ДУИ и АА реагираат на изјавата на Мицкоски за УЧК: Охридскиот договор отворено се прекршува

by vlatko 16:55
16:55

Потсетувањето на 2001 година не е „стара тема“, туку потсетување на цената што граѓаните ја платија за еднаквоста и за Охридскиот договор, кој денес отворено се прекршува од актуелната влада.

Вака реагираат од ДУИ по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во фокусот на Владата е иднината, а не минатото, и дека разумните политичари треба да се воздржат и да не се враќаат на теми што се затворени, да не ја следат политиката на поделби на ДУИ, туку да се фокусираат на теми од иднината.

„Наместо да ни држи лекции околу тоа за што треба да зборуваме, премиерот треба да им објасни на граѓаните зошто: го укина на противуставен начин правичното и соодветно застапување како уставна вредност што произлегува од Охридскиот договор, мајоризацијата се врати во одлучувањето, дури и во Уставниот суд каде одлуките сега се усвојуваат со етничко надгласување, неговата партија предложи укинување на Законот за употреба на јазиците, а тој е најголемиот застапник на идејата за негово непочитување, во администрацијата Албанците се дискриминираат, албанскиот јазик се игнорира од институциите, албанската дијаспора е исклучена од процесите на одлучување и од финансиската поддршка од власта, вклучувајќи го и противуставното намалување на бројот на општински советници, развојните проекти во албанските општини се блокираат, а инвестициите ги заобиколуваат областите каде живеат Албанци, концептот на „српскиот свет“ е претворен во државна политика, потврдено и во последниот извештај на Европскиот парламент, ја блокира европската иднина, се избегнува ветинг, не ја поддржува иницијативата за истрага на секој функционер, се избегнува истрага за процесот на приватизација“, стои во реакцијата на ДУИ.

Се огласија и од Алијанса за Албанците на Зијадин Села, од каде истакнаа дека изјавите на Мицкоски за Националноослободителната армија се скандалозни и претставуваат отворена провокација кон националните чувства на Албанците.

Од таму обвинуваат дека Мицкоски се обидува да негира и забрани „славен дел од историјата“ и додаваат дека досега премиерот „поништил многу права и достигнувања“.

„Она што нè загрижува уште повеќе е молчењето на Албанците во Владата, кои очигледно сакаат да го поминат ова со релативизации, па можеби дури и со напади врз Албанците како што правеа досега“, велат од АА.

Слични вести