Дете во Франција почина во заклучен вжештен автомобил – таткото мислел дека е дома и дека спие

by irena 20:08
20:08

Тригодишно момче почина откако беше оставено во семејниот автомобил во Сен-Гратјен, северно од Париз, додека рекордно високиот топлотен бран ја пустоши Франција. Ова е трет таков смртен случај оваа недела, објави денес обвинителството во Понтоаз, пишува Euronews.

Детето се качило во автомобилот додека неговиот татко верувал дека спие. Не можел да излезе бидејќи безбедносната брава за деца била вклучена, потврди обвинителството, според информациите од полицијата и службите за итни случаи.

Јавниот обвинител Гирек Ле Бра изјави дека родителите и пожарникарите се обиделе да го реанимираат момчето, но без успех.

Според првите наоди од истрагата, мајката спиела со нивното второто дете, 18 месечно бебе, додека таткото работел во градинарската куќа.

Таткото му рекол на синот да оди да дремне, но момчето било надвор од видното поле на неговите родители најмалку 45 минути пред да се качи во отклучениот автомобил.

„Очигледно, тој се заклучил и бил заробен во возилото, а неговите родители го пронашле во несвест“, рече Ле Бра.

Мајката на момчето била однесена во болница во состојба на шок.

Ова е најновиот во низата смртни случаи на деца во возила за време на екстремна топлина.

Во понеделник, телата на две деца, на возраст од две и четири години, беа пронајдени во семеен автомобил на паркинг во Карпентрас на југот на Франција. Се претпоставува дека и тие избегале од надзор на нивната мајка и биле заробени во возилотo.

Средата беше најжешкиот ден во Франција откако започнаа евиденциите во 1947 година, со просечна национална температура од 30°C. Во Париз беа измерени 40,3°C, што е само четврти пат за 150 години главниот град да ја надмине таа температура.

Слични вести