Директорот на „Комунална хигиена“ поднел оставка за да не влијае на истрагата

by irena 11:16
11:16

Сабахудин Рустеми, директорот на ЈП „Комунална хигиена“ вчера решил од морални причини да поднесе оставка од функцијата. Ова го соопшти неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ откако нему му беше изречен 30-дневен притвор поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.

Алиспахиќ рече дека оставката на Рустеми не доаѓа затоа што се чувствува одговорен за ситуацијата со сметот во Скопје, туку за да не влијае врз истрагата.

Рустеми беше поставен на функцијата директор од се уште актуелната градоначалничката Данела Арсовска на почетокот на годинава.

Рустеми и раководителот на сектор за отпад – Аки Саити се сега во притвор, а според обвинителството, тие постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на обврските од Оперативната програма за собирање и транспортирање на комунален отпад, што резултирало со создавање мали депонии на јавни и сообраќајни површини во Скопје.

Вонредните инспекциски надзори и експертското мислење од Институтот за јавно здравје потврдиле дека ваквото управување со отпадот предизвикало оштетување на почвата, воздухот и водата, со потенцијална опасност по здравјето на граѓаните.

Слични вести