ДНК на човечките вредности

by Фокус

Сакам да верувам дека најмладите генерации, кои сега растат во еден поинаков свет, „читањето“ на геномот ќе го користат само како придобивка за нивното здравје, за долг живот. Живот без предрасуди, без расизам, без дискриминација.

Пишува: Бисера КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА

Епохалното откритие на научниците да го прочитаат човековиот геном стана инспирација за еден интересен и поучен документарен филм што го гледав пред неколку години.

Во него, десетина млади луѓе од повеќе европски земји доброволно беа тестирани, односно нивната ДНК требаше да покаже со колкав процент ѝ припаѓаат на сопствената нација.

Додека ги чекаа резултатите, сите учесници одговараа на две прашања: која нација ја сакате најмногу, а која ја мразите.

Одговорот на првото прашање кај сите беше во полза на сопствената нација, а на второто прашање, одговорите беа различни, но „предност за омраза“ имаа соседите.

Кога резултатите беа готови и им беа соопштени, учесниците останаа занемени. Оние кои најжестоко се изразуваа против друга нација, излезе дека имаа висок процент на гени токму од таа нација. Многу интересно.

ОМРАЗА КОН СОСЕДОТ

И чудно е како човечката омраза најбргу расте кон оние што не ги познава доволно или кон оние што го немаат имиџот на своја, силна држава.

Или кон оние што се незаштитени и кон кои насилниците можат без последици да се однесуваат со омаловажување и дискриминација. А речиси е доволно да не го правите некому она што не сакате вам да ви го направат. Да. Културата не е семоќна, но е силна порака.

Слобода, демократија, човекови права и владеење на правото – зар тоа не се вредности што сите ги заслужуваме и подеднакво треба да ги уживаме.

Зар европскиот културен идентитет е целосен и реален без прифаќање на нашата разноликост.

Конески рекол: – „Од нас зависи дали нашата јазична средина ќе биде загрозена или не“.

Денес, македонистиката е еден од најважните столбови на државата, на македонскиот идентитет и посебност зашто зборуваме за темелна вредност на нашата држава, за заштитено духовно богатство, за загарантирана уставна категорија.

Зборуваме за бедем, кој цврсто и заштитнички стои пред нас, како и пред идните генерации Македонци.
Македонските лингвисти и литерати се застапени во престижните славистички центри и нивниот широкоглед на светот му нуди и научна разработка на некои општи теми, настани важни за историјата на македонскиот народ, како што се АСНОМ или Илинден.

НЕ Е ВАЖНО ШТО СМЕ

Тоа е влог во јазикот, зацврстен идентитет и зачувана историја и култура. И нема ниту една лажна вест или масовна хистерија што може да го наруши тој мир кога ова ќе си го согледаме и осознаеме.

Ќе можеме ли да се справиме со негативната страна на вештачката интелигенција, а сѐ уште водиме битка со дискриминацијата, ксенофобијата, нетолеранцијата, говорот на омраза, лажните вести?

Напишавме толку многу документи за кои се исечени милијарди стебла. Ќе се сетиме ли на ова, кога катаклизмично ќе ги почувствуваме климатските промени?!

Во таа борба за преживување, важно ли е дали и колку сме Роми, Македонци, Французи, Германци, Англичани, Полјаци, Унгарци, Словенци, Австријци, Американци… црни, бели, жолти, црвени… кога сè што е зелено ќе го снема.

Сакам да верувам дека најмладите генерации, кои сега растат во еден поинаков свет, „читањето“ на геномот ќе го користат само како придобивка за нивното здравје, за долг живот.

Живот без предрасуди, без расизам, без дискриминација. Зашто животот е и убав, и во суштина едноставен, а сепак краток.

(Авторката е потпретседателка на СДСМ)

Поврзани новости