Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва изјави дека по завршувањето на локалните избори во Собранието ќе предложат македонска резолуција која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси.
Мицкоски изнесе повеќе забелешки за предложената резолуција на СДСМ, наведувајќи дека она што му паднало во очи во преамбулата е дека содржи неточни факти и лаги, и дека на ваков начин не се штитат македонските национални интереси.
– И ние како ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна државотворна партија ќе направиме една вистинска резолуција. Еве како подлога ќе ја искористиме оваа резолуција и преку собраниските комисии после завршувањето на локалните избори ќе формираме т.н. македонска резолуција која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Нешто што, за жал, за СДСМ видовме дека во минатото не постои, а мене ми е жал што и овој претседател на СДСМ како и неговите двајца претходници продолжува по таа патека, рече Мицкоски.
Рече дека имал кратко време да го прочита документот што СДСМ го достави во Собранието и немал време да навлезе во детали.
-Да речеме се обидува да се негира еден историски факт и да се каже дека македонскиот јазик бил официјален јазик во ОН во 2019 година. Тоа е една монструозна лага, посебно во годината кога славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и неговото примање во ОН како официјален јазик на тогашната југословенска федерација заедно со српско хрватскиот и словенечкиот јазик. Бидејќи денеска целта ни е културата, јас би сакал овој монструозен фалсификат кој што е дел од оваа резолуција категорички македонската јавност да го отфрли и да го осуди, рече Мицкоски.
СДСМ, пак, денеска преку претседателот Венко Филипче ја претстави својата резолуција – црвените линии уставни измени до февруари и старт на ЕУ преговорите.
„Прво, Владата и сите институции доследно да се придружуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, историските, идентитетските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со ЕУ. Ова се нашите црвени линии и сметаме дека треба да бидат црвените линии на целата нација.
Второ, дека Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги уставните измени, со јасна определба дека тоа е последна пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален идентитетски карактер. Сите билатерални прашања со Бугарија да се решаваат во билатерални разговори и инструменти, на еднаква основа без да се создаваат нови блокади на преговарачкиот процес“ – рече Филипче.