Државата нема да ги иселува граѓаните што имаат минерали под својот имот: Имало грешка во преводот на Законот

by irena 14:59
14:59

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини предложи два важни предлог-закони за геологија и за рударство, кои предизвикаа цунами од реакции меѓу граѓаните и еко-заедницата.

Со новиот закон треба се отвори вратата за влез на експлоататори на руда, односно критични минерални суровини, како литиум, бакар и кобалт, потребни за исполнување на целите од зелената агенда на ЕУ.

Еко-организациите и јавноста реагираа на членот 10 кој дозволуваше „концесии и на приватно земјиште при што инвеститорот мора да поведе постапка за експропријација.

„Тоа директно удира по правото на сопственост на граѓаните! Дозволена експропријација на приватно земјиште значи дека, и покрај тоа што си сопственик на земјиште, можеш да бидеш иселен од својот имот ако државата реши дека под тебе има руди и треба да се отвори рудник (во име на „стратешки интерес“). Со тоа, граѓаните се соочуваат со ризик не само да го загубат својот имот, туку и да живеат покрај рудници со токсична прашина, експлозии и токсични јаловишта“, стоеше во реакциите на невладините.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) соопшти се работи за грешка во преводот и дека таква реченица во законот нема да има.

„Имаше многу забелешки пристигнато. Секторот беше во Хрватска каде експерти ни помогнаа да го усогласиме со ЕУ директивата. Сите забелешки кои беа добиени, ќе бидат ставени на јавна дискусија и усогласени со ЕУ, ќе ги вградиме во законот.

Но, делот што предизвика реакции дека ќе се одзема земјиште доколку има минерални суровини под него, не е така бидејќи е настаната техничка грешка при превод од страна на преведувачите во Министерството за европски прашања. Се работи за превод и поставување на законската регулатива, се работи за несреќен превод оти не постои во законот како реченица.

Во оваа фаза како сектор почнавме да ги вградуваме забелешките кои се применливи и ова беше грешка и тоа е веднаш отстрането“, истакнаа од Министерството за енергетика на брифинг со новинарите.

За новиот Закон за рударство кој уште во рана фаза беше јавно објавен на платформата ЕНЕР со цел да биде достапен за увид и анализа од сите засегнати страни, резултираше со исклучително голем одзив и пристигнаа над 100 предлози. Јавниот увид траеше до 28 август 2025 година, а во овој период пристигнаа бројни мислења, предлози и забелешки од компании, институции, стручната и граѓанската јавност.

Законот е целосно усогласен со европската регулатива. Предлог-законите се во согласност со најдобрите европски практики и ја транспонираат REGULATION (EU) 2024/1252 од 11.4.2024 година, велат од Министерството.

Според новиот закон, инвеститорот ќе има обврска за санација и рекултивација на терените по завршувањето на рударските активности, но и можност за преработка и искористување на минералната суровина од старите одлагалишта.

Најголемиот дел од надоместоците за минерални суровини и приходите од рударството да остануваат во општините каде што се врши експлоатацијата, компаниите ќе имаат обврска да инвестираат во социјалниот развој и заедниците ќе бидат вклучени во процесот на одлучување.
Министерството се надева дека со овие закони ќе се постигнат поголема контрола и транспарентност, односно јавноста ќе има поголем увид во процесот на доделување концесии, државата ќе има поголема економска корист преку повисоки такси и рударски надоместоци, концесионерите ќе имаат подефинирани права и обврски, ќе се спречи нелегалната експлоатација и незаконското ископување.

Најголемата промена ќе биде прифаќањето во домашното законодавство на директивите на Европската Унија, кои се однесуваат на критичните минерални суровини и таканаречени стратешки проекти во рударството. Поконкретно, усогласувањето е со минатогодишната директива на ЕУ, која цели кон енергетска независност на Унијата од трети земји, особено за минерали, како што се литиумот, бакарот, кобалтот и други минерали што се неопходни за исполнување на целите од зелената агенда.

Со новиот закон, Министерството ќе се обврзе да изработи листа на стратешки минерални суровини и листа на критични минерални суровини, кои владата ќе може да ги ажурира на секои три години.
„Листата на стратешки минерални суровини ќе вклучува, од проценетите суровини, суровини што се меѓу највисоките во однос на стратешкото значење, предвидениот раст на побарувачката и тешкотијата за зголемување на производството“, се истакнува во новиот нацрт-текст.

Орце Костов

Слични вести