Американските инвестициски фондови „Аргентем Крик Партнерс“ и „Иноватус Капитал Партнерс“ ја презедоа контролата врз еден од најголемите терминали за жито во Украина – „Олимпекс“ во градот Одеса – по повеќегодишен правен спор.
Тие го постигнаа ова по повеќегодишен правен спор и со помош на администрацијата на претседателот Володимир Зеленски, објавува „Фајненшл тајмс“ (ФТ).
Партнерот на „Аргентем Фонд“, Џон Патон, објави дека терминалот би можел повторно да биде во функција веќе ова лето, најдоцна до септември, а оперативното управување ќе му биде доверено на шведскиот инвеститор Карл Стурен.
Според „ФТ“, спорот започнал кога украинските сопственици на терминалот, поврзани со групацијата „ГНТ“, не успеале да го вратат заемот од 95 милиони долари што го добиле од американските доверители.
Истрагата открила дека информациите за залихите од жито, кои биле обезбедување за заемот, биле фалсификувани. Еден од поранешните сопственици на терминалот, Владимир Науменко, беше уапсен во мај под обвинение за измама, а неговиот деловен партнер, Сергеј Гроза, тврди дека случајот бил политички мотивиран, објавува „Комерсант“.
Со одлука на Врховниот суд на Украина од 9 јули, терминалот официјално беше префрлен во сопственост на американски фондови.
ФТ наведува дека капацитетот на „Олимпекс“ е околу пет милиони тони годишно, што го прави еден од клучните инфраструктурни објекти кога станува збор за извоз на жито од Украина.