Тоше Кошиновски: Мијалков ме заглави во „Шпион“ за да си го заштити криминалот во Одбрана и бизнисот во Чешка!

by fokus

Од 1982-та година, Тоше Кошиновски почнува со работа во безбедносно-разузнавачките служби. Повеќе од 30 години е еден од главните оперативци. Тој е можеби единствениот пример што има работено во трите тајни служби во Македонија – Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање и во военото разузнавање. Секогаш бил на раководни позиции и важи за човек што има многу информации.

Откако на власт доаѓа ВМРО-ДПМНЕ, тој две години, додека Лазар Еленовски е министер за одбрана, ја задржува својата позиција во военото разузнавање, но од 2007-та почнуваат обидите за негово дискредитирање затоа што има многу информации, особено за вмешаност во криминал на високи претставници на власта. Прво се обидуваат физички да го ликвидираат, а на крајот му покренуваат обвинителен акт за наводна шпионажа.

Во случајот „Шпион“, кој го презеде Специјалното јавно обвинителство, Кошиновски е осуден на три години затворска казна, која не е правосилна.

Иако се очекуваше, на јавната седница во Апелациониот суд, СЈО, сепак, не побара досието „Шпион“ да се врати на повторно судење, туку само сугерираше намалување на казните за Марјан Ефремов, Цветан Дамјановски и Горан Стојков, додека за Ване Цветанов, Кире Соколов и за Тоше Кошиновски – употреби чудна формулација – побара намалување на казните до граница на условни.

Планот на власта, значи, успева и Кошиновски последните години е надвор од службите. Во своето прво интервју, тој зборува зошто Мијалков му се одмаздува, како е наместен во „Шпион“, што знае за криминалот на власта и како познат грчки бизнисмен, споменуван во Скопје како заштитен сведок, ја одиграл улогата против него.

Разговараше
Љубиша АРСИЌ