Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен испрати силни пораки во однос на евроинтегративниот процес на Западен Балкан, нагласувајќи ја важноста на стабилноста и економскиот развој на регионот, но и дека патот кон Брисел подразбира исполнување на јасно дефинирани задачи.
Таа истакна дека фокусот на Европска комисија во 2026 година останува насочен кон три клучни столба. Првиот е принципот на заслуги, според кој напредокот на земјите-кандидатки ќе се мери исклучиво врз основа на резултатите во владеењето на правото и функционирањето на демократските институции. Вториот е Планот за раст, чија цел е да донесе конкретни економски придобивки за граѓаните уште пред полноправното членство. Третиот е регионалната соработка, односно создавање заеднички пазар на Западен Балкан како чекор кон интеграција во европскиот економски простор.
„Проширувањето е историски повик за нашата Унија. Сакаме да ги донесеме нашите партнери од Западен Балкан поблиску и побрзо, но тоа останува процес заснован на објективни заслуги“, порача таа.
Во однос на економската компонента, Фон дер Лајен додаде: „Со Планот за раст ја отвораме вратата на нашиот заеднички пазар за вашите компании. Целта е едноставна: да го поттикнеме економскиот раст и да создадеме нови работни места за младите во регионот.“