата на депониите градиме современи паркови или пак спортски комплекси или онаму каде што имаше потреба паркинзи. Истото планирам да го воведам и во град Скопје, на Скопје му недостасуваат нови бели дробови, нови места каде што народот ќе може да се рекреира. Во првите месеци од мојот мандат проблемите ќе ги сведам на нула, односно ќе останат позади нас и ќе почне нормално да функционира комуналната хигиена“, заклучи Ѓорѓиевски.