Драган Ковачки нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, избран и новиот Извршен комитет на партијата

by jadranka 19:48
19:48

Драган Ковачки е нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, а партијата во идниот период ќе нема потпретседатели. Ковачки е избран во конкуренција на уште двајца, како што деновиве велеа брифинзите што доаѓаа од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ – досегашниот генсек и пратеник Ѓорѓија Сајкоски и директорот на СОЗР Ивица Томовски кој од сопартијците вечерва ја доби позицијата – Организациски секретар. Сајкоски веднаш му го честиташе изборот на Ковачки на позицијата што до вечерва ја имаше.

„Искрено, од срце ја изразувам мојата поддршка за Драган Ковачки како иден генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено, сакам да изразам искрена благодарност до претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, за укажаната доверба и за заедничкиот пат што го одевме од 2020 година до денес. Овие години беа исполнети со многу предизвици, притисоци и премрежија, но и со големи успеси кои ја потврдија силата, истрајноста и визијата на ВМРО-ДПМНЕ.  Убеден сум дека со Драган Ковачки како генерален секретар, со поддршка од претседателот и со заедништвото на членството, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи по патот на победите, реформите и исполнувањето на очекувањата на граѓаните“, објави на социјалните мрежи доскорешниот генерален секретар на партијата.

Изборот на Ковачки, заедно со екипирањето на  Извршен комитет, се одлуките што ги донесе Централниот комитет на најголемата владејчка партија, а ги обелодени пред медиумиоте лично лидерот Христијан Мицкоски. Одлуките, како што ги нарече, се клучни за модернизација и натамошно јакнење на партијата.

Составот на новиот Извршен комитет, Мицкоски го нарече спој на искуство и нова енергија, преку комбинација од членови од претходните состави и новоизбрани кадри. Според него, овие одлуки се јасен сигнал дека партијата се менува и се прилагодува на новите политички и општествени предизвици.

„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета партиска структура која ќе понуди конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните. Во периодот што следи влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија“, нагласи Мицкоски.

Тој најави и зајакнување на внатрешната организација, зголемување на транспарентноста и поинклузивен процес на вклучување на членството.

Во наредниот период, како што рече, ќе се спроведат избори за претседатели на општинските комитети, како и за нови раководства на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани, при што процесите ќе се водат инклузивно и со фокус на квалитет, одговорност и резултати.

Мицкоски го соопшти и составот на новиот Извршен комитет.. Освен Ковачки и Томовски во него влегуваат и досегашните потпретседатели на партијата –  министрите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриевска Кочоска и  Тимчо Муцунски, како и Никола Мицевски, координатор на пратеничката група; Луке Галевски од Кабинетот на Владата; потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски; пратеничките Дафина Стојановска, Рашела Мизрахи и Ели Панова; националниот координатор за демографија Влатко Ѓорчев; градоначалниците Кирил Пецаков, Орце Ѓорѓиевски и Онер Јакуповски; Марија Андоновска; Игор Јанушев; портпаролката на Владата Марија Митева; Благоја Ташаминов; Драгана Бојковска; Синиша Стојановски; министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски; Филип Поповски и директорот на Царина Бобан Николовски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави и зајакнување на внатрешната организација на партијата, зголемување на транспарентноста и поинклузивен процес на вклучување на членството. Во наредниот период, како што рече, ќе се спроведат избори за претседатели на општинските комитети, како и за нови раководства на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани, при што процесите ќе се водат инклузивно и со фокус на квалитет, одговорност и резултати.

З.Ф.

Слични вести