Денеска се слави вториот ден од Велигден – Светол понеделник

by irena 10:10
10:10

Православните верници денес го одбележуваат вториот ден од најголемиот христијански празник – Велигден, познат и како Светол понеделник.

Воскресението Христово беше објавено завчера на полноќ во сите храмови на Македонската православна црква. Бројни верници ги посетија црквите, запалија свеќи и се помолија за добро здравје, среќа и благосостојба за себе и своите најблиски.

Христовото воскресение – Велигден се смета за најголемиот христијански празник, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Овој празник претставува спој на верата и традицијата, негувана со векови. Обичаите започнуваат на Велики четврток, кога, пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Со денешниот Светол понеделник започнува Светлата недела. Со оглед на тоа дека велигденското празнување трае три дена, и денес продолжуваат семејните трпези, на кои се пречекуваат гости, роднини, соседи, пријатели и кумови.

Кај христијаните, овој ден е познат како Светол понеделник и се смета дека треба да помине во радост и веселба. Според народното верување, ако денот е исполнет со дружба и позитивна атмосфера, целата година ќе биде успешна и благословена.

Слични вести