Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денеска изјави дека досега нема пријави за направена непотребна операција во врска со наводите дека се вршеле непотребни кардиолошки интервенции кај пациенти во приватните болници.
-До средата немаше ниту една пријава за евентуална постапка за непотребна операција. Ние повторно ги повикуваме сите пациенти што се сомневаат, без разлика дали имаат материјали и документи или не, бидејќи најголем дел од документите се чуваат во архивите на болниците, да поднесат претставки – рече тој.
Кардиохирургот Сашко Кедев пред десетина дена на јавен настап рече дека во приватните клиники во земјава се прават непотребни кардиолошки интервенции со цел да се извлечат пари од граѓаните.
Потоа, министерот за здравство Азир Алиу оствари средба со Кедев, на која разменија информации во врска со наводите дека се вршеле непотребни кардиолошки интервенции кај пациенти во приватни болници.
Министерството за здравство најави формирање на независна комисија составена од странски експерти со цел да се утврди дали навистина се вршеле неепотребни хируршки зафати во приватните здравствени установи.