Детали за брзата пруга: Ќе почне да се гради во 2026, наместо годинава, се приклучуваат и Грците во проектот

by irena 13:37
13:37

Брзата пруга е планирано да почне да се гради следната година и да биде завршена за 5 години. Покрај неа ќе се развие економска зона и поврзување со грчките пристаништа и Европа, што ќе ѝ даде посебен поттик на македонската економија, а ќе ја подобри и соработката на економиите на Македонија и Грција, изјави министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА.

Николоски во Грција имаше средби со вицепремиерот на Грција Костис Хаѕидакис, со министерот за инфраструктура и транспорт Христос Димас, со алтернативниот министер за инфраструктура и транспорт надлежен за железничкиот сообраќај Константинос Киранакис, како и со менаџментот на пристаништето Пиреа.

– Од наша страна ние планираме да градиме од граница до граница, значи од границата со Србија до границата со Грција. Се надевам дека следната година ќе почнеме со работа и рокот би бил пет години од почетокот на работата, што значи некаде 2031-2032 година би требало да биде завршена. На грчка страна нешто понапред е ситуацијата. Атина-Солун веќе има брза пруга која оди северно од Солун накај Аксиос. Од таму до границата со Македонија, до Гевгелија остануваат 50-ина километри за кои што добив ветување и на двете средби и со министерот за транспорт и со алтернативниот министер за транспорт, одговорен токму за железницата, дека ќе почнат да работат и да градат. Следната година почнуваат и тие, така што на тој начин двете држави ќе се поврзат – вели Николоски.

Тој очекува да се потпише петпартитен договор помеѓу Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија за соработка на Коридорот 10.

– Тој веќе беше подготвен и беше готов за потпишување уште минатата година, но поради политичката нестабилност што настана во Србија се одложи и сега повторно го враќаме на мапа и би сакале да го потпишеме и на тој начин да ја имаме и формализирано оваа соработка на петте земји што се на Коридорот 10 – вели Николоски.

Според него, брзата пруга треба да овозможи изградба на силна економска зона од двете страни на пругата и истовремено да им даде шанса на грчките пристаништа да се поврзат со Европа.

Слични вести