Филипче жестоко ја нападна платформата „12:05“: Овa е вмровска шема, во позадина се кријат истите актери од „Рекет“

by vlatko 13:31
13:31

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со жестоки обвинувања се нафрли на поранешните функционери на партијата поврзани со платформата „Разговори за иднината во 12:05“, нарекувајќи ги „шемаџии“ и „пучисти“ и обвинувајќи дека зад нив стои премиерот Христијан Мицкоски.

-Христијан Мицкоски ги прати да нѐ дефокусираат. Ама нема да успеат. Видовме формирање на ЗНАМ. Но нема да им успее. Ние се бориме за интересите на граѓаните и државата, затоа што СДСМ не е пазар на кој секој може да дојде и да земе што сака – рече Филипче.

Тој порача дека СДСМ, како што рече, секогаш водел државотворни политики и дека обидите за поделба на партијата нема да успеат.

-Овие шемаџии, овие пучисти нема ништо да направат. Ова е ВМРО-вска сцена – рече Филипче.

Лидерот на СДСМ ја критикуваше платформата и поради учеството во разговори со претставници на Левица, притоа спротивставувајќи ги надворешнополитичките позиции на двете партии.

-Оваа партија дала заменик-генерален секретар на НАТО, а тие седат до луѓето кои држеа транспарент НАТО убива – рече Филипче.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ може да ја задржи власта само доколку СДСМ биде фрагментиран, а како пример го посочи формирањето на ЗНАМ.

-Нема друг начин ВМРО да владее ако нас не нѐ фрагментираат. Тоа го направија со ЗНАМ, а ЗНАМ веќе не постои, луѓето се враќаат кај нас. И сега се случи ова – рече тој.

Филипче призна дека изборниот пораз на СДСМ во 2024 година бил „катастрофален“ и рече дека разговара со луѓето за пропустите што довеле до него и за начинот на кој партијата повторно би ја освоила власта.

Потоа директно ги прозва дел од учесниците во платформата „Разговори за иднината во 12:05“, потсетувајќи дека и тие биле дел од раководните структури на СДСМ во периодот пред изборниот пораз.

-Таму на масата вчера седеа неколку луѓе кои учествуваа во работата на СДСМ до 2024. Игор Шема ја правеше програмата. Андреј Петров беше шеф на штаб. Славјанка Петровска држеше една од највисоките министерски функции – ресорот одбрана – рече Филипче.

Тој го спомена и поранешниот вицепремиер Артан Груби, тврдејќи дека неговото однесување влијаело врз рејтингот на СДСМ, а од поранешните функционери побара одговор што направиле во тоа време.

-Дивеењето на Артан Груби го намали рејтингот на партијата. Што направија за да го спречат тоа? – праша Филипче.

Ги прозва и за односот кон францускиот предлог и измените на Кривичниот законик.

-Се смени Кривичниот законик. Што кажаа тие другари? Реформата е што нив ги нема! Тие за малку ќе ја закопаа партијата – рече Филипче.

Тој додаде дека го презел СДСМ во, како што оцени, најтешката состојба во поновата историја на партијата и ги отфрли пораките на платформата за промени во нејзиното раководење.

-Јас ова не го правам за пари, туку бидејќи имам верба. Сум покажал како се работи напорно и во Министерството и во Клиниката – рече Филипче.

Воедно, тој обвини дека цела операција против СДСМ е „вмровска шема“, а воедно порача дека позади ова стојат истите актери од случајот „Рекет“.

Слични вести