Делот под Железничката станица во Скопје, кој секојдневно го користат многу граѓани, е во алармантно лоша состојба. Просторот е преполн со отпадоци, лошо мириса, а влезот во самата станица изгледа запуштено и како да не води до железничка станица која секој ден ја користат многу граѓани .
Преминот, кој ги поврзува деловите од градот со автобуска постојка и Железничката станица, одамна не е соодветно одржуван. Граѓаните кои секојдневно минуваат низ овој простор се жалат на нехигиената, расфрланиот смет, оштетената инфраструктура и неподносливата миризба, особено во раните утрински и попладневни часови.
„Овде мириса на уринирано, на мувла, а сум видела и стаорци. Секој ден морам да одам на работа преку ова“, вели една скопјанка која секој ден ја користи автобуската постојка под Железничка.
Дополнителен проблем е и тоа што просторот има лошо осветлување навечер, што го прави небезбеден. Иако се наоѓа во централно градско подрачје, делот под станицата изгледа заборавен од надлежните. Граѓаните велат дека ситуацијата трае подолг период, а апелите до Градот Скопје остануваат без одговор.
Иако овој простор претставува важна транзитна точка за патници од меѓународниот и меѓуградскиот сообраќај, се чини дека надлежните институции, особено Град Скопје, не посветуваат доволно внимание на неговото одржување и уредување.


С.Т