Герасимовски: Општина Центар прва во државата со дигитален увид во бучавата

by irena 09:07
09:07

Општина Центар е прва општина во државата која на граѓаните им овозможува директен дигитален увид во мерењата на бучавата преку општинскиот ГИС-портал.

Со новата услуга, граѓаните можат да ја следат состојбата на 30 локации низ општината, каде што се поставени мерни уреди за бучава, и на својот компјутер да проверат дали измерените вредности се во законски дозволените граници.

Пристапот е едноставен: потребно е граѓаните да се регистрираат на порталот, да кликнат на „Категории“ и да ја изберат опцијата „Мониторинг на бучава“. Со избирање на секоја локација се прикажуваат просечните измерени вредности на бучавата по час, како и просечната дневна вредност за периодот од 19:00 до 07:00 часот во текот на претходниот ден.

Мерењата се изразуваат во децибели, во скала од 0 до 145, а секое мерење е обележано со боја-индикатор. Црвената боја означува надминување на законски дозволената граница на бучава.

Проектот се реализираше во две фази, прво беа поставени 30 уреди на локациите каде граѓаните најчесто пријавуваа проблеми, а сега, со поврзувањето со ГИС-порталот, мерењата се јавно достапни.

„Ова е уште едно исполнето предизборно ветување. Како што ветив, воведовме паметен систем за мерење на бучавата. Прецизно ги мапиравме најгорливите точки, а сега секој граѓанин може сам да се увери во нивото на бучава во општината и во својата непосредна околина, како и да алармира кога ќе забележи надминување на дозволените граници. Доволно е да се најави на нашиот ГИС-портал, мерењата сега се целосно транспарентни“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Слични вести