„Ги тргав телата за да стигнам до брат ми“ – потресно сведоштво на Кристијан Панов за трагедијата во „Пулс“

by irena 11:47
11:47

Кристијан Панов од Кочани, брат на загинатиот Андреј Панов, во своето сведоштво за трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ изнесе сериозни тврдења за условите за работа, безбедносните пропусти и случувањата кобната ноќ.

Тој изјави дека повремено работел хонорарно во дискотеката, за што добивал по 1.500 денари по вечер, исплаќани на крајот од работното време. Неговиот брат Андреј бил вработен како шанкер и, според Кристијан, добивал околу 2.000 денари дневно.

Панов тврди дека пиротехнички средства биле користени и пред 16 март, а дека неодамна во објектот настапувал диџеј од Грција со танчерки кои користеле запаливи реквизити налик на факели. Според него, дискотеката имала само еден влез и излез, без соодветна светлосна сигнализација, а тој лично не забележал противпожарни апарати.

Во однос на обезбедувањето, Панов наведува дека тоа било составено од лица од Кочани, кои стоеле пред влезот, продавале билети и ставале печати на рацете на посетителите. Тој тврди дека билетите ги продавал Тодор Јованов и дека повремено биле продавани и на малолетни лица. Според неговото сведочење, во дискотеката имало малолетници, а полицијата повремено вршела контроли.

За време на трагичната вечер, Кристијан пристигнал во дискотеката околу 02:20 часот, по повод роденденска прослава. По кратко време излегол надвор да запали цигара, кога забележал присуство на полиција. Само неколку секунди подоцна, настанал хаос – луѓето почнале да трчаат, а најголем метеж се создал меѓу двете врати. Во тој момент концертот на групата ДНК бил во тек, а, како што наведува, некој од бината ја повикал публиката да излезе надвор.

Во обид да помогне, Панов повторно влегол во објектот за да го пронајде својот брат. Внатре имало густ чад и повеќе лица без свест. Тој наишол на пожарникар, но поради слабата видливост користел мобилен телефон за осветлување.

„Го најдов брат ми на самиот праг. Имаше многу тела и морав да ги тргнам за да стигнам до него“, сведочеше Панов. Андреј бил префрлен во болница, каде обидите за реанимација биле неуспешни. „Останавме сами во просторијата, се обидував да го реанимирам, но веќе беше предоцна“, додаде тој.

На крајот, Панов истакна дека во критичните моменти недостигала организирана и навремена помош, иако, како што вели, поединци се обидувале да им помогнат на повредените.

Слични вести