Филипче го нарече Мицкоски „малиот Вучиќ“

by jadranka 11:42
11:42

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на новогодишната завршна средба со медиумите го повтори својот став дека е очигледна соработката на македонските власти со српската власт на тамошниот претседател Александар Вучиќ и партијата СНС. Филипче оценува дека на „јавноста веќе ѝ паѓа во очи како премиерот Христијан Мицкоски сака да го имитира Вучиќ во зборувањето, стоењето, движењето и концептот на изјавите“.  Отиде и чекор понатаму и го нарече македонскиот премиер – „малиот Вучиќ“.

Филипче направи и споредба помеѓу трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ и трагедијата на железничката станица во Нови Сад. Лидерот на СДСМ потенцира дека, по примерот кај северниот сосед и кај нас има функционери од власта кои што се целосно заштитени и не се опфатени со истрагата за Кочани.

Зборувајќи за патот на Македонија во ЕУ, лидерот на социјалдеморкатите беше дециден дека вметнувањето на Бугарите ќе не однесе таму каде што стратешки и со децении наназад како држава се стремиме да стигнеме. „И тоа е повторно една форма на извртување на фактите и спинување за да се претстави како предавство, а во суштина да нема реформи, европски обвинители и трансформација на правосудството и да продолжи да цвета криминалот и корупцијата“, рече Филипче, обвинувајќи ја власта дека намерно го кочи процесот, со поддршка од претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.

Тој демантираше дека има удел во бизнисот на екс-премиерот Зоран Заев, како и дека нема никаква релација со изградба на 42-катницата во Дубаи, како што обвинија од ВМРО-ДПМНЕ. Филипче на брифинг со новинарите истакна дека нема станови во ОАЕ и потенцира дека се работи за дефокус од  „кујната“ на ВМРО-ДПМНЕ.

Коментирајќи ја златната виза како што рече – имал виза за многу други земји и дека тоа е дел од обидот да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми.

За поранешниот соработник на Заев, Томе Аврамски кој во емисија на српските медиуми изјави дека и Заев и Филипче имаат станови во Дубаи, претседателот на СДСМ рече дека „не го знае човекот“.

-Гледав некој рил од некое интервју на социјални мрежи и тоа се тие обиди за дефокус од кујните на ВМРО-ДПМНЕ. Знам дека кога се притиснати до ѕид и не знаат да одговорат, посегнуваат по вакви приказни, кажа Филипче како одговор на новинарско прашање да ги коментира обвинувањата од владејачката ВМРО ДПМНЕ.

З.Ф. 

Слични вести