Француската полиција води истрага против 18-годишниот Клеман Л., осомничен за организирање серија напади и подготовка на киднапирања на богати и славни личности.
Меѓу неговите потенцијални цели, наводно, бил и Килијан Мбапе, напаѓачот на Реал Мадрид и капитен на француската репрезентација, објави весникот „Ле Паризиен“.
Според информациите од францускиот весник, младичот имал список од дури 26 лица кои неговата група планирала да ги нападне или киднапира. Меѓу нив имало фудбалери, рапери, богати претприемачи и други имотни луѓе.
И францускиот сервис „Оранж“ (Orange) објави дека Мбапе бил меѓу целите.
На 21 август, против Клеман Л. и уште еден осомничен официјално беше покрената истрага во Нантер за организирана кражба. Истражителите се сомневаат дека тој бил организатор на неколку напади врз домовите на жртвите, како и на планирани киднапирања во периодот од 11 април до 19 август.
Случаите што полицијата ги поврзува со групата се случиле во Неји-сир-Сен, Сен-Брис-су-Форе и Сантене.
Во моментот кога започнала новата истрага, 18-годишникот веќе бил зад решетки поради други тешки кривични дела. „Ле Паризиен“ наведува дека тој бил затворен поради организирана кражба и подведување, а истражителите сега се сомневаат дека учествувал во криминални планови дури и од затворот.
Според истиот извор, истражителите му влегле во трага по нападот врз еден часовничар во Неји-сир-Сен во април.
Понатамошната истрага ги довела до низа други планирани цели и до наводен список од 26 поединци. Меѓу најпознатите имиња на тој список бил и Мбапе.
Клеман Л. останал во притвор и бил сместен во изолација, додека другиот осомничен бил пуштен на слобода под судски надзор. Младичот се обидел да ги оспори и притворот и одлуката за изолација од другите затвореници пред истражниот совет во Версај.