Европската комисија денес презентираше упатства за заштита на малолетници онлајн и прототип на апликација за проверка на возраст, која треба да ги спречи децата да пристапуваат до штетна и опасна содржина онлајн.
Апликацијата за проверка на возраст првично ќе биде тестирана во пет земји, Данска, Грција, Шпанија, Франција и Италија. Овие земји ќе бидат првите што ќе соработуваат со Комисијата на техничко решение со цел лансирање национални апликации за проверка на возраст. Овој прототип би можел да се интегрира во национална апликација или да остане самостојна апликација, соопшти Комисијата.
Целта е секоја земја-членка на ЕУ да развие своја апликација, бидејќи земјите имаат различни правила за пристап до одредена содржина онлајн. Ова би им овозможило да ги прилагодат ограничувањата за возраст за различни услуги – од веб-страници за порнографија или коцкање до социјални платформи како што се Instagram или TikTok.
Ќе им овозможи на корисниците да докажат дека имаат над 18 години
Апликацијата ќе им овозможи на корисниците лесно да докажат дека имаат над 18 години кога пристапуваат до ограничена содржина онлајн. Во исто време, тие ќе имаат целосна контрола врз сите други лични податоци, како што се нивната точна возраст и идентитет.
Откако апликацијата ќе биде готова, корисниците ќе можат да ја преземат и да ја користат за да проверат дали можат да пристапат до одредени веб-страници и платформи врз основа на нивната возраст.
Насоките презентирани од Комисијата вклучуваат препораки за справување со онлајн насилството, штетната содржина и несаканите контакти меѓу млади луѓе и странци. Тие имаат за цел да ги намалат ризиците со кои се соочуваат младите луѓе онлајн, како и да ја заштитат својата приватност.