Готово е, дури сега е готово со режимот на Груевски!

by Фокус

„Благодарејќи” на поранешниот премиер Никола Груевски, засега и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, и на неговиот послушник д-р Ѓорге Иванов, кој сѐ уште претседател, засега, речиси ништо не се знае. Што конечно ќе биде со изборите кои очајнички ги сакаат за 5 јуни?

Што ќе се случи со неуставната аболиција на криминалната и корумпирана диктатура, која им е последната сламка за спас. А што од нив, преплашени и осамени, и друго да се очекува? Ама баш им е гајле за Македонија! „Око не им трепнува” за сѐ помасовните протести во земјата и силните реакции кај нашите сериозно загрижени меѓународни пријатели.

А „забеганите лудаци”, како што самите си признаа и се нарекоа, продолжуваат да го „збрлавуваат” и „спобудалуваат” послушниот им народ. Мува не ги лази.

Пастирот си тера нови и сѐ понови, ама мега проекти. Ги остави кравите недомолзени да мукаат, па пак ја објаснуваше гасификацијата, и тоа не обичната, туку „националната” (?!). Потоа нѐ изгоре со проектот „Греење на пелети” кој замислил да почне, како и сѐ друго, во идно време. Во 2017 година. И, ако „политичкото здравје” го послужи, ќе го заврши до 2066 година. Не смее да се заборави „Од град во село за нов почеток”. Како вовед во гига-проектот „Од власт во затвор за нов крај”.

Но, тоа не е сѐ! Пастирот ветил пред четири години, и ќе нѐ израдува со „Рајски парк” за кој ЕЛЕМ, како да е електрана, ќе потроши „бедни” 15 милиони евра!!! Ќе има сѐ и сешто, срни, фазани, пауни, зајаци и мајмуни. Ц, Ц, Ц.! А од државава направи „Пеколна џунгла”.

За ова, дијагнозата е или „Шизофрена перверзија” или „Перверзна шизофренија”.

Пишува
Александар ДИМИТРОВ

Целиот текст може да го прочитате во најновиот број од неделникот „Фокус”