ДУИ: 40 милиони евра изгубени – дебакл на европската агенда на сите фронтови

by irena 08:09
08:09

„Во сенка на големиот дебакл во Европскиот парламент поминува веста дека државата изгуби речиси 40 милиони евра од Планот за раст на Европската Унија. Овие средства не беа симболични. Тие беа наменети за поддршка на реформите што директно влијаат врз економијата, енергетиката, образованието и стандардот на граѓаните. Но, неспособноста, некоординираноста и институционалниот хаос станаа пречка дури и за повлекување на веќе одобрени фондови. Министерството за енергетика доби негативна оценка од Брисел за реформите што требаше да ги спроведе до декември 2024 година, со што државата остана без 2,1 милион евра“ реагираат од опозициската ДУИ.

Од партијата велат „Истото министерство не ги исполни ниту обврските за јуни 2025 година, со што се изгубија уште најмалку 10 милиони. Министерството за финансии, пак, со ист таков неуспех, го загуби најголемиот дел од очекуваните 4,2 милиони евра. Три министерства, три сериозни институции, и ниту едно чувство на итност, одговорност. Северна Македонија требаше да добие 17 милиони евра за реформите до декември и уште 70 милиони за обврските до јуни. Наместо тоа, добивме празна реформска каса, изгубен кредибилитет и понижување пред европските партнери. Во време кога регионот напредува, нашата држава сама си поставува сопки, блокирајќи го патот не само кон ЕУ, туку и кон нормалноста“.

„Ова е дебакл на портфолиото на Министерството за европски прашања, во чија надлежност е следење, координација, контрола, подготвеност и одржување на капацитетите за апсорпцијата на странската помош, особено таа од ЕУ. Ова е модел на владеење кој произведува застој, несигурност и економска штета. Владата не ја изгуби само довербата на Брисел, таа ја губи и довербата на сопствените граѓани. Никој не може да зборува за развој и просперитет, додека паралелно го блокира пристапот до фондови што се заслужени, не подарени“ велат од ДУИ.

Слични вести