Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска изјави дека изборот на јавен обвинител е доста битна работа и оти секој од пратениците што ќе сака на седницата в среда ќе може да зборува, а дискусијата ќе заврши кога ќе биде исцрпена листата на пријавени. На утрешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците е јавната расправа по предлог-законот за Јавното обвинителство.
– Јавната расправа за јавниот обвинител е утре во 12.30 часот. На седницата в среда ќе биде само таа точка, но утре ќе видиме дали некоја друга точка ги исполнува условите. Тоа е битна точка. Мислиме дека изборот на јавен обвинител е доста битна работа. Секој што ќе сака од пратениците ќе може да зборува на седницата. Седницата се води според член 120 од Деловникот, се пријавува сакој што сака да зборува и дискусијата тече додека да се исцрпи листата на пријавени – рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Одговарајќи на прашање за изјавата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, Гаши нагласи дека секој носител на функција треба да биде внимателен во давањето изјави.
– Како политичар и како раководител на една битна институцијата, како што е Собранието, никогаш не влегувам и се обидувам да не влегувам во конфликт со никоја институција, ниту со политичар ниту носител на јавна функција. Секогаш сум повикувал на внимателност во давање изјави особено кога се работи за меѓуетнички односи. Сите треба да бидеме внимателни, затоа што тие се фрагилни и се столб на стабилноста на оваа држава – рече тој.
Во врска со изјавата на Костадиновски во која вели дека „Собранието е уставно недисциплиниран орган и затоа Уставниот суд повеќе нема да толерира непочитување на неговите одлуки“, Гаши потенцира дека законодавниот дом ја извршува функцијата по Устав, закон и Деловник.
-Секоја институција, особено едно од најбитните Уставниот суд и Собранието, за кои Уставот има одредено јасни компетенции и ингеренции треба да ја врши својата функцијата врз основа на Уставот и законите. И ние се обидуваме таа функција да ја извршуваме по Устав, закон и Деловник. Исто така и на него и на сите носители на јавни функции им го препорачувам истото. Секој да се грижи за својата институција. Нормално е и треба да се грижиме и за другите. Можеме да дадеме критики едно на други, демократско општество сме, рече тој.
Потенцира дека тоа што зависи од него, го прави и ќе продолжи да го прави на нај совесен и најодговорен начин.