Филипче се сретнал со Ахмети: Зошто пропаднале разговорите за изборна соработка меѓу СДСМ и ДУИ?

Пред локалните избори, се одржала средба меѓу Венко Филипче и Али Ахмети, но не бил постигнат договор за изборна соработка меѓу СДСМ и ДУИ, вели за „Фокус“ висок функционер на СДСМ. Според него, ДУИ не се согласила да нема кандидати за градоначалници во општини битни за СДСМ како Куманово. Единствен исклучок е Крушево, но нашиот соговорник вели дека тоа било договорено меѓу локалниот огранок на СДСМ во Крушево и пратеник на ДУИ од петтата изборна единица. Освен со Ахмети, истиот извор од Бихаќка вели дека Филипче имал средба и со потпретседателот на ДУИ Бајрам Реџепи. Сепак, од ДУИ ги негираат ваквите тврдења.

by vlatko 19:28
19:28

По ланските парламентарни избори, кои ги испратија дотогаш владејачките СДСМ и ДУИ во опозиција, двете партии целосно се дистанцираа една од друга, откако претходно имаа долгогодишна плодна соработка како дел од власта во 2 последователни мандати.

Притоа, СДСМ порача дека внатрепартиската анализа им укажала дека, меѓу другото, на изборите платиле голема цена и поради однесувањето на ДУИ во рамки на Владата, како резултат на што граѓаните ја доживеале СДСМ како подредена во однос на ДУИ.

Од друга страна, пак, ДУИ уште пред ланските двојни избори почна да се одалечува од СДСМ, додека во пресрет на изминатите локални избори го обвини довчерашниот коалициски партнер дека е во тајна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно со тоа, немаше ниту една официјална информација за средба или средби меѓу функционери на СДСМ и ДУИ, напротив – и од двете партии тврдеа дека нема никаква комуникација меѓу нив.

Во меѓувреме, излегоа неофицијални информации дека лидерот на СДСМ Венко Филипче се сретнал со Кренар Лога, близок соработник на Зијадин Села, а Филипче јавно потврди дека се состанал со лидерот на другото крило на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Неофицијално, на овие средби се разговарало за изборна соработка во рамки на опозицијата, при што двата табора на АА барале поддршка од СДСМ во Струга, Гостивар и други општини каде имаа свои кандидати, и обратно – СДСМ го опипувал пулсот за поддршка од албанската опозиција во доминантно македонски општини каде има значителен број на Албанци.

Но, како што велат за „Фокус“ извори од СДСМ, Филипче остварил една предизборна средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и со еден од потпретседателите на партијата Бајрам Реџепи, кој беше кандидат на интегративците за градоначалник на Тетово.

Имено, според нашите соговорници од СДСМ, средбите не резултирале со договор за изборна соработка, бидејќи ДУИ не се согласила да не вади кандидат за градоначалник на Куманово и на други општини битни за СДСМ и во нив да ги поддржи кандидатите за градоначалници на социјалдемократите.

Во таква ситуација, додаваат тие, СДСМ останал на ставот да не исфрли кандидати за градоначалници во Тетово, Гостивар, Струга, Кичево, што пак одеше во прилог на кандидатите на владејачките ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ, кои со заеднички сили водеа жестоки битки со ривалите од коалицијата НАИ предводена од ДУИ.

Од сите општини каде имавме интерес, ДУИ единствено не извади кандидат за градоначалник на Крушево, но тоа не беше договорено на највисоко ниво, туку меѓу структурите на СДСМ на локално ниво во Крушево и пратеник на ДУИ од петтата изборна единица, кој всушност стана пратеник при прегласувањето на ланските избори вклучително и со помош на нашите структури во Крушево – вели висок функционер на СДСМ.

Патем, тој уверува дека немале генерална одлука да соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, како што често го обвинуваат СДСМ, но не ја исклучува можноста локалните структури на партијата во одредени општини да поддржале кандидати на власта, пред се оние на ВЛЕН во Чаир и Тетово.

Во врска со средбите на релација СДСМ-ДУИ, за кои добивме потврда од Бихаќка, се обративме и до ДУИ, но од таму тврдат дека ниту Ахмети, ниту Реџепи имале средба со Филипче, истакнувајќи дека спротивните тврдења се „апсолутна невистина“.

По оставката на Чупеска, разрешен ќе биде Илиевски – СДСМ ќе има еден потпретседател помалку!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести