Две посети на Бугарија, моите први дипломатски мисии

На Ганев му пречи членот 49 од Уставот на Македонија, истиот оној што не ѝ беше по волја на Грција. Тој гласеше: „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив...“.  За да ја ублажи тензијата, бугарскиот минстер предлага договор за пријателство и соработка или некаква политичка декларација меѓу Бугарија и Македонија. 

by valentina 13:44
13:44

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија

КАБИНЕТОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

Во таа 1991 година, центарот на сите значајни одлуки за иднината на Македонија стана кабинетот на претседателот Киро Глигоров. Во работата на претседателскиот кабинет, во организациска смисла, се повторуваше сликата од Министерството за надворешни работи. Значи, ни таму состојбата не беше ништо подобра. Од екипата на триесетина именувани советници, претседателот работеше само со двајца – Ахил Тунте и Снежана Османли. Затекнувајќи го како самиот си ги пишува обраќањата до јавноста, Глигоров ќе рече, повеќе како констатација: „Ама и ти сакаш самиот сè да сработиш?“.

Тоа беше така. Сите говори и други обраќања ги пишував самиот. Пишував и документи што излегуваа со амблемот на Министерството. Сепак, тоа го правев од нужда. Едноставно, во тие први години, поголемиот дел од кадарот на државната администрација беше неупотреблив за новото време и на предизвиците пред кои беше ипсравена идната самостојна држава. Претпоставувам дека така беше и во поголемиот дел од министерствата каде што немаше луѓе што знаеја англиски јазик, а стратешката цел што си ја поставивме беше евроатлантската интеграција.

Се сеќавам дека во една дикусија на владата укажав на ургентната потреба во секое министерство да има луѓе што знаат англиски, а на масата на секој министер нормите на Европската заедница како водич низ замрсеното секојдневие. Меѓутоа, никогаш не се постигна таква координација на акциите на владата потребна за забрзано движење кон евроатлантските интеграции и сè се претвори во еден долг и мачен процес.

Но, во меѓувреме, мораше да се носат одлуки. Некаде по месец-два од моето именување за министер за надворешни работи, за првпат влегов во кабинетот на претседателот Глигоров на некаков состанок на кој бевме тројца од владата – премиерот Кљусев, вицепремиерот Ристовски и јас. Не се сеќавам на темите на состанокот, но паметам дека Кљусев и Ристовски извадија бележници и ги запишуваа инструкциите на Глигоров. „Тој е млад и памети, па не мора да запишува“, коментираше Ристовски, насочувајќи го погледот кон мене. Како професор по компаративни политички ситеми, предавав дека во една успешна демократија, секоја од институциите на власта, Претседателот, Владата и Парламентот, треба да имаат автономија, зашто само преку балансирање и заемна контрола се доаѓа до најдобрите одлуки за државата. Но, тоа беше теорија. И не дека во неколку наврати не се обидов да укажам на овој дефект на нашиот политички систем. Меѓутоа, бруталната реалност на една држава што се распаѓаше под ударите на непријателските национализми бараше ургентни и промислени одлуки за Македонија. Во тој момент, главниот товар за тие одлуки го носеше претседателот Глигоров.

ПОСЕТА НА БУГАРИЈА КАКО ЧЛЕН НА ЈУГОСЛОВЕНСКАТА ДЕЛЕГАЦИЈА ПРЕДВОДЕНА ОД БУДИМИР ЛОНЧАР

Мојата прва дипломатска мисија, само неколку недели откако бев избран за министер за надворешни работи, беше во Бугарија. На 20 април 1991 година отидов таму во придружба на Будимир Лончар, сојузниот министер за надворешни работи. Тоа беше на иницијатива на претседателот Глигоров, кој на сојузните органи сакаше да им го наметне принципот на споделување на моќта во надворешната политика. Тоа беше издејствувано во директен контакт на нашиот претседател со Лончар, познаник на Глигоров, кој, многу години, и самиот беше во врват на сојузните органи на власта и имаше бројни контакти во Белград, но и во републиките. Читателот ќе забележи дека во 1991 година сè уште постоеше Југославија и дека распадот се случи преку процес. Значи, по барање на претседателот, заминав во Белград, во Сојузниот секретаријат за надворешни работи за да се запознаам со деталите од посетата на Софија.

Беше вторпат како влегувам во Сојузното министерство за надворешни работи, првиот неколку години порано кога седнав да го полагам испитот за иден амбасадор на Југославија. Испитот го положив, но амбасадор не станав. Сега, кога сојузната држава беше на прагот на дезинтеграција, се вратив, но во друго својство: како министер за надворешни, на една од шесте републики. Старите дипломатии зборуваа со симпатии за татко ми Владо и им се чинеше некако логично јас, претставникот на новата македонска дипломатија, да седам со нив. Ме загрижи само воинствената реторика, кога, во меѓусебен разговор, некој рече дека ЈНА ќе ја смачка Австрија ако продолжи да се меша во внатрешните работи на Југославија преку Словенија.

Полн со идеализмот на новото време на демократија, мир и соработка во цела Европа, бев зачуден што мојата прва дипломатска лекција како министер беше во знакот на класичниот принцип на реализмот – принципот на силата. И Бугарија, имено, размислуваше во категориите кој кого ќе смачка. На разговорите, бугарскиот министер за надворешни работи искажува стравувања, политичката нестабилност на Балканот да ги отвори старите спорови. Вели дека Бугарија е мала земја и се плаши да не стане плен на големите сили, зборува за потребата да се биде претпазлив, за неправедните квоти за разоружување што ги добила Бугарија по распадот на источниот блок, предупредува на големиот дебаланс на моќ на Бугарија, од една страна, и Турција и Грција, од друга, и вели дека во некои видови оружја, Турција доминира над Бугарија 1-6, укажува на зајакнатата положба на Грција како последица на ирачката војна и на постојаното модернизирање на турските и грчките вооружени сили и помошта од НАТО. Вели дека најмалку се загрижени што нивниот сосед Југославија има армија трипати поголема од Бугарија (пример како во дипломатската комуникација можете да изразите загриженост без да го вознемирите гостинот, помислив).

Лончар зборува за нужноста од изградба на систем за безбедност во Европа со помалку оружје и со повеќе сигурност за сите, за нерамномерноста во развојот на Европа помеѓу нејзиниот Свер и Југ и тешкотиите на земјите што минуваат низ реформи. За ЕЗ како гравитационен центар на моќ опколен со прстени на регионална соработка како концентрични кругови, за КЕБС, кој можеби не може да реши сè, но може да биде центар за воспоставување нова рамнотежа на интересите и на моќта. Се разбира, стана збор и за заштитата на националните малцинства и непроменливоста на границите, како две страни на еден медал. Како претставник на држава со огромна меѓународна активност и влијание, секогаш беспрекорно облечен и зачешлан, Будимир Лончар доминираше во овој југословенско-бугарски дијалог.

Така ќе го запамтев да не го видев во една поинаква светлина. Имено, посетата заврши со инцидент, и тоа не со домаќинот, туку меѓу Југословените. Со раскопчана кошула и со неуредна коса, силно изнервиран, во просториите на југословенската амбасада во Софија, Лончар со ококорени очи ме прашува:

„Па, добро, Малески, што сака тој. Ако сака да биде министер за надворешни работи, нека каже, па ене му… Можеше да почека барем јас да заминам!“.

Како на тотален новајлија во високата југословенска политика, следеше дополнителен напор да ми се објасни дека станува збор за Васил Тупурковски, членот на претседателството на СФРЈ од Македонија. Тој, имено, решил, во исто време, да ги посети Македонците од Пиринска Македонија, со кои беше предвидено да се сретне и Лончар. Тоа, се разбира, предизвикало незадоволство кај домаќините. Меѓутоа, она што сериозно ме замисли беше сознанито дека отсуствува договор и координација меѓу првите политичари на Југославија. Го забележав и судирот на персонални политики на поединци во борба за сопствениот политички опстанок или напредок.

Ова што се случуваше во Софија, како што ќе покажат идните настани, беше само една нејзина манифестација. Дебатите за иднината на Југославија продолжуваа, меѓутоа, по неуспешните средби на претседателите на републиките, федералните структури забрзано ја губеа моќта во ривалство со „националните“ политичари, кој го напуштаа сојузниот брод што тоне и ја бараа својата нова политичка шанса на национален терен, во републиките. Распадот на Југославија продолжи.

 ПОСЕТАТА НА БУГАРИЈА КАКО ШЕФ НА МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА 

Мојата следна посета на Бугарија беше веќе во својство на министер за надворешни работи на мала, невооружена држава со тотално неизвесна иднина, која бараше да биде меѓународно призната. За мене, тоа беше процес на практично учење на теоретската лекција од меѓународната политика што вели дека додека големите сили влијаат врз целиот свет, регионалните врз регионот, малите држави имаат само една цел – да опстанат. На средбата со Жељу Желев доаѓам во придружба на нивниот министерот за надворешни работи, Стојан Ганев. Желев изразува поддршка за независна Македонија и додава дека „Бугарија секогаш ќе ѝ биде прозорец за излез од тешката ситуација на Македонија.“ Се збогувавме, а јас, благодарен за поддршката, размислувам дека вратата е секогаш позгодна за излез од прозорецот. Меѓутоа, овој израз можеби беше и резултат на научените лекции од Балканските, а потоа и од Првата и од Втората светска војна и поразите што ги доживува Бугарија во обидите да ја окупира Македонија. Овојпат таа немаше такви амбиции, па Бугарија беше задоволна и со фактот дека ние сме независна држава. Бугарија, ако не се сметаат новопрогласените држави на некогашната федерација, беше првата што ја призна независноста на Македонија, а подоцна, во услови на грчка блокада, ни ги отвори границите за дотур на нафта. Нејзиниот државен интерес, колку и старите сентименти кон населението што тие го сметале и мнозинството сè уште го смета за дел од нивната нација, го условуваше овој бугарски став. Во тој момент беше важно за Бугарија да се намали влијанието на Белград. Но, на врвот на надворешно-политичките приоритети на Бугарија, сепак, не беше Македонија, туку членство во НАТО и во ЕУ.

Се сеќавам, кога, во еден момент, бугарскиот министер Ганев ме покани во друга просторија на разговор, преведувачката, која беше дел од делегацијата, скокна прва. Ѝ реков внимателно дека не е потребно нејзиното присуство, но таа одлучно тргна кон другата просторија за да биде присутна, иако мене не ми требаше превод. Ми беше малку чудно тоа поведение, но, нејсе, немав намера да се расправам пред домаќините. Оти, навистина, иако јазиците ни се слични, во некои ситуации, потребна е помош и од преведувач. На Ганев му пречи членот 49 од Уставот на Македонија, истиот оној што не ѝ беше по волја на Грција. Тој гласеше:

„Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив…“.

За да ја ублажи тензијата, бугарскиот минстер предлага договор за пријателство и соработка или некаква политичка декларација меѓу Бугарија и Македонија.

(Продолжува) 

 

 

Слични вести