Две жени загинаа во напад со руски дронови во областа Харков

by irena 10:41
10:41

Две лица загинаа, а две други беа ранети во напад со руски дронови извршен изминатата ноќ врз селото Лебјаже во областа Харков, Украина, соопшти денеска началникот на Воената управа на областа Харков, Олег Синегубов.

Синегубов изјави дека местото било нападнато со шест дрона, при што загинале две жени на возраст од 73 и 66 години, пренесува „Укринформ“.

Според него, во нападот се запалиле пет приватни куќи, три биле уништени, а оштетени биле 20 приватни куќи и три помошни објекти.

За време на нападот со руски дронови врз областа Одеса во Украина, изминатата ноќ била погодена инфраструктурата на меѓународниот граничен премин „Табаки“, лоциран на границата со Молдавија, соопшти денеска Државната гранична служба на Украина.

Во нападот биле оштетени зградите и објектите на граничниот премин, каде што избувнале пожари, а сообраќајот на тој премин моментално е во прекин.

Како што беше соопштено, изминатата ноќ руската армија лансирала 135 дрона кон Украина, од кои повеќето биле неутрализирани од противвоздушната одбрана.

 

Слични вести